Изненадување во Купот: ЖРК Металург е првиот финалист

1 min read

Денеска во првото полуфинале од завршницата на женскиот ракометен Куп на Македонија кој се одржува во Кавадарци, екипата на ЖРК Металург приреди изненадување.

Во спортската сала „Јасмин“ тимот од Автокоманда во полуфиналниот меч го елиминираше ланскиот шампион ЖРК Куманово со резултат 25:21.

Првото полувреме не најавуваше дека на крајот ќе се радува скопскиот тим, бидејќи ЖРК Куманово имаше предност од 12:10 на паузата, а во еден период стекна и „плус три“ (9:6).

Куманово добро го започна и вториот дел, одржуваше предност од три голови разлика (14:11, 17:14), а на 15 минути до крајот на средбата дојде и до највисоки 18:14.

Следуваше пресвртот, односно ЖРК Металург направи серија од 5:0 за преземање на водството од 20:19. Продолжи кризата во редовите на ЖРК Куманово, а тоа го користеше неговиот противник кој се одвои на „плус три“ и до крајот успешно ја задржа позитивата.

Големата македонска ракометна надеж, Младеновска во победничките редови реализираше 10 голови. На спротивната страна нашата репрезентативка, десниот бек Кипријановска деветпати се запиша во листата на стрелците.

Противник на ЖРК Металург во финалето в недела (17.00 часот) ќе биде победникот од втората полуфинална пресметка меѓу ЖРК Ѓорче Петров и ЖРК Чаир.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Саразин: Косово е срцето на Европа и местото му е во Советот на Европа

Следно

Џони Деп или Амбер Херд: На чија страна се познатите личности

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian