СКАНДАЛ Фондот за здравство праќал пациенти во Германија да им се пресади коскена срцевина, без целосно да и плати на болницата

15 mins read

За само еден случај, односно за еден пациент за којшто „Слободен печат” поседува документација за извршените болнички услуги во Германија, болницата побарува над 30 илјади евра и го тужи Фондот за здравство зашто четврта година тој не платил целосно за лекувањето.

Фондот за здравство на Република Македонија во 2018 година праќал пациенти кои добиле конзилијарно мислење дека треба да им се пресади коскена срцевина во Германија на лекување, но не ги подмирил фактурите за извршените здравствени услуги во германската болница, иако срцевината била пресадена, а пациентите го завршиле болничкиот третман и биле уредно испишани.

За само еден случај, односно за еден пациент за којшто „Слободен печат“ поседува документација за извршените болнички услуги во Германија, болницата побарува над 30 илјади евра и го тужи Фондот за здравство зашто четврта година тој не платил целосно за лекувањето.

Тој не е единствениот пациент за кој ФЗОМ има тужби, а за кои се таложат камати од илјадници евр, кои повторно ќе паднат на плеќите на државниот буџет, кој со ваквото неажурно постапување е оштетен. За побарување за друг пациент пак од 21 илјада евра болнички трошоци, каматата е пет илјади евра, невклучувајќи ги судските трошоци.

Случајот за кој имаме информации се однесува на пациент од Скопје кој во февруари 2018 година добил одобрување од Фондот за здравство да оди и да му биде пресадена коскена срцевина во германската болница „Свети Францискус“ во градот Фленсбург во Германија. За воопшто да биде примен во болницата, ФЗОМ исплатил 96 илјади евра авансно, но при лекувањето се појавиле и дополнителни трошоци, што не е невообичаено.

Во таков случај, ФЗОМ бара од болницата во рок од 30 дена да испрати финална, крајна фактура која требало да биде подмирена за 30 дена. Но четвртата година, бидејќи оваа крајна фактура Фондот не ја исплатил, болницата, за да си ги наплати побарувањата, го тужи Фондот пред арбитражен суд. Дека неплатените долгови се таложат, „Слободен печат“ доби потврда и од болницата „Свети Францискус“ во Германија. Од Фондот, пак, велат дека болницата не им пратила крајна фактура за 30 дена по завршувањето на лекувањето на пациентот, туку години подоцна.

Пациентот, во меѓувреме, добил повик од службеничка во фондот која го повикала да потпише барање за подмирување на финалната фактура односно на дополнителните трошоци, што пациентот изрично одбил да го стори, од страв да не биде вовлечен во финансиски импликации, а и поради тоа што, како што тврди, болницата во Германија кон него нема никакви побарувања, туку сите се кон македонскиот Фонд за здравство!

Службеничката од Фондот, телефонски го известила пациентот дека и тој е тужен за заостанатиот долг. Станува збор за повеќе од 30 илјади евра само за тој еден пациент, а не е познато дали има и други, колку финални фактури Фондот не исплаќал низ годините и за колку пари е оштетен државниот буџет на сметка на лекувањето на најранливите пациенти за кои во 2018 година во Македонија немало услови да им се изведат комплицираните медицински интервенции.

Пациентот со кого нашата редакција стапи во контакт, во болницата „Свети Францискус“ во Фленсберг поминал 58 дена во 2018 година. Самиот си платил стан додека траела медицинската интервенција, а болничкиот престој, процедурата, интервенцијата, сите администрирани медикаменти, ниту биле во доменот на неговите знаења ниту биле предмет на договор меѓу него и болницата, туку тоа било предмет на допис меѓу болницата и фондот.

– Ниту сум можел ниту сум знаел што и како ми е администрирано во инфузиите, од што се настанати тие дополнителни трошоци, ниту пак е моја работа. Во дописот од ФЗОМ до болницата на писмено е уредено што да се прави ако крајната фактура е повисока од првично авансно одобрените 96 илјади евра што им беа уплатени за воопшто да ме примат во болнички кревет во Германија. Се размислувам да одам во Јавното Обвинителство бидејќи сметам дека Фондот се обидува да ме доведе во заблуда, односно да каже дека болницата ме тужи мене, со цел да ме натера да потпишам барање за признавање на дополнителни трошоци, нешто за кое што немам обврска, со оглед на тоа што договорни страни се македонскиот фонд и германската болница, а јас само сум бил да се лекувам и немам ништо со трошоците за лекувањето, вели тој за ,,Слободен печат”.

Пред да го испрати на пресадување на коскна срцевина од ХЛА идентичен несроден дарител во траење од 58 дена, Фондот за пациентот добил иницијална фактура од германската болница, вредна 96 илјади евра, по што на болницата и испратил допис со следната содржина:

Со овој допис сакаме да ве известиме дека во случај во лекувањето да се јави потреба од продолжување на лекувањето повеќе од однапред планираниот временски период или доколку за истото се јави потреба од дополнителни трошоци за изведување на здравствени услуги, потребно е за тоа да не известите веднаш по вашето сознание за ова. Во случај доколку не се потребни дополнителни трошоци по приемот на болничко лекување на осигуреникот на Фондот во вашата здравствена установа, или во текот на самото лекување се јави потреба од промена на здравствените услуги односно истите не се планирани од ваша страна при доставувањето на профактурата, а поради тоа не се одобрени однапред од Фондот потребно ќе биде да не известите за промената веднаш по вашата медицинска проценка како би можеле да ви доставиме одобрување за нивно спроведување. Истовремено сакаме да ве известиме дека од страна на Фондот за здравствено осигурување на Македонија нема да бидат прифатени и платени трошоци за здравствени услуги кои не се однапред одобрени од наша страна. Фактурата потребно е да ја доставите во рок од 30 дена по завршување на болничкото лекување, а со цел секторот за сметководство да може финансиски да го затвори предметот.

Од оваа кореспонденција, произлегува дека германската болница морала да го извести Фондот дека се потребни повеќе пари за лекување уште пред да му бидат на пациентот администрирани скапите терапии или да му бидат изведени непланираните медицински интервенции, а дека Фондот морало да ги одобри! Во дописот пишува и дека болницата морала на Фондот да му испрати и конечна фактура и отпусна листа со детален медицински извештај за текот на лекувањето. Извештај морало да биде испратен и по половина од поминатото лекување, за лекарските комисии од фондот да бидат запознаени со здравствената состојба на пациентот што го пратиле на лекување во Германија. Рокот за доставување на конечната фактура морал да биде 30 дена по завршувањето на интервенцијата во 2018 година, според дописот. Фондот меѓутоа, во 2022 година, уште ги нема подмирено овие средства, поради што се таложат камати, а веројатно и судски трошоци.

Одговорност за ваквите скандалозни активности, нема од ниеден директор или службеник задолжен во ФЗОМ во тоа време. Прашање е како во 2018 година ревизијата во Фондот не видела дека има незатворени предмети за пациентите што биле испраќани во странство на лекување. Уште поскандалозно е што Фондот ги испраќал пациентите во Германија на лекување само со допис до болницата, а нејасно е дали имал склучено официјален, формален договор со болницата во кој се дефинирани правата и обврските на двете страни. Ако немало официјален договор, тогаш на болницата и било оставено време да ги побара заостанатите трошоци и после тие 30 дена наведени во дописот.

„Слободен печат“ за овој меѓународен скандал се обрати во ФЗОМ со прашања зошто не ги подмирувале фактурите од пред години и години поради што сега се соочуваат со тужби, за колкави побарувања од германските болници станува збор, колку од тие побарувања се такси, судски трошоци, кој бил директор, односно одговорен раководител во тоа време за лекување во странство, како и дали со нивното неажурно постапување, доведени во непријатна ситуација да бидат тужени се и пациентите.

Од Фондот ни одговорија дека прават „финансиско усогласување на парите што Фондот и ги испратил на болницата во Германија, како и на парите што болницата му ги должи на Фондот”. Но, од ФЗОМ се децидни дека германската болница не им испратила финална фактура за 30 дена како што барале во дописот, туку три години подоцна така што тие немале како да знаат дека дополнителни трошоци воопшто имало.

Доколку тоа е така, тогаш нејасно е зошто Фондот воопшто ќе ги исплаќа тие средства, со оглед на тоа што во дописот до болницата кажале дека финална фактура мора да им се достави за 30 дена по испис на пациентот, а во спротивно не се должни да ја платат. Повторно се поставува прашањето дали ФЗОМ имал направено формален договор со болницата и што пишува во него.

 

Од ФЗОМ објаснуваат дека побарувањата од странската болница се однесуваат на дополнителни трошоци за 16 лекувања на осигуреници кои се завршени и за кои Фондот претходно со решение одобрил и исплатил аконтативно трошоци. Во моментов за пет од нив се покренати судски постапки од страна на странската болница. Во конкретниов случај странската болница дополнителните трошоци ги бара три години по завршеното лекување на осигурениците што не било во согласност со роковите регулирани со актите на Фондот.

„Во целата оваа ситуација, во постапката за усогласување на трошоците во оние случаи на лекувања на осигуреници каде е констаирано дека произлегуваат дополнитителни трошоци, странките имаат можност, правото да го остварат во соодветна правна постапка која ќе ја поведат пред Фондот. Фондот согласно Законот за управна постапка ги информира странките дека може да поднесат барање за признавање на дополнителни трошоци од завршено болничко лекување, како би можело по истите да се постапува. Со активностите кои ги превзема Фондот во моментов преку информирање на осигурениците за постапката како да го остварат своето право во никој случај не ги доведува во неповолна положба, напротив Фондот како јавен орган им овозможува на истите да ги остварат и заштитат своите права и правни интереси на што е можно поефикасен и полесен начин. Во поглед на периодот на усогласувањата на трошоците за кој реагирате дека е долг, ви укажуваме дека во овој случај се работи за рокови на финасиско работење во двете земји, кои не влијаат и не го попречуваат остварувањето на правото на дополнителни трошоци на осигурениците на товар на Фондот”, велат од ФЗОМ за Слободен печат.

Во однос на прашањето кој бил директор или одговорен во 2017 година, потенцираат дека се работи за донесени решенија за одобрено лекување во странство со кое на осигуреникот му е овозможено лекување кое не можело да се изврши во државата, да се упати и лекува во странската болница со што му е дадена можност да се излекува и не се доведува во прашање одговорноста на директорот односно раководното лице на институција.

Се обративме и до директорката на болницата, доктор Надежда Басара од која што очекуваме одговори во текот на денот на следните прашања: Колку тужби против ФЗОМ води болницата „Свети Францискус“ во Фленсбург во Германија за неплатени фактури за извршени лекувања за македонски пациенти, колку пари кумулативно се побаруваат од ФЗОМ од страна на болницата за горенаведените услуги, дали болницата исто така треба да му врати на Фондот пари за пациенти за кои било преплатено, односно лекувањето било поевтино отколку авансот одобрен на почетокот, дали болницата бара одобрение од Фондот пред да ги аплицира дополнителните терапии, дали Фондот ги одобрил тие терапии пред да се аплицираат на пациентот, дали болницата го тужи само Фондот или и пациентите што се лекувале, дали државниот буџет на Република Северна Македонија ќе треба да покрива и судски такси и камати и дали болницата пред да почне да го тужи фондот, ги побарала средствата од него на некој друг начин.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шпанија ќе воведе тридневно боледување за жените со болна менструација

Следно

Буданов: Украина ќе се бори за Змискиот Остров

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian