Сите досегашни македонски претставници на Евровизија: „Proud“ нѐ направи горди, а цела Европа танцуваше на „Нинанајна“

9 mins read

Изборот на песна за Евровизија е омилениот музички настан на бројни Европејци, фестивал којшто го собира целото семејство на едно место во сабота навечер, кога вообичаено се случува големото финале.

Младата Андреа Коевска е наша годинашна претставничка, која на евровизиската сцена во Торино, Италија ќе ја испее својата песна „Circles“. Таа, заедно со нејзините придружни вокали Ана Петановска и Рената Кралевска, ќе настапи за време на второто полуфинале на 12 мај.

Па, во пресрет на второто евровизиско полуфинале, да се потсетиме на сите македонски артисти кои досега ги бранеа боите на нашата држава.

Во 1998 година, Македонија дебитираше на Евровизија со песната „Не зори зоро“ на Владо Јаневски, која се пласираше на 19. место. Таа година, честа да ја издиригира првата македонска песна на Евровизија со оркестар во живо ја имаше нашиот драг маестро Александар Џамбазов.

Под големо влијание на женските поп-групи, кои планетарно беа актуелни на почетокот од новиот милениум, групата „XXL“ ги освои симпатиите на македонската публика и беше наш претставник на Евровизија во 2000 година. Нивната песна „100% те љубам“ го освои 15. место.

Две години подоцна, тогаш 22-годишната Каролина Гочева блесна на евровизиската сцена, облечена во фамозната креација од нашиот моден креатор Александар Ношпал. Фустанот со златен корсет им остави впечаток на сите, а Каролина совршено ја испеа нејзината песна „Од нас зависи“. Сепак, тоа не беше доволно за таа да котира повисоко и на крајот заврши на 19. место.

Се чини дека во 2004 година целата македонска јавност ги следеше сите новости поврзани со Евровизија. Причината беше една – нашата најголема поп-ѕвезда Тоше Проески беше избран да нѐ претставува на Евровизија со песната „Life“. Иако таа година завршивме на 14. место во финалето, сите бевме многу горди на нашиот Тоше и на целиот тим којшто заедно со него настапи на сцената во Истанбул, Турција.

Тоше Проески на евровизиската сцена во Истанбул, Турција / Фото: EPA/KERIM OKTEN

Наредната година, наш претставник беше Мартин Вучиќ со „Make My Day“, песна чиј композитор е неговиот татко, музичарот и шоумен Драган Вучиќ. Иако песната им се допадна на голем број евровизиски фанови, Мартин успеа да се пласира на 17. место во финалето, но и да ја понесе не толку посакуваната „Барбара Декс“, награда која од 1993 година им се доделува на најлошо облечените учесници на Евровизија.

Во 2006 година нѐ претставуваше „девојчето со чорапчињата“, новата музичка надеж – Елена Ристеска. Елена настапи со „Нинанајна“, песна која ја размрда цела Европа и го освои најдобриот пласман за Македонија до тој момент – 12. место во финалето.

Каролина повторно доби шанса да нѐ претставува во 2007 година, овојпат со баладата „Мојот свет“. Нашата поп-принцеза таа година успеа да се пласира на 14. место во финалето. Тоа беше четврта последователна прилика Македонија да се квалификува директно за финалето.

Наредната година, Тамара Тодевска, Врчак и Адријан Гаџа победија на Скопскиот фестивал со песната „Во име на љубовта“. Ова трио, коешто на евровизиската сцена во Белград настапи со англиската верзија на песната – „Let Me Love You“, за првпат не успеа да ја пласира Македонија во финалето на Евровизија.

Стефан и Мартин, браќата близнаци кои го сочинуваат поп-рок дуото „Некст тајм“, беа миленици на македонската тинејџерска публика во 2009 година. Се чини дека токму затоа нивната песна „Нешто што ќе остане“ победи на Скопскиот фестивал и со тоа добија шанса да нѐ претставуваат на Евровизија таа година. Иако имаа интересен сценски настап, браќата не успеаја да се пласираат во финалето.

Во 2010 година, Македонија ја претставуваше Ѓоко Танески со песната „Јас ја имам силата“. На сцената со него настапија младиот гитарски виртуоз Дамјан Пејчиновски и хип-хоп ѕвездата Били Ѕвер. За жал, ни тие не влегоа во финалето.

Ѓоко Танески ја претставуваше Македонија во 2010 година / Фото: EPA/GORM KALLESTAD

Харизматичниот Влатко Илиевски, кој прерано нѐ напушти, ја претставуваше нашата држава во 2011 година. За жал, веселата песна „Русинка“, интересната кореографија и прекрасната насмевка на Влатко не беа доволни за влез во финалето.

По неколку години неуспех, нашата дива Калиопи ја израдува македонската јавност со влез во финалето. Изведбата на песната „Црно и бело“, чиј композитор е нејзиниот поранешен сопруг, Ромео Грил, ја воодушеви милионската публика којашто во 2012 година ја следеше Евровизија пред малите екрани. Според многумина, таа заслужуваше да освои повисоко место од 13. место во финалето.

Во 2013 година нѐ претставуваше еден од најталентираните млади пејачи во Македонија – Влатко Лозаноски, а за да биде комплетен спојот на младоста и искуството, со него на сцената се појави и кралицата на ромската музика, легендарната Есма Реџепова. Првично, Влатко и Есма требаше да ја испеат песната „Империја“, но, поради бројните критики, на сцената во Малме настапија со песната „Пред да се раздени“. На крајот од втората полуфинална вечер, стана повеќе од јасно дека финалето е недостижно и за нив двајца.

Во 2014 година, по пат на интерен избор во Македонската радио-телевизија, беше одлучено дека наш претставник ќе биде Тијана Дапчевиќ. Нејзината песна „To The Sky“ не влезе во финалето, но и ден-денес Тијана е една од омилените македонски пејачки на евровизиските фанови ширум Европа.

Даниел Кајмакоски, кој стекна голема популарност со учеството во регионалното талент-шоу „Икс фактор“, победи на Скопскиот фестивал во 2015 година со песната „Лисја есенски“. На сцената во Виена, градот каде што Даниел живеел долги години, тој настапи заедно со американската група Blackstreet. Сепак, ни сценската поддршка од една од најпопуларните хип-хоп групи во 90-тите не му помогна на Даниел да влезе во финалето.

Во 2016 година, Калиопи повторно беше избрана да ја претставува Македонија на Евровизија. Но, овојпат нејзината песна „Дона“ евровизиската публика успеа да ја слушне само еднаш – за време на полуфиналната вечер.

Калиопи на евровизиската сцена во 2016 година / Фото: EPA/MAJA SUSLIN

Младата Јана Бурческа важеше за еден од најголемите фаворити во 2017 година. Нејзината песна „Dance Alone“ веднаш ги освои симпатиите на евровизиските фанови, а тоа што Јана не успеа да влезе во финалето на Евровизија многумина го нарекоа „Кејт Рајан синдром“. Како потсетување, белгиската пејачка Кејт Рајан беше голем фаворит за победа во 2006 година, но ги изненади сите кога не успеа да се пласира во финалето.

Наредната година, наши претставници беа Eye Cue со песната „Lost And Found“. Иако многумина имаа високи очекувања и за оваа песна, музичкото трио остана во полуфиналето. Исто така, наградата „Барбара Декс“ отиде во нивни раце и беа прогласени за најлошо облечени претставници во 2018 година.

Во 2019 година, Македонија го имаше најдобриот успех на Евровизија – 7. место во финалето. Имено, нашата Тамара Тодевска нѐ направи многу горди со изведбата на нејзината песна „Proud“, композиција којашто таа ја посвети на нејзината ќеркичка Хана.

Поради состојбата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, во 2020 година изборот на песна за Евровизија беше откажан. На тоа евровизиско издание требаше да нѐ претставува Васил Гарванлиев со песната „You“.

Минатата година, Васил повторно доби шанса да ја претставува Македонија, овојпат со песната „Here I Stand“. И покрај тоа што имаше солиден настап, тој не успеа да се пласира во финалето.

Настапот на Васил Гарванлиев на Евровизија 2021 / Фото: EPA-EFE/ROBIN VAN LONKHUIJSEN

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Не се враќа во Барса, Кутињо во Астон Вила до 2026 година

Следно

Синот на Катица Јанева: Мајка ми е неправедно осудена, има многу информации и еден ден ќе ги каже

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian