Пратениците не знаат што предлагаат, Џафери не ги следи за што зборуваат

4 mins read

„Активната блокада“ на Собранието ВМРО-ДПМНЕ ја спроведуваше преку предлози за поместување точки од дневниот ред на седницата, преку предлози некои точки да не бидат на таа седница, да се дополни дневниот ред, како и со помош на процедурални забелешки.

На моменти во тензична атмосфера со викотници, со исклучување микрофони, но на моменти и комично, бидејќи пратениците и претседателот на Собранието не знаеја за која точка гласаат, течеше вториот ден од активната блокада на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата се обидуваше да ја одолжи работата на Собранието и донесувањето на дневниот ред на седницата, која претседателот на Собранието Талат Џафери ја почна завчера, а владиното мнозинство, преку усвојување на дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, се трудеше да ја забрза седницата.

„Активната блокада“ на Собранието ВМРО-ДПМНЕ ја спроведуваше преку предлози за поместување точки од дневниот ред на седницата, преку предлози некои точки да не бидат на таа седница, да се дополни дневниот ред, како и со помош на процедурални забелешки. Мнозинството, пак, со прифаќање некои точки да се поместат, или да се дополни дневниот ред, се обидуваше да ја збуни опозицијата и да го забрза донесувањето на дневниот ред за седницата конечно да почне.

Поради ова на моменти атмосферата во собраниската сала се вжештуваше.

Пратеникот Миле Лефков инсистираше дека за дополнување на дневниот ред има право да зборува 10 минути, додека претседателот на Собранието рече дека според Деловникот, тој има право да се обрати само 3 минути и дека ова прашање вчера го расчистиле. И покрај тоа Левков продолжи да зборува и по истекот на трите минути, Џафери му рече да ја напушти говорницата и му го исклучи микрофонот.

– Зошто се обидувате да ја замолчите опозицијата – викаше Лефков од собраниската говорница.

Џафери констатираше дека Лефков нема предлог и Собранието нема за што да се изјасни.

– Мирче Аџиевски има збор. Лефков, ослободи ја говорницата! – рече Џафери.

Лефков ја напушти говорницата по што доби аплауз од сопартијците.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата и на вчерашната седница на собраниската говорница излегуваа со транспаренти на кои беа испишани мотивите за активната блокада: „Активна блокада на предавството“, „Активна блокада на ценовните шокови“, „Активна блокада на сиромаштијата“…

Освен нервоза и напнатост, на собраниската седница имаше и комични моменти. Пратениците и претседателот на Собранието ненамерно, или пак како дел од тактиките, не знаеја за што зборуваат или што предлагаат. Дел од пратениците забораваа при гласањето дали гласаат „за“ или „против“ некој предлог. Во еден момент Џафери довикна:

– Алооо, помина гласањето „за“ сега се гласа „против“!

За бркотницата во собраниската сала, до Џафери процедурално реагираше заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска.

– Не следите што предлагаат пратениците. За таа точка пратениците веќе се изјаснија. Ќе направите попара од дневниот ред, ќе испадне две во едно, три во едно. Нè игнорирате, не ја следите расправата, гледате само времето да помине – рече Стојановска.

Џафери ѝ одговори дека тоа не е негова работа.

И власта и опозицијата сметаат дека успешно се справуваат со новонастанатата ситуација во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека успешно ја спроведуваат активната блокада, а доказ за тоа е дека втор ден не може да почне новата седница, бидејќи не е донесен дневниот ред.  СДСМ, пак, смета дека сепак, со исцрпување на говорниците, седницата конечно ќе почне.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Интер го освои куп трофејот, Перишиќ му пресуди на Јувентус

Следно

Дневен хороскоп за 12 мај: Ова е период за реализација на вашите цели

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian