Импресивно хоби на новинарот Миодраг Мицковиќ: Колекција од повеќе од 5.000 лажички од сите континенти

9 mins read

Спортскиот новинар во пензија Миодраг Мицковиќ, еден од најпознатите во својата фела, покрај примарната професија која ја работел децении, има уште една, посебна пасија – колекционирање лажички. Освен на разни плакети, сувенири, спортски знаменца, амблеми, спортски значки, тој е сопственик и на импозантна колекција на лажички од целиот свет, која брои повеќе од 5.000 лажички од сите континенти. И сигурно се прашувате, по некоја логика дека спортскиот новинар би требало да го интересираат само сувенири поврзани со спортот. Меѓутоа, Мицковиќ има посебни емоции кон оваа колекција, а во Македонија е единствениот колекционер на лажички. Неговиот дом изгледа како музеј.

Колкава е вашата колекција со сувенирски лажички, колку примероци брои и дали постои уште некоја слична во Македонија или пошироко во регионов?

– Повеќе од 50 години собирам сувенир лажички од целиот свет. Според моите сознанија верувам дека е една од најбогатите и највредни во поранешна Југославија, можеби и на Балканот бидејќи имам повеќе од 5.000 лажички од сите континенти што е навистина импозантна бројка. Меѓутоа, гледајќи на интернет, во светот има колекционери кои во својата колекција имаат и повеќе од 60.000 лажички. Се разбира тоа се луѓе со длабоки џебови кои можат да одделат илјадници долари за да ја пополнат својата колекција. Со мојата поранешна новинарска плата, а сега пензија, јас не бев во таа можност. Во Македонија јас сум единствениот кој собира лажички, досега никој не ми се јавил да размениме дупликати ако ги имаат.

Зошто токму лажички? Кога кај вас се роди идејата да правите колекција од вакви сувенири?

– Зошто лажички. И јас понекогаш се прашувам зошто толкава љубов кон тие традиционални лажички за кафе, но овие се за спомени од разни патувања, кои некои сакаат да ги имаат, не во толку голем број како колекционерите. Како спортски новинар во почетокот собирав спортски значки, имав и голема колекција на стари разгледници, особено од разни македонски и југословенски градови. Но кога при, моето прво патување во странство како известувач од Европското првенство во кошарка за жени во Будимпешта, видов во една продавница прекрасни лажички со мотиви од Будимпешта, почна мојата љубов кон нив која трае повеќе од 50 години. Значките и разгледниците потоа ми помогнаа за размена за лажички.

Фото: Приватна архива

Дали имате некоја омилена или омилени лажички што посебно ги цените и зошто?

– Имам многу лажички и тешко ми е да одделам некоја која ми е прирасната кон срцето. Можеби две постари што ги купив од еден уличен продавач на разни сувенири во Улан Батор со ликот на нивниот легендарен водач Џингис Кан. Една со неговиот лик изработена од дрво, вистинска уметност. Такви лажички немаше во продавниците за сувенири.

Од кои се региони во светот имате лажички?

– Од Европа немам само од Гибралтар, и од повеќе помали држави од Африка. Тешко се доаѓа до нив. Инаку, имам од сите континенти. Не сум бил само во Австралија.

Дали имате проценка колку вреди вашата колекција и дали некогаш некој побарал да ви ја откупи?

– Никогаш не сум размислувал за тоа, тие се моја голема љубов, спомени од мојот живот, патувањата. Ќе останат за синот, ќерката, внуката. Сигурно дека е многу вредна. Пред неколку години дојде кај мене сопственик на голем ресторан од Битола со намера да ги купи и да ги изложи во својот ресторан. Но кога ги виде, само ми рече, залудно сум дојден, ова е голем мерак што не се продава.

Фото: Приватна архива

Како доаѓате до лажичките? Дали вие ги купувате или ви ги продаваат или даваат други колекционери?

– Како спортски новинар, долги години бев уредник на спортската рубрика на „Нова Македонија“, многу патував, известував од шест олимпијади, три светски првенства во фудбал, од светски и европски првенства во другите спортови, бев учесник на „Камел Трофи“ во Монголија, Чиле, Аргентина. Од сите тие патувања се враќав со лажички, речиси дневниците ги трошев за нив, јасно и за подароци за децата. И така се собираа. Сите ја знаат мојата љубов кон нив, денес ми носат колегите, спортисти, судии, пријатели, тие ми ја збогатуваат колекцијата.

Дали има некој примерок (примероци) лажичка што сте сакале да го имате, а не сте можеле да дојдете до него?

– По Олимпијадата во Минхен 1972 година, новинарите известувачи беа на прием заедно со познати спортисти кај Јосип Броз Тито во Белиот двор. Служеа со мали сребрени лажички, изгравирани со потписот на Тито. Ми останаа во памет. Дури за првпат во животот, си помислив, да ставам една во џеб. Згрешив што не побарав од персоналот да ми дадат една. Подоцна кога прочитав што сѐ луѓето разграбаа од Белиот дворец откако почина Тито, требаше да земам една па што биде нека биде.

Колку други колекционери на лажички има во Македонија и дали и колку овој вид колекцонерство е застапено во регионот и во светот?

– Во Македонија има клуб на колекционери во Скопје, собираат сѐ и сешто, најмногу марки, стари пари и разгледници, но никој не собира лажички. Во светот да, особено во Европа, Азија и Северна Америка.

Фото: Приватна архива

Колку се движат цените на најскапите лажички во светот?

– Зависи од што се направени, од сребро, позлатени, во побогатите држави се поскапи, но во просек, од 5 до 7 евра обичните, метални.

Какви емоции и спомени предизвикува кај вас вашата колекција и колку време посветувате разгледувајќи ги примероците?

– Денес кога сум во пензија, веќе 20 години, целото мое внимание е посветено кон нив. Еден колекционер, чија сопруга работеше како секретар во Амбасадата на САД во Скопје, со кого се запознавме и спријателивме, денес живее во Вашингтон, тој најмногу ми ја има збогатено колекцијата. Во последната негова пратка што ја добив имаше дваесетина лажички со мотиви од Фиџи, Гренланд, Аљаска, Енкориџ, Галапагос, Хаити… Кога би можел тие да ги купам или најдам. Јас, пак, му праќам секогаш спортски значки, билети, новинарски и фото акредитации од разни спортски натпревари, тоа колекционерство е сега тренд во светот. Ги собираат многу колекционери, па и во Македонија. Многу се барани, спортските акредитации бидејќи нема многу отпечатени за еден натпревар. Колку пријавени новинари, толку акредитации. А, и не можат да се купат.

Имате ли пресметка колку средства досега сте потрошиле купувајќи ги примероците за вашата колекција?

– Тешко е да се даде одговор на ова прашање. Сигурно многу, барем за моите финансии со кои располагав при патувањата. Се сеќавам при еден мој престој во Париз, во една антикварница видов во излогот три лажички од времето на француската револуција, наводно од Луј 16, но кога продавачот ми ја кажа цената, ми ја олади желбата да ги купам.

Од кои држави имате најубави лажички?

– Од Азија, Кина и Јужна Кореја, каде имав можност и да ги купам, особено во Пекинг при посетата на забранетиот град, потоа од Јапонија, Тајланд, Индија, Иран, Сингапур, со прекрасен дизајн. Во Европа, од Англија со ликовите на кралското семејство, Франција, Русија, Холандија, со ветерници, цвеќе, кломпи, Шведска и Алјаска со ирваси, бели мечки, пингвини. И во Северна Америка има убаво изработени лажички, секоја сојузна држава во САД има своја знаменитост со која се разликуваат од другите, потоа со ликот на познатиот индијански, поглавар Винету, со прочуените Вајат Ерп и Док Холидеј, Канада со водопадите на Нијагара, Египет со фараоните, Клеопатра, свинги, пирамидите… Задоволство е да се имаат и секој ден гледаат.

Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

„Гранде“ Пандев во дилема: Уште една година фудбал или во пензија

Следно

Тито Петковски: Нема раскол во НСДП, има судир на неколку сопартијци со големи амбиции

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian