ЕУ разгледува олабавување на еколошките прописи додека се намалува зависноста од руските енергенси

5 mins read

Под притисок од високите цени на енергијата и со намера да стави крај на зависноста од руските гас и нафта, Европската Унија планира да ги олабави еколошките прописи за проекти за обновливи извори на енергија, пишуваат светски медиуми, а јави Радио слободна Европа.

Европската Комисија сака да ја забрза зелената транзиција и да го намали потпирањето на руските горива со воведување нови мерки, што ќе овозможат, некои проекти за обновлива енергија да добијат дозвола во рок од година дена, според нацрт документот.

Комисијата планира следната недела да го претстави пакетот мерки за да се стави крај на потпирањето на ЕУ врз Русија, со зајакнување на обновливи извори на енергија, штедење на енергија и зголемување на увозот на гас од други места.

Британски медиуми укажуваат дека проекти за обновлива енергија често се соочуваат со далеку поголем период доцнење, поради бирократија, противење на локални заедници или загриженост за загрозени видови, па постојат стравови, оти, Унијата тешко ќе ја зголеми употребата на енергијата на ветрот и сонцето, доволно брзо за да ги исполни целите во борбата против климатски промени.

Нацрт предлогот предвидува постоечките рокови и понатаму да важат за проекти надвор од соодветни области, што не би требало да се совпаѓаат со заштитени локации или патишта за миграција на птици. Приоритет би им се дал на покриви, области околу патишта и железнички шини, како и индустриски подрачја.

Таквите области, според нацртот, и понатаму би биле подложни на еколошка оцена, но за поединечни проекти во нив не би имало потреба, освен ако значајно не влијае врз животната средина во некоја друга членка на ЕУ. Проекти со капацитет помал од 150 kW во соодветни услови би имале шестмесечен процес на издавање дозвола, или девет, доколку постојат проблеми околу безбедноста или влијание врз електричната мрежа.

Руската инвазија на Украина ја поттикна ЕУ да забрза со усвојување алтернативи на фосилните горива, што инаку планираше со својот Зелен договор за борба против климатски промени да достигне нула емисии на јаглерод до 2050 година, пишува Фајненшл тајмс.

Во ЕУ е постигнат договор, до 2030 година, 40 отсто од електричната енергија да се произведува од обновливи извори. Но, документот, што треба да биде објавен следната недела, мора да си стави повисока цел, со оглед на тоа дека повикува на зголемување на стапките за имплементација на проекти за зелена енергија за 30 отсто.

ЕУ расправа за забрана за увоз на нафта од Русија во рок од шест месеци, додека ветува дека ќе ја прекине употребата на руски гас до крајот на годината, истакнува Фајненшл тајмс, укажувајќи дека рускиот гас покрива над 40 отсто од потрошувачката во ЕУ.

Потпретседателот на Европската Комисија, одговорен за Зелениот договор, Франс Тимерманс на 10 мај изјави дека увезениот водород е единствената можна замена за гасот, што го користи европската тешка индустрија, а што, најголем дел, доаѓа од Русија.

Повик за забрзување на зелената транзиција дојде и од над 100 компании, што сакаат ЕУ да го интензивира својот фокус на обновлива енергија, додека настојува да се стави крај на зависноста од руските фосилни горива, укажува Блумберг.

Шефови на компании, меѓу нив и Мајкрософт, Unilever и H&M, наведоа дека сега е време ЕУ да биде храбра и да ги удвои напорите за исполнување на Зелениот договор.

Руската инвазија на Украина ја влоши кризата во снабдување со енергија што веќе постоеше во Европа, доведувајќи ги цените на стоките до рекордни нивоа, подвлекува Блумберг и тврди дека ЕУ сега се соочува со потенцијални прекини во снабдувањето со гориво, бидејќи Русија се заканува оти ќе ја прекине испораката, доколку не биде платена во рубљи.

ЕУ може да ја забрза зелената транзиција со зголемување на инвестиции во обновливи извори на енергија, подобрување на изолацијата на зградите и со поттик бизнисите да избираат технологии со ниска содржина на јаглерод, се наведува во писмото на шефовите на компаниите, каде Блумберг имаше увид. Според писмото, промените би можеле да помогнат и за намалување на даноците и мерките за поддршка на приходите.

kurir.mk

Претходно

Ружин: Пораката на Абазовиќ за „Отворен Балкан“ беше упатена и кон Црногорците, но и кон Албанците на Косово

Следно

Во тек е Јавниот повик за ангажирање на членови во Комисија за унапредување на правата на пациентите на Град Скопје

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian