Долно Лисиче доби модерно кошаркарско игралиште

1 min read

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и директорката на Канцеларијата за развој на УСАИД, Дон Кармин, денеска во рамките на заедничкиот проект, официјално го пуштија во употреба новото реконструирано спортско игралиште во Долно Лисиче.
 
На реконструираното спортско игралиште во Долно Лисиче се собраа ученици од основните училишта „Гоце Делчев“, „Блаже Конески” и „Ѓорѓија Пулевски“, како и ѕвездите на кошаркарскиот клуб МЗТ – Аеродром, Бре Ајви, Дамјан Стојановски и Хуан Дејвис, кои учествуваа во повеќе активности. Дел од нив играа кошарка на реновираното игралиште, а други садеа дрвја во паркот и возеа велосипеди. На овој начин, учениците придонесоа за заштита на животната средина и ја подигнаа свеста за потребата од поголема физичка активност.
Инаку, реконструкцијата и проширувањето на кошаркарското игралиште во Долно Лисиче опфати поставување нов асфалт, нови кошаркарски конструкции, пластифицирани табли, нови кошеви и обрачи, како и клупи и канти, со што тоа доби целосно нов лик и подобри услови за спорт и рекреација. 
 
Општина Аеродром во соработка со УСАИД и општествено одговорна компанија за оваа намена обезбеди инвестиција вредна над 600.000 денари. 
 
Со новото реновирано игралиште во Долно Лисиче младите од овој дел на Аеродром конечно добија соодветно и модерно место за спортување. Ова е еден од многуте проекти кои се планирани за Долно Лисиче. Се грижиме за еднаков развој на сите делови од Општина Аеродром.
 

skopjeinfo.mk

Претходно

СЗО: Смртните случаи од Ковид-19 во Европа веќе се над два милиона

Следно

Роналдо запиша нов рекорд, го престигна Вејн Руни

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian