ВИДЕО | Проф. д-р Димитров: ХПВ вакцината и редовните прегледи штитат од гинеколошки карциноми

2 mins read

Македонската асоцијација на гинеколози опстетричари МАГО ја одбележува неделата на женско здравје, со акцент на континуирана едукација за женското здравје и рушење на стигмата и бариерите кои девојчињата и жените ги имаат за репродуктивното и сексуалното  здравје.

Проф. д-р Горан Димитров од Гинеколошко акушерската клиника во интервју за Утрински брифинг вели редовните гинеколошки прегледи ја спречуваат појавата на петте главни типови на гинеколошки карциноми.

– Редовните прегледи и сексуалното воспитување кај младата популација се клучни во борбата со намалување на појавата на карцином. Затоа е неопходно да се зголеми свеста за важноста од редовните гинеколошки прегледи, кои ќе спречат појава на болести или пак ќе ги откријат во рана фаза, кога процентот за лекување е навистина голем, објаснува Димитров.

Со помош на мобилна амбуланта гинеколошките прегледи се достапни и за жените во руралните средини. Станува збор за проект кој е поддржан од Министерството за здравство и Агенцијата за храна и популација на Обединетите Нации.

– Со цел гинеколошките прегледи да ги направиме достапни за секоја жена, ние оспособивме и мобилна амбуланта со која ги посетуваме руралните места. Задоволем сум  што на овој начин успеавме да мотивираме голем број жени да дојдат на преглед, додава д-р Димитров.

Само 32 отсто од младата популација знае дека презервативот штити и од инфекции, а не само од несакана бременост.

– Во повеќе од 140 земји во календарот за редовна имунизација е влезена и вакцината за ХПВ вирусот. Кај нас е воведена во 2009 година и според медицински сознанија потребно е да се вакцинираат девојчиња на 12-годишна возраст. Најновите препораки на СЗО и Интернационалната агенција за истражување на канцерот се дека треба да се вакцинираат и момчиња на 14-годишна возраст. Податоците од земјите каде што има висок процент на вакцинација со ХПВ вакцина покажуваат безбедност и ефикасност на вакцината, така што нема потреба да се верува во теории на заговор, додава проф-д-р Димитров.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Можно ли е да ослабете за само 14 дена? Да, со овој протокол

Следно

Паркот во Гази Баба збогатен со нови содржини за рекреација и пријатен престој за посетителите

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian