Терористите од „Диво Насеље“ бараат слободни викенди

5 mins read

Изминува осмиот ден од штрајкот со глад на осудените терористи од аферата „Диво Насеље“. Тие се жалат бидејќи им биле ускратени некои затворски привилегии како користење на отсуство надвор од установата познато како „викенд”, како и средба со брачниот партнер во „видувалната”. Осудениците сметаат дека се дискриминирани во однос на други осудени лица коишто издржуваат казни со иста висина како и нивните, а веќе одамна им било оневозможено користење на истите погодности. Освен штрајкот со глад, тие не излегуваат на прошетка на чист воздух, одбиваат да примат пратки, посети и слично, а одбиваат да влезат во просториите за спиење, па спијат во ходник.

Арсим Бајрами еден од осудениците, кој затворската казна ја одлежува во затворот „Шутка“ за локалните албански медиуми изјавил дека уште пред 19 месеци поднеле барање за правата што им следуваат според законот.

– Во целосна изолација сме. Не ни е понудена можност за ресоцијализација и убедени сме дека доколку не ни помогнат гласот на народот и претставниците на меѓународната заедница акредитирани во земјава, тогаш ќе продолжат да ни ги негираат сите права, а ќе ни биде нарушено и здравјето – вели Бајрами.

За штрајкот на осудените лица во случајот „Диво Насеље” реагираше и министерот за правда, Никола Тупанчески.

Доколку се утврди дека осудени лица за настаните во „Диво Насеље“, кои штрајкуваат со глад не ги добиваат правата што им следуваат со закон, ќе биде соодветно реагирано, изјави министерот за правда Никола Тупанчески.

Коментирајќи го овој случај министерот Тупанчески нагласи дека тие внимателно ги разгледуваат нивните барања.

– Директорот втор пат стапи во контакт со осудените лица и мислам дека работите се одвиваат во позитивна насока, да ги добијат сите права и погодности кои им следуваат по закон. Не сакаме да имаме селективен пристап и не сакаме да правиме парабола со некои други осудени лица. Секое осудено лице преставува „приказна за себе” треба да се има индивидуален пристап, доколку се утврди дека не ги добиваат правата што им следуваат со закон, ќе биде соодветно реагирано – рече Тупачески.

Воедно, тој наведе дека заради природата на кривичното дело се работи за комплексна проблематика, и дека се во постојана комуникација и со други институции кои прават проверка од безбедносен карактер.

– Во таа смисла Управата за извршување на санкции ги носи соодветните одлуки кои што ги добива како резултат на координирана соработка со други институции“, рече Тупачески и потврди дека официјално е поднесено барање од косовските власти за ектрадиција на дел од осудениците. Министерството за правда постапува, не е донесена одлука во таа насока, се работи за процес, правна ситуација каде треба да бидат анализирани повеќе фактори и Министерството за правда да ја донесе адекватната одлука – изјави Тупачески.

На 2 ноември 2019 година, по настаните од 9 и 10 мај 2015 година во кумановската населба „Диво Насеље“, Основниот суд Скопје донесе првостепено решение против обвинетите за кривичното дело „тероризам“. Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 луѓе беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда. За седуммина беше изречена казна од доживотен затвор.

По пресудата, Врховниот суд ги одби жалбите на осудените како неосновани и ја потврди пресудата на Апелација. Според Законот за кривична постапка, одбраната нема право на жалба на одлуката на Врховниот суд. Според тоа, вратите за осудените да ја бараат правдата во Северна Македонија се „затворени“, но тие можат да се жалат во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Потврдата на пресудата на Апелација значи дека казните кои им беа изречени на осудените од Кривичниот суд, а потоа потврдени од Апелација, важат и понатаму.

Во „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015 година загинаа полицајците Жарко Кузмановски и Сашо Самојловски од село Брвеница, Ненад Серафимовски од село Зубовце, како и Горан Илијевски од Гостивар, Бобан Ивановиќ, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ од Скопје.

Зибери: На двајца затвореници од Диво Насеље им следува слободен викенд

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Констракта е единствената во полуфиналето на Евровизија која ќе пее на мајчин јазик

Следно

Гаспром потврди дека помалку гас се испорачува преку Украина

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian