МНР: Очекуваме да продолжат состаноците на работните групи со Бугарија

4 mins read

Владата очекува да продолжат состаноците на работните групи со Бугарија според договореното и во тек е договарање на термин за одржување на 4-от состанок на Работната група 3, велат од МНР за „Слободен печат“ во врска со актуелниот дијалог за меѓусекторска соработка меѓу Скопје и Софија што почна во јануари. Веќе цел месец не е одржана средба на некоја работна група, а не е одржана ниту посетата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, која требаше да го посети Скопје на 23 март. Тогаш средбата беше одложена заради итни состаноци во Брисел, но потоа не беше презакажана затоа што двете земји „ги заладија“ односите по провокацијата со отварањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

– Република Северна Македонија е посветена на ангажманот што двете влади го презедоа во однос на работата и интензивирањето на секторската соработка, преку договорената форма за реализирање на интензивната билатерална комуникација, со цел на продлабочување на односите со Република Бугарија. Во тој контекст Владата на Северна Македонија продолжува со преземените ангажмани и обврска и очекува понатамошна работа на сите работни групи, сето со цел да се засили билатералната соработка, а со тоа и да се овозможи исчекорување на планот на европската интеграција, во кој Северна Македонија во Бугарија гледа вистински партнер и сојузник кој во своите одлуки ќе се раководи од заедничкиот европски интерес, вредности, но и безбедноста на Регионот и на Европа – велат од МНР.

Оттаму додаваат дека досега сите пет работни групи одржаа по три состаноци, а последните средби се одржаа на 4 април во Скопје, кога се сретна Работната група 3 за европска интеграција и зелени политики. На 14 април се одржа и првиот состанок на Мешовитата експертска комисија за отворање на граничниот премин Клепало, како еден од основните и приоритетни проекти во рамките на Работната група 2 за инфраструктура, транспорт и поврзување.

– Во тек е договарање на термин за одржување на 4-от состанок на Работната група 3, а на 12 и 13 мај во Софија ќе се одржи 19-от состанок на Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија остваруваат редовна комуникација во различни прилики и настани, кои во овој период се најмногу насочени во мултилатералната област, и тоа пред сè во НАТО – велат од МНР за „Слободен пелчат“.

Бугарската шефица на дипломатијата Генчовска вчера по средбата со министерот за европски и меѓународни работи на Австрија Александар Шаленберг изјави дека од Скопје очекуваат конкретни акции и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот од 2017 година, како и „гарантирање на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест“.

– На министерот Шаленберг му ја истакнав постојаната поддршка на Бугарија за европскиот пат на земјите од Западен Балкан. Се разбира, напредокот на патот кон членството е секогаш поврзан со принципот на сопствените заслуги. Во последните месеци, сите знаете дека Бугарија направи значителни напори за промовирање на позитивна клима во билатералните односи со Република Северна Македонија, вклучително и преку иницирање формати за засилен развој на секторски политики. Ќе продолжиме да работиме на градење на вистински добрососедски односи со Република Северна Македонија. Сепак, тие се можни само со заеднички напори. Од Скопје очекуваме конкретни акции и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот од 2017 година, како и гарантирање на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест – изјави Генчовска за бугарските медиуми.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

„Мерилин Монро“ на Ворхол продадена за 195 милиони долари: Ги собори сите рекорди!

Следно

САД: Во езерото Мид откриени уште човечки остатоци

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian