Промовирани студија и прирачник: Општина Аеродром со нулта корупција

5 mins read

По подготовките, истражувањето и анализите кои траеја неколку месеци, денеска во просториите на општина Аеродром беше презентиран Прирачникот за интегритет на Општина Аеродром, изработен во рамки на заедничкиот проект со фондацијата Конрад Аденауер и Правниот факултет „Јустинијан Први“ – „Создавање европска општина: Политика на интегритет за 0 корупција“.

Станува збор за надградба на претходно подготвената студија за интегритет на Општина Аеродром, во која се проучува работењето на општината и се детектираат ризиците по повод интегритетот на оваа единица на локалната самоуправа. Со овој Прирачник, се предвидуваат мерки и активности чија цел е да се намалат ризиците кои се детектирани во Студијата, велат од општината. 

 Даниел Браун од Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје, по овој повод изјави дека искоренувањето на корупцијата од институциите треба да биде врвен приоритет на секоја локална самоуправа, а изрази и задоволство што токму Општина Аеродром е првата општина која презема конкретни мерки за решавање на овој проблем.

 „Важно е да зборуваме за оваа тема за да можат да се формулираат соодветни препораки и мерки, а од клучна важност е што и администрацијата е вклучена во целиот процес. Сите граѓани треба да имаат еднакви права и еднаков пристап до институциите на државната администрација. Сега почнува вистинска работа, овој прирачник ни дава одлична насока, но сега доаѓа вистинскиот предизвик, а тоа е да се спроведе сето ова во најдобар ред и Аеродром да стане првата општина со 0 корупција, изјави Браун на прес-конференцијата.

 Градоначалникот Тимчо Муцунски, изрази огромна благодарност до целиот тим на фондацијата Конрад Аденауер, како и до деканот и професорите-експерти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје кои учествуваа во изработката на овој прирачник.

„Да направиме нешто конкретно за искоренување на корупцијата која е распространета ширум државата е едно од моите најголеми лични заложби во политиката. Тоа што сакавме да го покажеме е дека преземаме конкретни чекори уште на почетокот на нашиот мандат, но исто така дека ова нема да биде само игра на зборови без дела, туку ќе работиме посветено за решавање на проблемите и предизвиците. Нашата цел е до крајот на мандатот, граѓаните да се чувствуваат дека Општината работи без корупција, но преку тоа да чувствуваат и дека општината испорачува повисок квалитет на јавни услуги. Ние мораме да постапиме и кои мораме да ги отстраниме сите овие состојби кои оставаат и најмал сомнеж дека постои корупција во Општина Аеродром“, изјави градоначалникот Муцунски.

‍ Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Сашо Георгиевски, ја поздрави иницијативата на фондацијата и општината, како и тимот на експерти од факултетот, проф. д-р Ана Павловска-Данева и проф. д-р Александар Спасеновски, чија работа значително ќе помогне во процесот на справувањето со проблемот со корупцијата во институциите.

„Не се работи само за корупцијата, туку воопшто на подигнување на квалитетот на услугата која се дава од страна на Општина Аеродром. Детектиравме состојби во рамките на клучните надлежности на општината, вклучително и водењето на управните постапки, односот со странките, регрутирањето на кадри, управувањето со човечки ресурси, јавните набавки и многу други надлежности на општината. Врз основа на овие сознанија, предвидовме мерки кои треба да доведат до тоа состојбите да бидат многу подобри, општината да ги подобри своите услуги кон граѓаните, а истовремено да ја зголеми и транспарентноста и отчетноста при својата работа“, рече Георгиевски.

Во периодот кој следи, Општината во соработка со фондацијата и експертите вклучени во проектот, ќе започне со имплементација на дадените препораки, спроведување на реформи онаму каде се посочени ризиците, како и со редовна координација со вработените во општинската администрација. Со успешна соработка и комуникација со сите релевантни чинители, Аеродром ќе стане вистински пример за тоа како треба да се управува со државните институции и единиците на локалната самоуправа, порачаа од општина Аеродром. 

skopjeinfo.mk

Претходно

Богоевски: Пред 5 години, група крволочни луѓе сакаа да наденат пратеници на поголемо знаме од она на Андреа

Следно

Зошто Путин не објави војна и мобилизација? Дали говорот имаше сосема друга цел?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian