Во парк ќе се одбележи Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

4 mins read

Под мотото „Биди човечен/Bëhu njerëzo”, оваа година Црвениот крст на Република Северна Македонија традиционално ќе го одбележи 8 мај – Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, кој  се одбележува симболично на 8 мај во чест на основоположникот на Движењето, Анри Динан кој е роден на 8.5.1828 година. Во период од 8 до 15 мај, организацијата ќе ја одбележи и Неделата на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Во Градскиот парк на Школка денеска ќе биде организиран настан од промотивно – забавен карактер, а ќе биде промовирана и кампањата за прва помош под мотото Првата помош спасува живот со која е предвидено е да се спроведат бесплатни обуки по прва помош за 25000 деца од основни и средни училишта во целата земја.

– На овие обуки децата ќе имаат можност да стекнат основните знаења за укажување на прва помош како брза и витална интервенција чија цел е да спаси човечки живот, но и да се намалат компликациите од настанати повреди и инвалидитет, информираат од Црвениот крст.

На настанот предвидено е обраќање на претседателот на Црвениот крст Ромел Велев, генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити, министерот за здравство Беким Сали, директорот на Македонска пошта Васко Стефанов и државниот секретар на министерството за образование Анета Трпевска.

По сведоштвата за смртта на голем број војници во 19. век без организиран и воспоставен систем за нега, Анри Динан напишал книга „Сеќавање на Солферино” и ја објавил во 1862 година. Во книгата тој јасно се залагал за создавање на национални доброволни организации за помош кои би помагале на ранети во воени судири. Покрај тоа, повикал на развој на меѓународни договори кои би ја гарантирале неутралноста и заштитата на ранетите војници, медицински лица и теренски болници.

На 9 февруари 1863 во Женева, Динан го основал „Петчлениот комитет”, заедно со четири други водечки личности од видни семејства од Женева, како анкетна комисија на Женевското здружение за јавна благосостојба.

Нивната цел била да се испита изводливоста на идеите на Динан и да се организира меѓународна конференција за нивно спроведување. Веќе на 26-29 октомври 1863, била свикана меѓународна конференција на која присуствувале претставници од 18 држави, шест делегати од невладини организации, седум странски неофицијални делегати и петте членови на комитетот на Анри Динан.

Една година подоцна, владата на Швајцарија ги поканила владите на сите Европски земји, како и САД, Бразил и Мексико да присуствуваат на официјалната дипломатска конференција. Шестнаесет земји испратиле вкупно 26 делегати.

На 22 август 1864, Конференцијата ја усвоила првата Женевска конвенција „за подобрување на состојбата на ранетите од војските на бојното поле”. Претставници на 12 земји ја потпишале конвенцијата: Баден, Белгија, Виртемберг, Данска, Италија, Португалија, Прусија, Франција, Хесен, Холандија, Швајцарија, Шпанија.

Конвенцијата содржела десет члена, првпат воспоставувајќи законска обврска за гарантирање на неутралноста и заштитата на ранетите војници, теренскиот медицински персонал и конкретни хуманитарни институции во вооружен конфликт.

Во следните години, национални здруженија на Црвениот крст никнале низ цела Европа. Во 1876 година комитетот го усвоил името „Меѓународен комитет на Црвениот крст”. Се повеќе земји пристапувале кон Женевската конвенција и почнале да ја почитуваат во вооружени конфликти

Денес меѓународното хуманитарно движење со околу 97 милиони доброволци ширум светот има мисија да го штитат човечкиот живот и здравје, да обезбедат почитување на човекот и да го оневозможат или олеснат човечкото страдање, без каква било дискриминација заснована на националност, раса, религија, класна припадност и политичко мислење.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Доктор Маја Кирјас: Ризикот на пациентите со апнеа – прекин на дишење во сон

Следно

Украина ќе биде во фокусот на денешната онлајн средба на лидерите на Г7, повикан и Зеленски

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian