Стерјовски: Македонец претседател на Албанија, зошто да не?

4 mins read

Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски за албанската национална телевизија МЦН, на прашањето во врска со предлогот на партијата Македонец да биде кандидат за иден шеф на државата, прави споредба со изборот на Дритан Абазовиќ за премиер на Црна Гора.

– Зошто да не. Неодамна го имавме случајот со изборот на премиерот на Црна Гора, црногорски државјанин со албанско потекло кој се бори за својата земја, за демократијата во Црна Гора. Зошто да не се гласа од пратениците на Парламентот на Албанија еден ваков кандидат, проф. д-р Кимет Фетаху – одговори Стерјовски.

Додава дека тој е предложен од МАЕИ и смета дека е време на чело на албанската држава да дојде албански државјанин кој ѝ припаѓа на македонската заедница.

– Прво ова беше желба на нашата партија. Најдобрата кандидатура која ќе нè претставува како македонска заедница, но и целата држава, оценивме дека е кандидатурата на господинот Кимет Фетаху. Сметаме дека е дојдено време, зошто да не, на чело на албанската држава да имаме албански државјанин кој и припаѓа на македонската заедница – вели тој.

Одговара и на прашањето дали за овој предлог имало влијание од страна на македонската политика.

– Не. Ние како партија сме формирани во Албанија, регистрирани сме во Основниот суд во Тирана. За целата наша активност не бараме одобрение од македонската Влада или македонската политика, затоа што тука дејствуваме – одговори Стерјовски.

Тој е убеден дека Албанија и Македонија не треба да ги разделат интегративните патишта, и додава дека изборот на Македонец за претседател во Албанија ќе биде силен сигнал за ЕУ.

– Пред сè, мислам дека вака заедно двете земји имаат повеќе шанси да се движат побрзо кон европскиот пат и мислам дека и со изборот на господинот Кимет Фетаху за претседател на Албанија само ќе и дадеме позитивен сигнал на ЕУ дека на Балканот, без разлика на етничката припадност, секој граѓанин може да биде избран во својата земја на сите функции – оценува Стерјовски.

Проф.д-р Кимет Фетаху е роден 1955 година во селото Требиште, област Голо Брдо. Тој е доктор на науки, универзитетски професор и македонски општественик во Република Албанија. Активен е во организирањето на Македонците во Република Албанија, особено по падот на диктаторскиот режим, во 1990 година. Во 1991 година тој ја формира организацијата на Македонците од Албанија „Братство”, која во 1993 година е преименувана во „Мир”, чиј претседател е сè уште. Исто така е директор на Центарот за етнички истражувања во Тирана.

Пренесувајќи го ставот на партијата, Стерјовски, кој е поранешен пратеник во албанскиот Парламент, посочува дека Фетаху како аполитичен кандидат и лојален државјанин на Република Албанија ги исполнува сите критериуми предвидени во Уставот, како личност со потребното достоинство да биде претседател на Републиката, да биде гарант на Уставот, на правата и слободите на граѓаните, на развојот на демократијата, на правдата за сите, за заштита на уставноста и законитоста, на еднаквоста на сите пред Уставот и законит.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Констракта се пофали со првата награда во Торино

Следно

Родителите излегуваат на протест: Игралиштето на ОУ „Киро Глигоров“ станува приватна сопственост

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian