Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот без писмени гаранции за тргање на бугарското вето

2 mins read

ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи промените во македонскиот Устав барани од Бугарија, бидејќи немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања меѓу двете земји, изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање при вршењето увид на градежни активности во Охрид, за најавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека можеби Бугарија ќе го тргне ветото до јуни, тој рече дека смета оти преговорите со Европската унија нема да почнат се додека не ја испочитуваме целокупната преговарачка рамка.

– Во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително интервенцијата во македонскиот Устав. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи за тоа се потребни две третини, токму поради тоа што немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија и дека до самото членство на Македонија во рамките на ЕУ нема да имаме повеќе вакви барања од страна на политичарите кај нашиот источен сосед, рече Мицкоски.

Според него, само Европа може да направи нешто, обвинувајќи го Османи дека ја манипулира јавноста.

– Едно е јасно. Ако зависи од него и од Ковачевски и Петков, преговори нема да има. Ќе има во најдобар случај, меѓувладина конференција односно настан за камерите и за фотоапаратите без суштина, а преговори ќе има кога ќе бидат исполнети бугарските барања коишто Ковачевски и Османи сакаат да ги прифатат и да бидат дел од преговарачката рамка. ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да се согласи, подвлече Мицкоски.

Тој потсети дека неколку месеци повикува на дијалог, бидејќи како што рече, Македонија е во криза. Го повика претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и лидерите на коалициските партнери да седнат да разговараат за датум за предвремени избори.

-До тогаш му нудам четири тима да му помогнат колку толку да ги ублажиме ефектите од оваа кризна состојба во која што се најде нашата земја, рече Мицкоски, повторувајќи го ставот за активна блокада на Собранието после 10 мај.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Внукот на Ѓорге Иванов го прослави својот прв именден

Следно

Десет училишта од Карпош добија дигитални табли

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian