Русија ја повика ЕУ да се откаже од „неоколонијалните амбиции“ кон Западен Балкан

2 mins read

Русија ја повикува Европската унија да се откаже од своите „неоколонијални амбиции” и да се придржува до еднаков пристап, темелен на почитување на земјите од Западен Балкан, изјави денеска заменик-портпаролот на руската Министерството за надворешни работи, Алексеј Зајцев.

ТАСС пренесува дека Зајцев реагира на изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој по средбата со косовскиот премиер Албин Курти, кажа дека „Западен Балкан и припаѓа на Европа” и дека во иднина ќе стане дел од Европската унија.

Тој кажа дека претставниците на ЕУ со вакви необврзувачки изјави се обидуваат да ги охрабрат земјите од Западен Балкан, кои се повеќе се разочарани од доцнењето на процесот на приближување кон ЕУ.

-Германија и другите земји на ЕУ, кои се чини дека ги заборавија лекциите од историјата, продолжуваат да го гледаат Западен Балкан како сфера на нивните ексклузивни геополитички интереси и го третираат како свој двор, додека ја обвинуваат Русија дека сака да воспостави свои зони на влијание во Европа, рече Зајцев.

Рускиот дипломат додаде дека Москва во неколку наврати ја осудуваше „подлата пракса” на користење на аспирациите на земјите од регионот кон членство во ЕУ за „очигледна уцена, нелојална конкуренција и истиснување инвестиции” на земјите кои не се членки на ЕУ, што навистина придонесува за социјално економски раст и стабилност на Западен Балкан.

Тој рече дека, под изговор дека ја следат политиката на Брисел, балканските народи биле принудени да ги поддржат антируските санкции и се соочуваат со вештачки избор меѓу ЕУ или Русија, при што никој не им гарантира членство во ЕУ во догледна иднина.

-Ја повикуваме Европската унија да се откаже од своите неоколонијални амбиции и да се придржува до еднаквиот пристап темелен на почитување на соседните земји, вклучително и Западен Балкан, рече Зајцев.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ограбена аптека во Карпош

Следно

Ако ви е здосадено од печени компири: Палачинките милкаос се совршен прилог или мезе

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian