Интервју со Андреа, Ана и Рената: Постои синергија меѓу нас, уживаме додека се подготвуваме за Евровизија

9 mins read

„Ова е огромна обврска, но, на крајот од денот, ова го правиме затоа што имаме чиста љубов кон музиката. Ако успееме да го пренесеме ова чувство на сцената и ако публиката го почувствува – ние сме си ја завршиле работата“, вели Андреа.

Евровизиските фанови ширум светот ситно бројат до најспектакуларниот музички настан на најстариот континент – Изборот на песна за Евровизија.

Во силна конкуренција од 40 земји, нашата годинашна претставничка Андреа Коевска ќе се обиде да се претстави во најдобро светло и да ја пренесе емоцијата на нејзината музичка нумера „Circles“ на евровизиската сцена.

Таа, заедно со нејзините придружни вокали Ана Петановска и Рената Кралевска, ќе настапи за време на второто полуфинале на 12 мај, а целата македонска јавност навива и се надева дека девојките ќе се пласираат и во финалната вечер на Евровизија, која ќе се одржи на 14 мај.

Непосредно пред да заминат за Торино, каде претставниците веќе ги имаа првите проби, Андреа, Ана и Рената одвоија време за „Слободен печат“ и направивме интересен разговор.

Девојки, прво би сакале да ви честитаме за укажаната можност да нѐ претставувате на големата евровизиска сцена во Торино. Како течат подготовките и каква е моменталната атмосфера во тимот?

Андреа: Пред сѐ, ви благодариме од сѐ срце за убавите честитки. Подготовките немаат престанато уште кога победивме на конкурсот за националниот избор. Но, мојот тим не беше целосен сѐ додека не се вклучија моите придружни вокали, Рената и Ана. Тогаш атмосферата блесна во цел ек, секој ден уживаме работејќи на песната за да биде целиот настап комплетен, не само вокално, туку и визуелно.

Ана: Подготовките течат доста бргу и атмосферата е незаменлива, посебна со тимот. Би кажала дека сме прилично сигурни и спремни со вокалите и со сѐ останато, а ентузијазмот и убавата енергија расте сѐ повеќе и повеќе како се ближи главниот настан.

Рената: Овој период на подготовки и проби стана едно од најневеројатните искуства за нас. Одличен показател ни стана секојдевното сплотување како да сме едно. Буквално, така започнавме да звучиме, и на емоцијата со која ја водиме песната и даваме целосен примат. Постои една синергија помеѓу сите нас, и дозволуваме таа да не води во сите сегашни и понатамошни предизвици.

Андреа, вие ја завршивте вашата евровизиска промо-турнеја. Досега настапи во Црна Гора, Романија, Велика Британија, Шпанија и на еден од најважите настани за промоција на претставниците – „Israel Calling“ во Израел. Кои се вашите впечатоци?

– Искрено, моите впечатоци се неописливи. Ова се искуства кои ќе ги ценам до крајот на мојот живот. Не само што успеав да се изборам со себеси за да застанам пред толкава публика, туку и се охрабрив да бидам своја пред неа.

Неодамна имавте дружба со Тамара Тодевска, нашата претставничка во 2019 година. Дали можеби ви даде совет кој планирате да го примените? И кој е најдобриот совет којшто сте го добиле во врска со евровизиската приказна?

– Да, ми беше чест што успеавме да седнеме и да поразговараме со Тамара за сѐ на оваа тема. Ми сподели совети кои понатаму со сигурност ќе ги применам. Еден од нив, што најмногу резонираше со мене како млад изведувач, е тоа дека треба да уживам во целиот процес, затоа што ако јас уживам и сите останати ќе уживаат. Да, ова е огромна обврска и знаеме која ни е работата. Но, на крајот од денот, ова го правиме затоа што имаме чиста љубов кон музиката. Ако успееме да го пренесеме ова чувство на сцената и ако публиката го почувствува – ние сме си ја завршиле работата.

Покрај одличната вокална изведба, сценскиот настап е навистина важен кога станува збор за Евровизија. Кој ќе се погрижи за стајлингот на Андреа, Рената и Ана, а кој ќе ја осмисли кореографијата?

– Сѐ е важно кога станува збор за евровизиската сцена, но и ништо не е пресудно. Секако, сакаме да се претставиме во најдобро светло и затоа одлучив да работам со Цаци Паковска кога се работи за стајлингот. Уште кога се запознавме видов дека има жар во неа и сакав да видам што може таа да направи со човекот којшто сум јас и целата замисла за самиот настан. Цаци ќе се погрижи и за изгледот на Рената и Ана. За кореографијата е задолжена Билјана Пашариковска. Искрено, можам да кажам дека не сум била во посигурни раце кога станува збор за изведба на сцена. Без неа не би знаела како да уживам во целиот процес, бидејќи ме познава која сум вистински и постојано го вади најдоброто од мене. Уживам во секој момент додека креираме и вежбаме, затоа што во истиот процес се запознавам сѐ подобро и себеси.

Ако се навратите низ годините, која е вашата омилена евровизиска песна која и ден-денес ја слушате?

Андреа: Дефинитивно, тоа е „Euphoria“ на Лорин!

Рената: Се приклучувам кон истиот избор на песна со Андреа, кога се работи за евровизиските хитови кои имаат произлезено. Исто така, често знам да ја слушам и песната , „Dance You Off“ на Бенџамин Ингросо, кој ја претставуваше Шведска пред неколку години.

Ана: Искрено, имам многу фаворити кои биле на евровизиската сцена, но бидејќи не можам да одберам една, ова се моите топ три кои ги слушам активно до ден денес: „Everything“ на Ана Виси од 2006 година, „Hard Rock Hallelujah“ на „Лорди“ од 2006 година и „Euphoria“ на Лорин од 2012 година.

Покрај „Circles“, која песна од годинашното издание на Евровизија ви е ваш, личен фаворит?

Андреа: Тоа би биле песните на Чешка и Австралија! Покрај тоа што имаат навистина одлични песни, и затоа што ми се едни од најблиските пријатели со кои се здружив и едноставно енергетски се најдовме.

Ана: Годинава најмногу впечаток ми остави песната на Азербејџанците меѓу неколкуте што ми оставија впечаток.

Рената: Оваа година има навистина квалитетни песни, па доколку морам да изберам тоа би била песната на домаќинот – Италија, насловена „Brividi“, како и песната на Азербејџан – „Fade to Black“.

Рената и Ана, дали можеби се гледате како наши претставнички на Евровизија во иднина? И ако да, како ја замислувате својата совршена песна со која би се претставиле?

Рената: Верувам дека секој музички изведувач има свој момент кој ќе се појави во вистинско време, со песната која ќе говори низ него. Доколку бидам повикана на оваа задача да бидам дел од евровизиската сцена како претставник, секако дека би ја прифатила. Да се биде музички амбасадор на својата родна земја е прекрасно чувство кое носи своја одговорност, а воедно и неизмерна радост. Оваа година сум благодарна и среќна што сум дел од тимот на Андреа, што ќе ја почувствувам евровизиската сцена во улогата на придружен вокал, која е еднакво одговорна.

Ана: Со текот на времето доаѓаат вакви неверојатни прилики каква што беше оваа за Евровизија, па и можеби понатаму ќе имам шанса и јас да сум претставничка и дефинитивно би ја искористила таа прилика, но преблагодарна сум што годинава одам со Андреа и Рената.

За крај, дали можете на нашите читатели да им откриете некој ексклузивен детаљ од вашиот настап во Торино?

Андреа: Едноставно не би сакале да се открива ништо, имаме уште безмалку една недела до Евровизија, па ќе им оставиме на гледачите да уживаат во самиот момент и секој да се стекне со своите импресии.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ГОЛЕМ ЧОВЕК: Српски спортист донираше пола милион евра за лекување на малиот Вукан

Следно

Директорка на штипска градинка ги намалила платите поради штрајкот, вработените протестираа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian