Стојчев: Академија Пандев цели кон Европа, не треба да ја испуштиме оваа шанса

3 mins read

Фудбалскиот клуб на Академија Пандев запиша важен триумф во Првата македонска лига (1МФЛ) против Шкендија со резултат 4:2.

Три важни бода за „пандевци“ предводени од тренерот Ѓорге Стојчев во трката за едно од местата кои водат кон излез на европската сцена.

Головите за победничката екипа беа дело на Бихорац во втората, Илиев во 23 и 66 минута и Ѓоргиев во 78 минута од средбата.

Моментно во генералниот пласман Академија Пандев е на второто место со 61 бод, два повеќе од третопласираната Шкендија, а на четвртото место е Македонија ЃП со 57. Во последните две кола струмичани ќе играат против Работнички на 8 мај и една недела подоцна на гостински терен против новиот шампион Шкупи.

– После поразот од Македонија Ѓорче Петров, Академија Пандев им се врати на победите и тоа во најважниот натпревар оваа сезона, против конкурент за излез во Европа каков што е Шкендија. Во средата Академија Пандев можеби ја покажа најдобрата игра оваа сезона. Беше на ниво во секој сегмент, можеше да биде и 4-5 голови разлика за нас. Пред крајот на првото полувреме примивме гол после корнер. Одигравме машки и во вториот дел, постигнавме два гола и навистина играчите одиграа на многу високо ниво.

Навистина заслужува екипата со своите игри да игра во Европа, сакаме што поскоро тоа да го реализираме, се надеваме дека тоа ќе се случи веќе по мечот со Работнички (ќе зависи и резултатот од Шкендија – Шкупи) – ни изјави Стојчев.

академија пандев
„Пандевци“ итаат кон излез на европската сцена/Фото: facebook/ФК Академија Пандев

Стратегот на „пандевци“ има неколку играчи кои се повредени на кои не може да смета до крајот на сезоната, но амбициите на клубот остануваат исти, фокусирани кон остварувањето на главната цела.

– Повреден е Коста Манев, го загубивме до крајот на сезоната, правеше операција, има повреда на менискусот, потоа Николче Шаркоски има повреда на предна ложа и на него не можеме да сметаме. На оваа листа е и интернационалецот од Финска, Бакр Абделауи кој има скинат мускул. Секако не е ништо сигурно, но Академија Пандев оди со истите високи амбиции, не треба да ја испуштиме оваа шанса во следните два натпревари. И другите конкуренти имаат тешки мечеви, наше е да се фокусираме на дуелот со Работнички, да одиме на победа и да слави цела Струмица – рече Стојчев.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Општина Центар ќе дава најмногу 3.000 денари за купен велосипед, е-тротинет или е-велосипед

Следно

Ким Катрал призна: Никогаш не ме ни прашаа да бидам дел од новата сезона на „Сексот и градот“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian