Македонија уште повеќе ќе го засилува партнерството со САД?

6 mins read

Стратешко партнерство со САД не е алтернатива ниту компензација на членството на Унијата, затоа што, американско-македонските односи имаат посебна димензија и не можат да се компензираат со ништо – рече министерот Бујар Османи во гостување на „Утрински брифинг“.

Македонија ќе склучи договор за стратешко партнерсто со САД за соработка во повеќе области – енергетиката, политичките процеси, одбраната, сајбер- безбедноста итн, најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостувањето на „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Македонија нема алтернатива за членството во ЕУ, потенцира министерот, но оттаму мора да добиеме наков одговор што понатаму, затоа што, како што рече, ова малтретирање на граѓаните еднаш мора да престане. Според министерот, договор за стратешко партнерство со САД не е алтернатива ниту компензација на членството на Унијата, затоа што, „американско-македонските односи имаат посебна димензија и не можат да се компензираат со ништо“.

Делегацијата што ќе ги почне разговорите, во која освен Османи ќе бидат и министрите за одбрана и за економија, веќе на 2 јуни ќе отпатува во Вашингтон.

– Какви и да се нашите односи со ЕУ, нашите односи со САД се многу важни и ќе продолжат да се развиваат. Се радувам што го отворивме овој процес на стратешки дијалог. Ние сме прва земја во Западен Балкан што ќе почне ваков процес, што е еден вид признание за нашите постигнувања. Неодамна таков дијалог почна Хрватска. Во 2008 година по самитот на НАТО во Букурешт, тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш иницираше и се потпиша изјава за стратешко партнерство со САД, со која се воспостави нова дименција на односите. Лани иницирав еден нон-пејпер со барање таа изјава за стратешко партнерство да се претвори во процес, во стратешки континуиран дијалог со следење на постигнувањата на тоа партнерство еднаш годишно или на секои две години. Идејата е во повеќе области да се воспостави тој процес во кој ќе се следи имплементацијата на договореното и ќе се покренуваат нови иницијативи за соработка. Намерата е многубројните активности со САД да се врамат во еден процес кој може да се следи на ниво на Стејт департментот и на МНР – рече Османи за „Утрински брифинг“.

Според аналитичарите, партнерството со САД не го исклучува и не е алтернатива за членството на ЕУ. Поранешниот амбасадор Огнен Малески вели дека двете партнерства не се исклучуваат едно со друго и таков договор само ќе ни помогне побрзо да станеме членка на Унијата, имајќи ја предвид блискоста на САД со Брисел.

– Потпишувањето на стратешки договор со САД го гледам апсолутно како помош од САД за нас и нема индиции поинаку да се толкува. Впрочем, и во самата ЕУ има земји кои посакуваат и градат посебни односи со САД, затоа што секоја земја си го има правото на самостојно одлучување за својата надворешна политика – вели Малески за „Слободен печат“.

Во врска со потенцијалната помош од САД за тргање на бугарското вето од преговарачката рамка дипломатот Малески вели дека во овој момент, по инвазијата на Русија врз Украина, САД не можат директно и експлицитно да делуваат, но уверен е дека делува тајната дипломатија.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека договор за стратешко партнерство со САД ѝ е многу потребен на Македонија, и пред сè е во интерес на граѓаните, а не на владите.

– Ако некој досега ѝ бил доследен партнер на Македонија, тоа се САД. Тоа го докажале многупати досега, уште од осамостојувањето на земјата, со нивна помош во безбедноста, во економијата и во промоцијата и развојот на демократијата. Друга работа е колку ние сме се труделе и сме биле активни во задржувањето на нивното внинание за нас. За разлика од ЕУ, тие се една федерална држава и немаат систем на одлучување како Унијата и досега никогаш не нè разочарале – вели Муслиу за „Слободен печат“.

Според него таков договор за нас ќе биде некаков гарант дека ќе се исчисти корупцијата, како и „ветер во грб“ на економско и на политичко ниво.

– Јас сум предлагал неколку пати досега, а сметам дека е разумно да ни стои и таа опција, на референдум да се изјасниме дали сакаме да бидеме 52. американска држава, па да видиме како ќе се однесуваат судиите, политичарите и сите останати со федералните антикорупциски закони над главата. САД се единствена држава која судски ги гони своите државјани ако извршиле коруптивни акти каде било во светот. Таков договор за нас ќе значи алатка за чистење на корипцијата и за поправка на некои аномалии. Оти, реално, САД и немаат некаков голем стратешки интерес да ни бидат партнери, едноставно ни се пријатели, но не пријатели на владите, туку на граѓаните. Тие се држава на правото и тие своите обврски ги исполнуваат – заклучува Муслиу.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Пред да почнете да пиете колаген, стручњаците укажуваат на 10 работи што треба да ги знаете

Следно

Најмалку петмина цивили загинаа при руското гранатирање во Луганск

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian