Интервју со Мартина Димоска: Македонката што го освојува вселенскиот сектор

18 mins read

Нашата земја има многу поголеми проблеми од престижот на вселенско истражување и апсурдно е да се притиска народот кон нешто што е пред сè додадена вредност на едно општество.

Мартина Димоска е девојка со еден од најневообичаени професии за нашето поднебје – магистер на вселенски науки, но покрај нејзиниот апетит за разрешување на мистериозниот универзум, работи и како „косплеј“ модел и се бори да биде илустративен пример дека жената не треба да се стави во една дефинитивна, патријархална рамка.

Ти си дел од програмата „Masters of Space Studies“ на „ ISU“. Како се најде таму и што значи тоа за твојот професионален развој? Дали некогаш ќе ја освоиш вселената?

– Точно е дека во моментов студирам на „International Space University“ или на кратко „ISU“, на програмата „Masters of Space Studies“ во Стразбур. Со престижното реноме на ISU прв пат бев во контакт додека бев поканета да посетувам Обука за Радијација во NASA Ames истражувачкиот центар во Калифорнија, во срцето на Силиконската Долина, 2017 година. Таму слушнав многубројни искуства за тоа колку е селективна но и напорна програмата, и какви можности нуди за ентузијастите како мене. Тогаш за прв пат ми беше предложено дека можеби треба да ги продолжам моите студии на тој универзитет, затоа што би била добар кандидат. Вселенскиот сектор има огромна бариера за влез, и е затворен круг во многу погледи, и искрено, не ни мислев дека некогаш можам да бидам прифатена, бидејќи потекнувам од Македонија, каде самото државјанство премногу нè ограничува. Затоа не се ни обидов да аплицирам. Македонија е земја што нема развиена Вселенска Индустрија, зошто има поголеми и побитни проблеми за решавање на кои што треба да се фокусира.

Бидејќи сум проактивна и динамична личност, се фокусирав на Start-Up Space Sector-от и неговиот развој во Америка. Низ низата на моите проекти и активности, бев исконтактирана од Ендру Олдрин, синот на Баз Олдрин, вториот човек што има стапнато на месечината. Ендру мислеше дека мојот потенцијал треба да се насочи на програмата каде што тој беше директор а воедно и мој професор – Commercial Space Studies Graduate Program на Florida Institute of Technology. Поради таа доверба, добив стипендија од Aldrin Family Foundation за да се приклучам. Програмата предводена од Олдрин имаше партнество со ISU, па затоа многу професори од ISU ни држеа предмети коишто ги полагав. Бидејќи добро се покажав, особено на инженерските испити, ми беа понудени две магистерски програми од професорите што ни предаваа. Една во Америка, друга на ISU во Стразбур, Франција. Конечно се поклопија коцките и во правилно време добив стипендија да студирам на ISU на мое огромно изненадување, и прифатив.

ISU e лулка за креирање на нови компетентни кадри во вселенскиот сектор и е поддржана од Вселенски Агенции како NASA, ESA, DLR, CNES, помеѓу други, како и приватниот интернационален сектор. Нашиот групен истражувачки проект на пример, насловен „Starship Impact on the SatCom Industry“ беше поддржан од ESA, а мојот индивидуален истражувачки проект насловен „3D Solar Printer Improvements and Capability Comparison with other additive manufacturing technologies“ има дел дониран од НАСА, што ја овозможи изработката и функционалноста. И двата труда годинава ќе бидат прикажани на конгресот организиран од „International Astronautical Federation“, којшто оваа година ќе се одржи во Париз, Франција.

Студиите на ISU се навистина голем предизвик и бараат вистинска жртва и посветеност. Делумно затоа што е поддржан од најголемите вселенски агенции и компании, па мора да го третираме нашето образование како работа, со правилна одговорност и ефикасност.

По дипломирањето ќе бидам Магистер на Вселенски Науки, а тесната врска што ISU ја има креирано со државниот и приватниот сектор во вселенската индустрија ни дава длабоко теоретско и практично знаење. Интернационално признаени експерти редовно ни држат предавања и имаат блиска интеракција со нас, што е особено важно за идниот професионален развој.

Во светот на технологијата доминираат мажите. Дали се среќаваш со пречки како жена во полето во кое работиш, или можеби е предност да имаш друга перспектива?

– Мислам дека во напредните сфери каде што инженерите се релативно еднакви, пречките се релативно мали. Меѓутоа често сум имала ситуации каде што не сум ни можела да дојдам до збор и моето решение секогаш било земано за последно, но и крајно, зошто најдобро функционирало. Ова, само можам да претпоставам дека е поради огромната пристрасност кон мене, присобрана од сите ќошиња. Но, после неколку успешни проекти, сето тоа исчезнува. Разбирам дека сум многу поразлична од другите, од стил до хобија, меѓутоа тоа што ме дискриминира во Македонија, надвор најчесто се перцепира како додадена вредност. Конкретно, структурите на ISU ги гледаат моите социјални медиуми и мојата публика со почит и се навистина благодарни што ги промовирам.

Многу постари луѓе од моите родители во мојата сегашна околина ми кажуваат како пораснале со „cosplay“ а сепак имаат толку сериозни кариери и титули. Многу од нив сè уште имаат алтернативни и необични стилови на облекување. Таквата уникатност е нешто многу нормално и доста поразвиено. Униформираноста не се почитува, се преферира изразување на стилска индивидуалност а слепото следење на трендови е многу нелогично за околината каде што моментално се наоѓам.

Фото: Антонио Станков

Мислам дека во традиционални средини, динамиката е многу поинаква од опишаното погоре. Нормалните падови, што во овие средини се гледаат како можност за раст и развој, во традиционалните знаат да се линчуваат. Тоа што не се откажувам и имам страст знае да биде погрешно перцепирано и да се смета како наметливо во такви средини каде што гласноста и смелоста на жената се невообичаени.

Кога си жена од мој калибар, треба три пати понапорно да работиш за да се докажеш исто како другите. Сработеното, колку и да е добро, ќе биде редовно под лупа за цел да се најде нешто што некој едноставно не може да си помогне а да не го искритикува. А несовршености секогаш имало и ќе има. Кога се работело во тимови на пример, секако, сите јавни удари биле насочени кон мене индивидуално, иако сме биле група на луѓе со релативно иста улога и одговорност кон тимот.

За да бидеш жена како мене ќе мора да издржиш да бидеш осудувана и линчувана на секоја можна основа, потиснувана и земана „здраво за готово“. Има едно многу чудно чувство каде што те доживуваат како премногу но и премалку истовремено, што е една ужасна шах мат позиција.

Мислам дека затоа успевам на толку многу полиња кога сум надвор од токсични средини и кога имам луѓе што ме сакаат и поддржуваат без разлика на сè. Мило ми е што светски можам да се истакнам во полето што го сакам, и што ги направив сите енормни жртви за да се најдам на правилното место во правилното време. Конечно имам мир и го живеам сонот, оној којшто беше многу далечен и недостижен во моите очи пред само неколку години. Го ценам секој ден и ја користам секоја прилика да се надградам и да станам што е можно подобра верзија од себе си.

Покрај твојата космичка иднина, работиш и како модел. Како почна со „cosplay“ и кој е процесот на селекција на ликовите кои ги подражаваш и твојот креативен израз?

– Мојата генерација е интернет генерација што порасна со „geek culture“ и мемиња. Секогаш бев заинтересирана за видео-игри, „DIY“, фотографија и многу други слични активности кога бев малечка. Сè течеше по природен тек, се зачленив во фото клуб и во местото каде што пораснав имаше недостаток на модели. Сè уште таквото фотографирање беше табу тема до негде, во тоа време. За да им помогнам на моите колеги позирав, но никогаш не го променив мојот стил, а и секогаш експериментирав со изгледот. Таквите фотографии беа светски приметени па станав „cover girl“ на многу насловни страни на списанија во странство но и неколку во Македонија. Косплејот беше пропратен и фотографиран од моите колеги со коишто ден денеска креираме многу интересни концепти на фотографии. Селекцијата на ликови е секогаш она што го гледам или гејмам во моментот. Никогаш не сум креирала за некоја крајна цел, секогаш тоа било во мое слободно време со цел да се релаксирам.

Како се спојуваат во тебе науката и уметноста? Според патријархалните принципи треба да избереш едно. Каков е третманот кога се осмелуваш да постоиш во јукстапозиција, односно да бидеш автентично своја?

– Не верувам во тоа и никогаш не ми беше јасно зошто некој би те ограничувал. Веројатно нивната перцепција е базирана низ призмата на нивните лимитирани искуства и способности. Ако правилно го распоредиш времето ќе имаш можност за сè. Сакам да ги одржувам и мојата креативна страна но и онаа што анализира и решава проблеми. Овој склоп ме прави покреативен инженер, подобар косплеер, модел што знае и да едитира фотографии освен што позира и сметам дека се е комплементарно и се комбинира едно со друго. Сестраноста те прави покомплетен човек што може да го разбере секого и да се вклопи секаде. Автентичноста секогаш треба да е издржлива, зошто таквите чести промени знаат да носат многу несакани ефекти. Но сепак на крајот од денот, ако ги преживееш и се издигнеш над нив е многу ослободувачко. И за себе, но и за другите кои ќе се осмелат да бидат свои, следејќи го твојот пример.

Феминизмот има многу гранки и гранчиња. На кое стоиш ти? Кој е твојот став за женските прашања во склоп на светот на „cosplay“ и светот на технологијата?

– Бидејќи постојат огромни генерациски разлики, вообичаено е да се слушне дека феминизмот е поделен на четири различни бранови, од кои секој бран приближно одговара на различен временски период. Тие што читаат малку повеќе и се образуваат на темата феминизам, веројатно знаат многу подобро од мене дека четвртиот бран е релативно тешко да се дефинира. Меѓутоа сметам дека припаѓам во него. Доколку порано ослободувачки феномен било жената да почне да носи панталони, место фустани, за да е еднаква со мажот или пак да прекине да носи шминка, денес акцентот паѓа на сестраност на жените. Прост пример би било дека жена денес може да е и ултра успешен бизнисмен, хирург или пак инженер и да има необичен стил или пак да постира бикини слики на интернет. Ставањето на жената во кутија и условувањето на нејзините слободи наметнувајќи и да биде само едно нешто, ја унаказува можноста за живеење квалитетен и еднаков живот.

Поделбата на жената на чесна, и поистоветување со мадона и домаќинка, со друга поларна спротивност на нечесна или „лесна девојка“ не е корисно за ниту една жена на светов. Трагичното е тоа што жените сами на себе си се најголем непријател. Бидувањето на „Pick-me“ тип на девојка која што тврди дека не е како повеќето други жени само за внимание и валидација од одредена група на мажи, е очајно. Првично ја изолира нејзе, а после штети на цел женски род.

Сум имала мал милион искуства каде што жени што се сметаат за модерни бизнис жени или феминистки ми викале дека мора да изберам дали ќе сум инженер или пак, замислете, старлета, затоа што таква била нивната неспособност да разберат. Некој да те нарече старлета само затоа што изгледаш убаво или сликаш модни едиторијали а притоа се нарекува феминист е многу повеќе од контрадикторно. Истите тие жени, никогаш ги немам видено да ѝ дадат моќ на друга жена и со искреност да ѝ овозможат авторитет зошто си патат од своето его.

Да бидам искрена, пред подлабоко да навлезам во спознавањето на темата и јас самата имав токсични однесувања кон други жени кои што не ни разбирав дека се присутни. Кога дојде ерата на девојките со облини, знаев често да одговорам во иста мера на дрскост кон поинакви девојки од мене кои се дрзнале да ме осудуваат. Или пак да ги исмејувам оние кои што не се согласувале со мојот начин на живот, верувајќи им на мажите коишто ми збореле дека таква сатира е смешна, комична и потребна. Сепак не е, сепак е некоја форма на насилство. Никој нема право да наметнува таков импозантен став за тоа како некој треба да живее, зошто секој еден човечки живот треба да се третира еднакво.

Во најмала рака може да се каже за тебе дека си сестрана. Дали сметаш дека за амбициозните жени има простор во нашето општество или треба да бараат позелени ливади?

– Премногу е тешко да се справиш со притисокот и коментарите кај нас, особено ако си чувствителен. Мислам дека живеењето во странство низ најразлични локации многу ме измени. Самите луѓе наоколу не ме гледаат како типичен пример за што е тоа Македонка. Околината сепак премногу знае да ти влијае и желбата за раст во средина којашто не ги одобрува твоите соништа е дефиниција за пропаст. Во Македонија има простор за амбициозни жени, меѓутоа тоа премногу зависи од индустријата во којашто е насочена истата таа амбиција и секако можностите на самата држава. На Florida Tech правев истражување за тоа како Македонија би можела да се приклучи кон вселенскиот сектор. Еден од најдобрите начини е можеби преку образование. Меѓутоа за мене лично е неприфатливо јас да потрошам дваесет години од својот живот, полни со нефер борби и милион препреки само за можеби да имам шанса да создадам еден мал дел на сè уште непостоечка и можеби невозможна мисија да се воспостави инфраструктурa. Нашата земја има многу поголеми проблеми од престижот на вселенско истражување и апсурдно е да се притиска народот кон нешто што е пред сè додадена вредност на едно општество. Лично за мене, тоа само би носело многу фрустрации и доста неквалитетен начин на живот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: „Жешките“ рутински против Филаделфија, Феникс води 2:0 со Далас

Следно

Пендаровски: Македонскиот јазик е наше основно човеково право, право на самоопределување и самоизразување

Latest from Blog

Перишиќ се сели во Лондон

Хрватскиот репрезентативец Иван Перишиќ одлучи кариерата да ја продолжи во Премиер лигата и тоа во екипата

MacedonianEnglishAlbanian