Единствените деветорки на светот го прославија првиот роденден: Сите имаат различни карактери

5 mins read

Единствените деветорки родени во светот го слават својот прв роденден и се „со совршено здравје“, изјавил нивниот татко за Би-би-си.

„Сите веќе почнаа да ползат. Некои седат и можат дури и да одат ако се држат за нешто“, рекол нивниот татко Абделкадер Арби, офицер на армијата на Мали.

За малите и понатаму се грижат во клиниката во Мароко, каде што се и родени.

Арби рекол дека и нивната мајка Халима Сисе (26) е добро.

– Не е лесно, но одлично е. Дури и ако понекогаш е напорно, кога ќе видиме дека сите бебиња се со совршено здравје, чувствуваме олеснување. Да ги заборавиме сите маки“, изјави тој за „Би-би-си Африк“.

Арби се вратил во Мароко за првпат по шест месеци, со нивната тригодишна ќерка Сауда.

„Многу сум задоволен што повторно сум со целото мое семејство – сопругата и децата.“

Таа сега ќе има мала роденденска забава со медицинските сестри и неколку луѓе од зградата, рекол Арби.

„Ништо не е подобро од првата година. Секогаш ќе се сеќаваме на овој прекрасен момент.’

Бебињата веќе влегоа во Гинисовата книга на рекорди. Имено, ова е најголемиот број на деца родени при едно породување, а кои сите преживеале. Посебно е интересно што бебињата се зачнуваат по природен пат.

Воочи нивното раѓање на 4 мај 2021 година, Владата на Мали ја однела мајката Сисе во Мароко на посебна грижа и нега.

Раѓањето поголем број деца е многу ризично, па затоа мајките кои имаат повеќе од четири фетуси, во некои земји каде што абортусот е легален, се советуваат да ја прекинат бременоста.

Исто така, постои ризик бебињата да развијат здравствени проблеми поради предвременото раѓање, како што се сепса и церебрална парализа.

Мајката и децата во моментот живеат во она што нивниот татко го опишал како „медицински стан“ во сопственост на клиниката „Аин Борја“ во Казабланка, каде што се родени бебињата.

„Освен мојата сопруга, тука има медицински сестри кои помагаат во грижата за децата“, рекол Арби. „Клиниката состави мени според кое се хранат дење и ноќе.“

Бебињата – пет девојчиња и четири момчиња – се родени во 30-тата недела, изјави министерката за здравство на Мали, Фанта Сиби. Во моментот на раѓање тие тежеле меѓу 500 г и 1 кг, изјави професорот Јусеф Алауи, шеф на клиниката Аин Борха.

Пораѓањето било извршено со царски рез.

Момчињата се викаат Мохамед Шести, Оумар, Елхаџи и Бах, а девојчињата Кадидиа, Фатума, Хава, Адама и Оуму.

Секое бебе има уникатна личност, рекол нивниот татко.

„Сите имаат различни карактери. Некои се тивки, а други се бучни и многу плачат. Некои сакаат постојано да ги носиме. Сите се многу различни, што е сосема нормално“.

Арби се заблагодарил и на Владата на Мали за помошта.

„Државата Мали направи сè за нас кога станува збор за грижата за бебињата и нивните мајки. Воопшто не е лесно, но убаво е“, рекол тој.

Иако никогаш претходно не биле во Мали, тие веќе се многу популарни во земјата, рекол нивниот татко.

„Сите сакаат да ги видат бебињата – нивното семејство, пријателите, мештаните на нашето село, целата земја.“

Таткото, исто така, испратил порака до паровите кои се обидуваат да имаат деца: „Се надевам дека Бог ќе ги благослови сите оние кои сè уште немаат деца, да го добијат она што ние, родители на девет деца, во моментов го имаме. Прекрасно е, вистинско богатство“.

ФОТО | Деветте бебиња кои беа родени со рекордното породување во мај, наскоро ќе си одат дома

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Избувна пожар автобус на ЈСП

Следно

Касами ѝ поднесе кривична на Теута Арифи, наводно го оштетила општинскиот буџет за над милион евра

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian