На денешен ден пред 42 години почина доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – Јосип Броз Тито (1892-1980).
Тито беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година. Беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините оружени сили од крајот на Втората светска војна до смртта во 1980 година. Беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на ниеден од двата доминантни блока во тоа време, западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор.
Мислењата за неговата улога и дело се спротивставени – за едни Тито е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот, голем надворешнополитички углед, а за други – диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.
Погребот на Јосип Броз Тито, одржан во Белград, беше вториот најгледан настан на телевизија во 20 век. На збогувањето на претседателот на СФРЈ присуствуваа 700.000 луѓе, 209 делегации од 127 земји, што се дефинира како најголемо збогување на државник во историјата.
Јосип Броз Тито беше роден во Кумровец во мај 1892 година. Тој почина на 4 мај 1980 година во Клиничкиот центар во Љубљана. Погребан е на Дедиње во Белград во Куќата на цвеќето. Неговиот гроб досега го посетиле повеќе од 20 милиони луѓе.