Новинарот кој ѝ соопшти на Југославија дека Тито почина: Чувствував дека е на видик најголемата криза

3 mins read

Пред точно 42 години на денешен ден почина доживотниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито, а човекот кој таа вест ѝ ја соопшти на Југославија беше спикерот Миодраг Здравковиќ.

„Умре другарот Тито… Тоа вечерва го соопштија Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и претседателството на Социјалистичката Федеративна Република Југославија на работничката класа, работниците и граѓаните, народите и народностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија… Наскоро ќе емитуваме извештај од седницата на претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија“, изговори Здравковиќ на 4 мај 1980 година малку по 19 часот.

Здравковиќ во таа 1980-та година опишал како се чувствувал кога му била дадена страшната задача.

„На 14 февруари ми беше кажано да не се оддалечувам од Белград и постојано да бидам во врска со телевизијата, со својата редакција. Никој не ми кажа зошто, тоа го насетив читајќи го соопштението на докторите за здравствената состојба на претседателот“, се присетил Здравковиќ.

Фото: Фејсбук

„Не се сеќавам на моментот ни на точното време кога го добив соопштението што требаше да го прочитам. Во ходникот што води кон студиото доживеав уште едно изненадување. Тука веќе беше филмската екипа која го снимаше тоа мое доаѓање и тоа некако ме пресече. На онаа полна мера одговорност и концентрација што ја имав, тоа додаде уште нешто, не знам точно што, ама чувствував дека е на видик најголемата криза“, рекол, додавајќи и дека не се сеќава како го прочитал текстот кој бил ставен пред него.

„Знам дека некако влегов во студиото, седнав и бев страшно задишан, како да сум трчал со километри. Ми пријде Милан Вукос, нашиот генерален директор уште еднаш да го погледне текстот и ми рече да ја допишам третата реченица, онаа „наскоро ќе“.

Фото: Профимедиа

Автоматски почнав да го пишувам тоа што го диктираше и наеднаш застанав – за момент не можев да се сетам како официјално се вика нашата земја. Тоа беа делови од секундата, а мене толку долги“, опишал спикерот Миодраг Здравковиќ, кој почина во 2017 година, на 90-годишна возраст.

Фото: Фејсбук

Погребот на Јосип Броз Тито, одржан во Белград, беше вториот најгледан настан на телевизија во 20 век. На збогувањето на претседателот на СФРЈ присуствуваа 700.000 луѓе, 209 делегации од 127 земји, што се дефинира како најголемо збогување на државник во историјата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Фудбалерот на Селта Мина осуден на четири години затвор

Следно

Се удави рибар во Охридско Езеро

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian