Германската министерка за одбрана: На Западен Балкан местото му е во НАТО

2 mins read

Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт денеска во Сараево изрази поддршка за напорите на БиХ да стане членка на НАТО, додавајќи дека за Берлин е важно целиот Западен Балкан да има таква перспектива.

„Сакаме да видиме како Западен Балкан се приближува до Европската унија и НАТО“, изјави Ламбрехт за новинарите по средбата со министерот за одбрана на БиХ, Сифет Поџиќ и неговите заменици.

„Берлин нема да го заборави овој регион“

Германската министерка за одбрана беше во Сараево како дел од регионалната мини турнеја во време кога БиХ се соочува со закани за безбедноста на Русија поради нејзините аспирации за членство во НАТО. Рускиот амбасадор во БиХ, Игор Калабухов, претходно изјави дека Москва го задржува правото да одговори во случај БиХ еден ден да се приклучи на Северноатлантската алијанса.

Германија посвети максимално внимание на настаните предизвикани од руската агресија врз Украина, но во исто време е свесна за безбедносните ризици во другите делови на европскиот континент, вклучително и на Западен Балкан, потврди денеска Ламбрехт.

„Затоа Берлин нема да го заборави овој регион, бидејќи ги брани и европските вредности“, вети таа.

Русија може да стави вето на продолжување на мандатот на ЕУФОР

Министерот за одбрана на БиХ, Поџиќ, потврди дека разговарал со Ламбрехт за иднината на воената мисија на ЕУ. Постојат индикации дека Русија би можела да стави вето на одлуката во Советот за безбедност на Обединетите нации во ноември за продолжување на мандатот на ЕУФОР, а Поџиќ рече дека се бараат решенија за да се обезбеди безбедност во БиХ.

Воената мисија на ЕУ во БиХ, под команда на австрискиот генерал Антон Весели, моментално има околу илјада војници распоредени да одговорат на безбедносните закани.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ даде зелено светло за блокада на Собранието од 10 мај

Следно

ВИДЕО: „Кралска“ вечер во Мадрид, Реал и Ливерпул за трофејот во ЛШ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian