Павличевиќ повика 24 репрезентативци за мечевите во Европската сребрена лига

3 mins read

Македонските одбојкари отвораат ново поглавје во настапите на три фронта, сега со Ратко Павличевиќ на селекторската позиција. Српскиот стратег ќе го преземе кормилото на „црвено-жолтите“ пред новиот обид конечно да се освои Европската сребрена лига, а потоа преку учеството на Медитеранските игри, турнирот „Чајка“ и пријателските натпревари, да се одреди новиот изглед на тимот чијашто задача е да се одржи, а по можност и да се унапреди пред Европското првенство во 2023 на коешто ние ќе бидеме коорганизатори.

Павличевиќ, кој во 2018 година кратко беше во стручниот штаб на македонската репрезентација, ќе прозива утре во Маврово, а според очекувањата, неговиот избор е на истите одбојкари коишто играа на последните два континентални шампионати во Словенија и во Финска, со напомена дека на списокот од 24 репрезентативци се и неколкумина млади и перспективни играчи.

Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Ефтим Ричлиев и Давид Стојанов се техничари, Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов и Стефан Алексов коректори, оссумина одбојкари конкурираат за позицијата примач: Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ, Васе Михаилов и новаците Блертон Бафтијари од Шкендија, Ангел Бошков од Универзитет во Тетово и Оливер Куновски од Борец.

Стандардните Филип Маџунков, Ристо Николов, Филип Савовски, Славе Наков и Филип Лепидовски се блокери, а шанса ќе има и за Михајло Мирасчиев од Штип УГД и за Христијан Андоновски од Борец. Дарко Ангеловски и Костадин Ричлиев ќе играат на позиција либеро.

Павличевиќ е новиот селектор на македонската одбојкарска репрезентација

Павличевиќ во тренерската кариера работеше во четири земји: во машкиот и во женскиот тим на Црвена звезда, во Ал Хилал во Саудиска Арабија, во Пафос и во Фоњикас во Грција, како и во Амрисвил и во Шеноа во Швајцарија, а како активен одбојкар беше репрезентативец на Југославија по распадот на СФРЈ.

Неговиот прв селектороски предизвик се нарекува Европска сребрена лига 2022 во којашто годинава Македонија е во група со Босна и Херцеговина, со Албанија и со Романија. Првите две селекции ќе обезбедат пласман на завршниот турнир во Будимпешта, а уште отсега е јасно дека таму ќе сервираат Унгарија и Финска како единствени селекции во другата група по откажувањето на Азербејџан.

Во седмиот настап во ова натпреварување, македонската репрезентација ќе игра за првото злато, по четирите сребрени медали и едно трето и едно четврто место. Потоа, на крајот на јуни и на почетокот на јули, со изменет кадар, Македонија ќе се тестира на Медитеранските игри во Алжир и ќе ја продолжи традицијата на турнирот „Чајка“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бериша побара да биде протеран рускиот амбасадор и да се повлече албанскиот од Москва

Следно

Тони Цетински за животот во пандемија: Едвај преживeав, јас и сопругата живееме скромно

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian