Магија и мистерија на пештерите крај Тиквешко Езеро, најголема закана се трагачите по закопано богатство

9 mins read

Магијата и мистеријата на пештерите крај Тиквешко Езеро се значаен потенцијал за развој на спелео туризам во Тиквешко, кое располага со бројни спелеолошки објекти. За една од тиквешките пештери во минатото дури беа заинтересирани странски инвеститори, да инвестираат во пештерата и да ја преуредат во угостителски објект како туристичка атракција.

На тема спелеологија, за МИА говореше Никола Минчоров, претседател на планинарското спортско друштво „Орле”, во чии рамки функционира и спелеолошка секција.

– Четирите пештери на брегот од втората по големина вештачка акумулација во државата, се вистинско спелео богатство. Будимирица е малку недостапна за обичниот човек, но е преинтересна и има неколку колонии од лилјаци. За нас спелеолозите, особено интересна е Црквиче, што е од 16 век, а во неа има изградено црква. Таа е многу посетена, своевремено ние планинарите имавме план да ја приспособиме како туристичка пештера. Партизанската пештера Чулејца, е исто така мошне интересна, како за спелеолозите, така и за обичните луѓе. Најнепристапна е Галишката пештера, која е една од најдобрите пештери во државата. Тие се само дел од тиквешките пештери што се наоѓаат на спелеолошката мапа на регионот, кој е особено богат со присуство на вакви објекти, појасни Минчоров.

Тој раскажа дека рацете на природата изработиле магични украси во овие пештери, во кои живеат колонии на лилјаци. На одделни места, сталактити и сталагмити се создаваат пред очите на посетителите во спелеолошкиот објект. Делови од пештерите се уште се активни и тоа ги прави особено атрактивни. Затоа спелеолозите од Kавадарци редовно ги посетуваат, се грижат за објектите, за да можат и тие и другите посетители да уживаат во нивната магичност и мистериозност.

Минчоров нагласи дека изобилството од украси е само дел од она што ги прави привлечни за алтернативните туристи. Но, за жал, ниту овие пештери, покрај нивната тешка достапност, не биле заобиколени од трагачите по злато.

– И во овие прекрасни спелеолошки објекти, кои настанале од рацете на мајката природа, забележавме траги, кои сами по себе упатуваат на златомани. Во потрага по закопано злато ловците на богатство забораваат дека за еден миг уништуваат дела кои природата ги создава милиони години наназад. За среќа, арамиите не можеле да влезат подлабоко во пештерите оти немале срце за такво нешто, категоричен беше Минчоров.

Суеверието ги ништи лилјаците

Бабини деветини и несовесни граѓани, кои ги уништуваат пештерите, ги истребуваат лилјаците, кои се загрозен вид во Европа. Освен суеверните што ги ловат лилјаците за иљачи, најчест непријател на овој цицач се трагачите по скриено богатство во пештерите, предупредуваат еколозите. Лилјаците имаат важна улога во екосистемот бидејќи се чистачи на инсекти и тие во Македонија се заштитени со закон.

– Жена ми пријде и ме праша дали влегувам во пештери. Откако потврдив, ме праша дали можам да и донесам лилјак кој и требал за да го лекува алкохолизмот на сопругот, е приказната што се раскажува помеѓу македонските спелеолози.

Спелеолозите од „Орле” раскажуваат за слични искуства. Од нив суеверни Тиквешани барале да им фатат лилјаци за да направат иљач за лекување алкохолизам или за да се омажат, оженат и слично.

– Тешко на лилјаците ако некој верува дека со нив може да се лекува алкохолизам, со оглед на тоа што во Тиквешко луѓето ја милуваат чашката, рекоа тие на шега.

Спелеолозите, нагласи тој, сме само посетители на пештерите, кои се дом за лилјаците.

– Никако не смее да се пали оган пред пештера оти чадот кој навлегува внатре може да ги задуши. Не треба да се палат карбидски ламби или да се пуши внатре. Лилјаците не треба да се фаќаат в рака бидејќи може да им штети дури и ако користите појака козметика, препорачуваат еколозите.

Според спелеолозите, опасност за овие цицачи, се и инсектицидите. Но, според нив, една од најголемите закани се и трагачите по закопано богатство кои прекопуваат цели спелеолошки објекти.

– Затоа се препорачува патеките кои водат покрај пештерата, да се маскираат, а натрапниците да се насочат во друг правец. Или да се постави информативна табла на која стои дека пештерата е глобално значајно природно заштитено живеалиште на лилјаците, децидни се спелео активистите.

Од нив дознавме дека во светот се познати околу 1.100 вида лилјаци, а во Македонија има 24 вида.

– Лилјаците се корисни за чистење на штетните инсекти, за опрашување и расејување на семиња и друго. Ако исчезнат, ќе се намножат инсекти. Тие се меѓу најмалку проучените и најнеразбраните животни. Во целиот свет, од далечното минато до денес, постојат митови и мистификации што се причина за непотребен страв, додаваат еколозите.

Изметот од лилјаци е најдобро ѓубриво

Сите бараат измет од лилјаци, затоа што изметот од овие мистични суштества бил извонреден за со него да се наѓубрат бавчите за земјоделските растенија во нив да родат повеќе и поквалитетни плодови. Информацијата ја потврдија планинари од планинарското спортско друштво „Орле” од Кавадарци.

– Точно е тоа што го зборувате. Мене лично на неколку пати кавадарчани ми имаат побарано да им донесам измет од лилјаци од пештера. Сум го правел тоа главно од некоја поблиска пештера, како онаа Дреновската. Иако таа е бајаги недостапна. Се има случено да правиме посебен систем за прифаќање на вреќи полни со ваква земја од пештерата „Лилјарница”. Кога ги прашав моите пријатели зошто толку запнале по измет од лилјаци, ми рекоа дека бил подобро, појако и поефикасно природно ѓубриво од пилешкото кое обично се собира од кокошарниците. Дејството му било извонредно и давало многу позитивни ефекти врз растенијата . Многу луѓе пак ми бараат од ѓубрето за цвеќето, открива планинарот и спелеолог Благој Лазов.

Покрај прекрасните пештерски украси, пештерите имаат и огромни количини на измет од лилјаци. Станува збор за прашкаста материја со црвеникава боја, која ако ја земете во рацете, наликува на прашина. Нашите пријатели планинари ни кажаа дека дебелите пластови од измет од лилјаци се создавале со години наназад. Планирате се децидни дека луѓето не треба да дозволат да ги исцрпат сите количини на измет од лилјаци во пештерите, оти сепак се тие амбиент во пештерите, кој во никој случај не смее да се наруши.

Пештерско вино

Голем е бројот на оние кои сакаат да ја посетат една од најубавите пештери во Тиквешијата, „Чулејца”. Таа изобилува со природни украси од кои застанува здивот на секој посетител. Од уста на уста се раскажува за убавините со кои располага убавицата до која се стигнува по воден пат, преку пловење низ Тиквешкото Езеро. Пештерата уште се нарекува и “партизанска”, оти се верува дека таа своевремено била засолниште за партизаните.

– Ова е една од најистражуваните пештери во Тиквешко. Освен домашни спелеолошки клубови, за неа интерес покажаа и француски спелеолози, откри Минчоров.

Од „Орле” веќе сериозно размислуваат некои од пештерите да ги приспособат за туристичка посета и развој на спелеотуризмот. Спелеолозите од друштвото имаат идеја гостите во тиквешките пештери да можат да пробаат и пештерско вино.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дали чешањето на градите може да биде симптом на рак?

Следно

Германија го поддржува ембаргото за руската нафта, најави Баербок

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian