1 Мај – Меѓународен ден на трудот, до каде сме со работничките права

8 mins read

Денес, толку многу години по првите штрајкови на работниците и борбата за унапредување на работничките права, за многу работници слободниот викенд и 40-часовната работна недела се недостижни. Секојдневно има прекршување на работничките права.

Даниела Антоновска, м-р по родови студии / Фото: Приватна архива

Секоја четврта пријава во март-април 2020 г. во Државниот пазарен инспекторат е за добиено неосновано отказно решение. Во ДИТ секоја година пристигнуваат просечно по 30 илјади пријави за повреда на работничките права.

1 мај 1886 година, во Чикаго, САД, 40.000 работници од различни индустриски гранки обединети ја прекинуваат работата и излегуваат на улица барајќи усвојување на стандарден осумчасовен работен ден и подобрување на условите за работа. Во исто време во останатите градови во САД како Синсинати, Њујорк, Детроит илјадници се придружуваат на штрајкот со цел да направат притисок врз работодавачите за намалување на работата од ,,изгрејсонце до зајдисонце“. Помеѓу 350.000 и 500.000 работници излегле на улиците против четиринаесет, шеснаесет па дури и осумнаесетчасовниот работен ден во небезбедни услови за работа. Повредите и смртта биле секојдневие за работничката класа во 19 век. Честопати бил злоупотребуван и детскиот труд. Илјадници мажи, жени и деца секоја година умирале на работното место.

„Нашата тишина ќе биде помоќна од гласовите што ги стишивте“

Во доцните 1800-ти , штрајковите на работниците биле секојдневие, а растот на индустриската револуција ја зголемил и побарувачката за здружување во синдикати и федерации. Прогласот за штрајкот на 1 мај е упатен на првиот конгрес на Американската федерација на трудот. Штрајкот иако планиран да трае еден ден, траел три дена до 4 мај. Првите два дена поминуваат мирно, но на 3 мај протестите стануваат насилни. За време на говорите во близина на фабриката „МекКормик“ во Чикаго, насилството ескалира со фрлање на камења од страна на работниците, полицијата одговара со пукање, а наредниот ден на 4 мај експлодира и бомба меѓу полициските редови. Точниот број на повредени и убиени не е прецизно утврден, но се проценува дека загинале 7-8 цивили, a околу 40 биле повредени. Сето ова се случува на плоштадот Хејмаркет во Чикаго и штрајкот е познат како аферата Хејмаркет или како масакрот на Хејмаркет. Масакрот кај Хејмаркет се смета за зачеток на Меѓународниот ден на трудот. На споменикот на плоштадот се врежани зборовите „Ќе дојде денот кога нашата тишина ќе биде помоќна од гласовите што ги пригушивте/стишивте денес.“

Во Австралија, работниците исто така одлучуваат да организираат прекин на работата под слоганот ,,8 часа работа, 8 часа рекреација и 8 часа одмор“ иако овој прекин требало да биде само еден ден , одлучено било да се повторува секоја година. Од другата страна на Атлантикот, во Европа во 1889 г. во Париз, Втората интернационала, меѓународна организација на работниците и социјалистите, на својот конгрес ја усвојува резолуцијата со која одлучува во сите земји и во сите градови на 1 мај работниците да бараат од државните власти намалување на работниот ден. Резолуцијата во тој период ја истакнува важноста на ,,класниот карактер на првомајските демонстрации“. Социјалните теми и трудовата експлоатација на работниците послужиле како инспирација за повеќе култни книги како ,,Железната пета“ од Џек Лондон, ,,Џунглата“ од Аптон Синклер, ,,Жерминал“ од Емил Зола.

Најголем дел од прекршувањата во Македонија – отпуштање од работа и неисплатени плати

Некаде кон крајот на 19 век, 1 Мај започнува да се празнува и во Македонија, најпрвин во Битола 1898 г., а потоа и во Куманово во 1909 г., каде излегуваат на штрајк работници од шивачката, чевларската индустрија, но и интелектуалци. Во Југославија по Втората светска војна, во чест на 1 Мај се организираат паради, а подоцна во 70-тите години на минатиот век фокусот од парадите се свртува кон излетите во природа, скарите, прошетките. Денес, толку многу години по првите штрајкови на работниците и борбата за унапредување на работничките права, за многу работници слободниот викенд и 40-часовната работна недела се недостижни. Секојдневно има прекршување на работничките права. Според истражувањата на Хелсиншкиот комитет за човекови права во периодот од ноември 2019 до април 2020 има регистрирано 214 пријави за прекршување на работнички права кои опфатиле 3432 работници од кои по однос на родовата распределба 59,8% се работнички, а 40,2% се мажи работници. Најголем дел од прекршувањата биле: отпуштање од работа 38%, неисплатени плати/ намалување на плата 32%, принудно спогодбено раскинување на договорот за вработување 31%, вознемирување на работно место 11%, непродолжување на договор на определено време на бремени работнички 5%. Најмногу прекршувања се забележани во текстилната индустрија, производството, трговијата и угостителството. Од друга страна пак, овие дејности беа и најзагрозени од кризата предизвикана од ковид-19. Работниците во овие дејности се соочија со економска и социјална несигурност, ризик од отпуштање, намалување или губење на приходите. Само за период од две недели на почетокот на кризата во април 2020 г. се добиени 56 пријави кои опфаќаат 363 работници, каде 264 работници биле принудени на спогодбено раскинување на договорот за вработување. Секоја четврта пријава во март-април 2020 г. во Државниот пазарен инспекторат е за добиено неосновано отказно решение. Во ДИТ секоја година пристигнуваат просечно по 30 илјади пријави за повреда на работничките права.

Сѐ уште можат да се слушнат и видат известувања во медиумите за мизерните услови во кои работат работничките во текстилната индустија каде се работи и по 10 часа, не се зема плата по два месеца, а не е платено ниту боледувањето ниту пак хранарината. Истражувањата покажуваат дека многу работници и работнички се демотивирани да се организираат и вклучат во синдикатите бидејќи не гледаат полза. Многу од работниците се обесхрабрени од својата позиција како и од честопати замижувањето на трудовите инспектори. Потребно е подигање на свесноста за работничките права, трудовата експлоатација, мобингот, дискриминацијата и вознемирувањето на работното место.

Концептот за пристојна работа е промовиран во 1999 г. од страна на Меѓународната организација на трудот, прифатен на Светскиот самит на Обединетите нации во 2005 г. а потоа и од Економско-социјалниот совет на ОН во 2006 год. 7 октомври е прогласен за Светски ден на пристојната работа. Советот на ЕУ во 2002 год. ја усвои Директивата 2002/14/Е3 за поставување рамка за информирање и консултирање на вработените која има за цел да го поттикне социјалниот дијалог меѓу работодавачите и работниците. Европската заложба на нашата земја донесе одредени промени во трудовото законодавство како што се системски промени во законите преку транспонирање на европските директиви во постојните закони или носење нови закони. Социјалниот дијалог меѓу партнерите (државата, синдикатите и организациите на работодавачите) е клучен за градење социјален мир, заштита на работничките права , подобрување на работните услови и промовирање на одржливи претпријатија. Од особено значење е информирање и консултирање на синдикатите, вистинско и стратешко синдикално дејствување и посветено работење на унапредување на работничките права.

Честит Први мај!

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Внукот на Мухамед Али во првата рунда го нокаутираше Ибара во Лас Вегас

Следно

Битиќи: Работникот е на прво место, а човечкиот капитал пред сѐ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian