ФОТО | Разговор со Сара Реџиќ, веселата дизајнерка: Моите креации ги замислувам на луѓе коишто си ги носат со ќеиф, разиграно низ светот

5 mins read

Во моето маало сум позната како ‘цвеќарката’, дома сум позната како ‘тврдоглавата’ и со право ме викаат така. Но, мојата омилена улога е ‘мајка ѝ на Срна’“, вели Сара.

Сара Реџиќ е сè, освен обична девојка. Низ градот Скопје е позната како „шарената“, „весела“ модна дизајнерка. Има студирано право на сила и дури во третата година од студиите сфатила дека само си го губи времето. „Тоа не е она што јас го сакам и умеам, дури ни приближно“, вели Сара за себе. Љубовта кон модата и кон рачната изработка ја наследила од мајка ѝ. „Сè што знам да работам, го научив од неа“.

Естетиката на Сара Реџиќ е естетика на радоста. Кога човек ќе се сретне со нејзината дизајнерска облека, како да наишол на некои ретки магиски предмети. Топлината со која зрачи нејзиниот дух, безрезервно е пренесена во колажните, плодни производи на нејзините вредни раце.

Кога почнавте да шиете и да креирате облека? Дали е процес кој се одвиваше симултано или едното го инспирираше другото?

– Сè започна со едно карирано елече коешто ја молев мајка ми да ми го сошие, а таа беше со ставот: „Не знам, не умеам“, па ме налути, го земав материјалот и сама си го скроив.

Парчињата кои ги дизајнирате се весели и колажни. Дали имате посебна техника на креирање и што влегува во изборот на материјали?

– Најпрво, креиравме за мене, за сестра ми и за нашите другарки, па подоцна се одлучуваме да пробаме да ги продаваме нашите креации. Сите мои креации се весели. Уште при изборот на материјалите, јас ги бирам најшарените и највеселите бои. Ако правам нешто од еднобоен материјал, тогаш му додавам сто детали – слики, гоблени, траки, украси… сѐ со цел на крај да излезе „лудо парче“.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од каде влечете инспирација? Кои се вашите влијанија и дали креативниот процес ви се одвива во континуитет или во циклуси?

– За креативен ум, инспирација има насекаде. Во луѓето, во природата, во збиднувањата. Буквално, секој момент инсприра на нешто. А, јас сакам да творам, да креирам, да измислувам. И не, не работам во циклуси, работам континуирано и постојано. И најчесто се случува, додека работам на едно парче, во главата да имам бура на идеи за нови парчиња.

Фото: Приватна архива

Кога креирате, кого имате на ум? На каков тип луѓе ги замислувате вашите креации?

– Кога креирам, немам никого специјално на ум. Едноставно, го правам тоа што ми се допаѓа, со надеж дека ќе им се допадне на сите. Поради мојата континуирана работа, јас не можам да ги одделам моите дела во посебни колекции. Сите мои креации се „сестри“, затоа што секоја нова се раѓа во мојата глава додека ја завршувам претходната. Моите креации ги замислувам на луѓе коишто им се радуваат и си ги носат со ќеиф, разиграно низ светот.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

За што се најмногу заинтересирани купувачите? Дали вие им помагате во изборот на облеката или тие знаат што сакаат? Каде може да се најдат вашите дизајнерски парчиња?

– Секое парче е уникатно. Купувачите најмногу ги воодушевува помислата дека носат парче коешто е единствено и само тие го поседуваат. Да, јас им помагам на своите купувачи со предлози, едноставно не можам да дозволам некој да купи парче коешто не му стои. Поради тоа, луѓето ми веруваат до таа граница што ми оставаат да одредам што би било убаво за нив.

Фото: ЕPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Што е следно за вас? Во кој креативен наратив ќе се насочите?

– Мајка ми е опседната со ташни. Така што, по нејзин наговор, ќе ја започнам оваа сезона со колекција од раскошно убави ташни.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Федерацијата ќе му помогне на Партизан околу долговите за да не биде исфрлен од Европа

Следно

Николоски: Понудата за лидерска средба се уште важи, спремни сме за средба со било кој од СДСМ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian