ФОТО | Дејан Доневски со идеи за 1 Мај: Заменете ги обичните излети со прошетка на планина

8 mins read

Македонија е главно планинска земја, а кога станува збор за нејзината природна убавина – никој не може да ѝ остане рамнодушен. Странските туристи и планинари ја доживуваат како „малечка Швајцарија на Балканот“, а се чини дека и Македонците имаат сѐ поголема желба да ја истражуваат.

Доколку сакате да го разбудите авантуристот во себе и да излезете надвор од вашата комфорна зона за време на овој празничен викенд, Дејан Доневски од ПК „Ај лав хајкинг“ има неколку интересни предлози за вас.

„Нашиот планинарски клуб „Ај лав хајкинг“ од Скопје ги изведува овие тури во месец мај и, исто така, ги предложуваме на сите оние кои имаат желба и кои имаат психофизичка спрема да ги поминат за да ја увидат убавината на нашата земја“ – вели Доневски.

Дефинитивно, сега е вистинското време да ги „наполните батериите“ и да уживате во прекрасните, неистражени краеви на нашата земја.

Лесна тура

Една од полесните тури, во која можат да земат учество од 7 до 77 години, е „Патеката на Крали Марко“. Таа тура започнува во с. Дупјачани, поминува покрај манастирот Трескавец и завршува во Варош, Прилеп.

Самата патека располага со импозантни глетки на Прилепското Поле, голем број фигури создадени од карпи, а меѓу најпознатите се Слончето, Домино, Жлеката и Лавот, Молитвеникот итн., по сртот кој се протега од Св. Архангел Михаил, па сѐ до манастирот Трескавец. По патеката се поминува покрај локалитетот Сурун, каде се пронајдени старомакедонски гробници, кои се вдлабнати во карпа.

Фото: ПК „Ај лав хајкинг“

Опис на патеката

Кон Трескавец се совладува висинска разила од 650 м (едно Водно) со должина под 5,5 км. Од Трескавец, кон споменичниот археолошки комплекс Маркови Кули се качува 300 м и се спушта 800 м со должина од 9,5 км. Сѐ вкупно е 15 км со искачување од 950 м и спуштање од 800 м и многу попатни застанувања за воздишки и фотографии.

Фото: ПК „Ај лав хајкинг“

Средна тура

Втора предлог тура е Боговињско Езеро, кое се наоѓа на масивот на Шар Планина. Неговата атракција е во тоа што во овој период се топат снеговите од високите врвови и создаваат брзи потоци и голем број извори кои протекуваат долж патеката. Планинарите велат дека самите потоци маѓепсуваат со својата песна, но само оние кои знаат да слушаат.

Патеката е за сите оние кои имаат мала психофизичка подготовеност за одење по планина. Секако, ова не треба да им биде прва тура на оние кои сакаат да започнат со овој спорт. А, ако им е прва тура, тогаш треба да одат во група со водичи, кои можат да ја гарантираат безбедноста во планината.

Фото: ПК „Ај лав хајкинг“

Опис на патеката

Патот до селото е по асфалт и е кривулест пат со кривини. Пешачкиот дел на патот е во првите 2 км до браната, колски пат, каде стрмнината и не е толку голема. Од браната се влегува во шумски појас и реката се прескокнува реката неколку пати. Првото прескокнување е најтешко, а потоа има импровизирани мостови. Долж реката е патеката која ќе ја пратиме сѐ до Боговињско Езеро, а попатно ќе имаме безброј водопади и извори каде водата пробила на површина. Од над шумата, патот е по планинарска патека која се губи, одењето е по беспаќе и не е обележано.

Од с. Ново Село (1200 м.н.в.) до Боговињско Езеро (1960 м.н.в.) имаме искачување од 800 м. Како за споредба, тоа е колку да ја искачите Водно. Вкупната должина на патеката до Боговињско Езеро е 14 км. Турата е средно лесна до Боговињско Езеро.

Наш предлог е да си земете нешто за лежење и да се обидете да се споите со природата кај Боговињско Езеро. Тука можете да се опуштите, па дури и малку да дремнете. Сплотувањето со природата ќе ви донесе многу полза во работната седмица што следи.

Фото: ПК „Ај лав хајкинг“

Тешка тура

Наш трет предлог е врвот Крчин, кој се наоѓа на 2343 м.н.в., и важи за една од потешките тури за сите психофизичко спремни планинари и рекреативци.

Крчин се наоѓа во Националниот парк Маврово, на планината Дешат, во реканскиот крај. Планината граничи со соседна Албанија и нуди прекрасен поглед кон Дебарската Kотлина, кон планината Бистра и врвовите Меденица и Карбула, кон целиот венец на Кораб, кон Проклетие и кон многу други планини и врвови.

Убавината на оваа тура е што е кратка, а доволно стрмна за да ја извади целата сила од вас, без многу долго одење по планината, каде бргу се враќате во нормала со кратки одмори.

Фото: ПК „Ај лав хајкинг“

Стартот на турата е во с. Битуше кај месноста Драга, каде што има ливада на 1150 м.н.в. Потоа се оди по кривулеста планинарска патека низ локалните потоци кои се прескокнуваат на самиот почеток, потоа патеката влегува во листопадна шума, низ која се газат безброј лисја што ги покриваат вашите обувки и така со длабочината низ нив секој од учесниците има мал удел во симфонијата која се прави при одење нагоре низ шумата.

Потоа се доаѓа над грамадната карпа Голема краста, која се наоѓа на 1880 м.н.в., на Џинова ливада каде има вода за пиење. На истата ливада се наоѓа и малото црквиче во чест на Пресвета Богородица, каде што доколку не можете да се качите на врвот, имате убаво место да се одморите и да почекате.

Од црквичката почнува стрмно искачување до самиот врв. На одредени места се поминуваат снежни јазици. Ова, воедно, е и најтешкиот дел од патеката.

Опис на патеката

Турата изнесува само 6 км во правец, со совладување висинска разлика од 1500 метри. Потребни се од 4, до 5 часа за искачување до врвот. Мора да се напомене дека иако е кратка, турата е средно тешка.

Наш предлог е да одите со планинарски водич кој ја знае областа, поради убавините на местата за одмор, за полнење свежа планинска вода и за да можете безбедно да се движите во тие предели.

Фото: ПК „Ај лав хајкинг“

Ви посакуваме убав и авантуристички 1 Мај!

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Аргентинците со најмногу барања за купување билети за Мундијалот во Катар

Следно

Охридското крајбрежје повторно полно за продолжениот викенд

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian