САД очекуваат брз почеток на преговорите ЕУ-Македонија

8 mins read

Премногу се одолговлекува одржувањето на меѓувладината конференција. Исполнивте тешки задачи, ги исполнивте реформите и заслужувате брзо да напредувате. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ – изјави вчера во Скопје помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид.

Соединетите Американски Држави сакаат Македонија што побрзо да ги почне преговорите за членство со ЕУ, порачаа вчера во Скопје високите американски гости, помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид и нејзиниот заменик Габриел Ескобар, кој е и специјален претставник за Западен Балкан. Тие на премиерот Димитар Ковачевски и на министерот за надворешни работи Бујар Османи им ја пренеле силната и недвосмислена поддршка на администрацијата на претседателот Џо Бајден за европските интеграции на Македонија и за итно и неодложно почнување на преговорите со ЕУ.

Секретарката Донфрид недвосмислено рече дека САД сакаат што побрзо да се одржи меѓувладината конференција.

– Премногу се одолговлекува нејзиното одржување. Исполнивте тешки задачи, ги исполнивте реформите и заслужувате брзо да напредувате. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ – рече таа по средбата со Османи на прес-конференција на која немаше време за новинарски прашања.

Донфрид: На Балканот му треба стабилност

Донфрид истакна дека пристапувањето на Македонија во ЕУ ќе донесе поголема стабилност на Балканот и поголем просперитет во Европа и ја пофали земјава во однос на јасно изразениот став околу војната во Украина.

– Вие сте бранители на демократијата и на владеењето базирано на правила. Застанавте заедно со меѓународните партнери во поддршка на украинскиот народ. Знаете колку е важна слободата и повеќе пати сте докале дека сте стабилен партнер. Ова е време на предизвици и можности. Северна Македонија покажа дека е способна да застане во одбрана на човековите права. Треба да го одржите темпото на реформите, но покажавте дека можете да се справите со предизвикот – рече американската политичарка.

Таа дополни дека САД ја ценат и улогата на Македонија во тројката на ОБСЕ, а го најави и стратешкиот дијалог на двете влади што треба да се одржи во Вашингтон.

Министерот Османи на заедничката прес-конференција со Донфрид повторно укажа дека сега е вистинското време ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес за време на француското претседателство. Тој предупреди дека отсуството на напредок ќе има сериозни последици за целиот Западен Балкан, а ќе отвори и простор за штетни влијанија од трети земји.

– Забрзувањето на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери. Процесите на проширување на ЕУ се и безбедносна политика и членството е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност. Никој од нас нема време за губење – рече Османи.

Министерот укажа дека Македонија е лојален партнер и дека е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на  ЕУ, како и со рестриктивните мерки што произлегуваат од воената агресија на Русија врз Украина. Со почетокот на преговорите, смета Османи, ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и за помирувањето во регионот.

Владината прес-служба, пак, соопшти дека Донфрид оценила дека со ефективните политики за поддршка на народот во Украина и во согласност со надворешната политика на НАТО и на ЕУ, Македонија дала уште еден силен аргумент дека припаѓа во Алијансата и во Унијата.

„Заеднички е констатирано дека ова треба да биде препознаено и вреднувано од ЕУ, со отворање на преговорите за Северна Македонија и Албанија, бидејќи проширувањето на ЕУ од геополитичка гледна точка е безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на самата Европска Унија“, соопштија од Владата.

ВМРО-ДПМНЕ против отворање на Уставот

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера предупреди дека тие како партија нема да дадат поддршка за уставните измени што ги бара Бугарија, доколку и Софија од своја страна не ни даде некаккви писмени гаранции.  Тој рече дека е неприфатливо да се дозволува соседните држави да се мешаат во нашите внатрешни работи и откако ќе ги исполниме критериумите за ЕУ, да мора да ги исполниме и критериумите на бугарскиот премиер Кирил Петков, кои се за негова домашна употреба.

– Петков штити свои државни интереси, проблемот е што недостасува заштита на македонските интереси. Зад овие интереси не стои нашата држава и нејзините институции. И ако условот е да се исполнат сите бугарски барања, кои ќе значат исполнување на нивната бугарска декларација, на наша штета, тоа е нешто со кое ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се согласи, ниту пак да се помири. И ако има отворање на Уставот, чин со кој е предвидено дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без претходни писмени гаранции за нашата историја, за нашиот македонски јазик, без вештачки фусноти, за нашата посебност и културна различност. Повторувам, да се знае сега, нема тоа да го поддржиме и нема тоа да помине – рече Мицкоски.

Тој додаде рече дека, ако Скопје и Софија постигнат нов договор, тој најверојатно ќе помине во Собранието со обично мнозинство, но ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Ковачевски: Ќе отвориме македонски културен центар во Благоевград

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање на Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, за здружението со име „Ванчо Михајлов“ истакна дека ќе му каже на неговиот бугарски колега Кирил Петков дека и Македонија ќе отвори културен центар во Бугарија.

– Планирам директно да го информирам колегата Петков дека, како Влада, во текот на оваа година имаме намера да отвориме нов културен центар во Бугарија, во Благоевград, а името на центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот институт за историја. Сосема е во ред која било држава, која има граѓани кои се самоопределуваат, да отвори културен центар во нашата држава, како што и ние отворивме културен центар во Софија. Како што Бугарија долги години има културен центар во Скопје – порача Ковачевски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дерматолог ги сподели најголемите грешки кои ги правиме во април и во мај

Следно

Уапсен премиерот на Британските Девствени Острови

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian