Решение со Бугарија сега или никогаш!

5 mins read

Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на ЕУ, со што уште еднаш покажа дека заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција – рекол премиерот Ковачевски на средбата со Вархељи.

Ако сега Бугарија не го тргне ветото за македонските евроинтеграции, односите Скопје-Софија може да заглават во замрзнат конфликт, а спорот долго време ќе остане нерешен, затоа што ние имаме и други проблеми за решавање дома. Ова, накратко, е најновата порака што  македонскиот државен врв ја испраќа во пресрет на јунскиот самит на ЕУ, на кој Софија веќе најави дека нема да ја отстрани блокадата што трае речиси 18 месеци.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи завчера ја посети Софија, а вчера Скопје, но не одржа прес-конференции. Во Софија изјави дека е „крајно разочаран“ што Македонија и Албанија сè уште не ги почнале преговорите за членство со ЕУ и најави дека ќе работи интензивно тоа да се случи до јуни.

Од Владата вчера соопштија дека премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан  Маричиќ на состанокот со еврокомесарот Вархељи заеднички констатирале дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите, а во спротивно тоа може да остане уште долг период отворено прашање, што не е од полза на ниту една страна.

– Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на ЕУ, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со Унијата – рекол премиерот Ковачевски, пренесе владината прес-служба.

Вархељи завчера од Софија порача дека ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.

– Сите земји-членки треба да ја разберат трансформативната моќ на процесот на пристапување. И ова е пораката што ја носам во Софија повторно. Бев тука пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека нема време за губење. Важно е проширувањето на Западен Балкан да го ставиме во првите пет политички приоритети на ЕУ, затоа што војната што ја гледаме во Украина веќе ја имаме видено на Балканот и се уште имаме лекции што треба да ги научиме , а тоа е дека целосната интеграција на Западниот Балкан во ЕУ најмногу ќе придонесе за стабилност и просперитет – порача еврокомесарот на конференција посветена на ЕУ и Западен Балкан.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за Бугарската национална телевизија порача дека кај македонските политичари сега има многи волја и енергија да се најде решение за отгворените прашања, а ако тоа наскоро не се случи, конфликтот може да „замрзне“.

– Условите се добри за конечно да ставиме крај на овој маѓепсан круг во кој влеговме. Мислам дека во иднина ќе има се помалку сила, енергија и храброст кај кој било политичар храбро да се занимава со оваа тема. Затоа се плашам дека за месец-два ова ќе се претвори во замрзнат конфликт кој ќе трае со години, со сите последици што ќе произлезат од нашите односи, нашата внатрешна политика и можностите за регионот. Убеден сум дека во втората половина од оваа година нема да ја имаме истата сила да бидеме целосно посветени, со сета енергија на власта, за решавање на ова прашање, како што го правиме сега. Ако ја пропуштиме оваа можност, за жал, ќе продолжиме, се разбира, да бидеме конструктивни на овој план, но ќе треба да се занимаваме со други прашања во нашата земја – одговори  Османи на прашањето дали очекува  наскоро  голем настан и пробив во односите меѓу двете земји.

Според него, одложувањето на пргеворите со ЕУ ја слабее енергијата, а ќе ги заслаби и  напорите за изнаоѓање решение.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 28 април: Недоразбирањата со партнерот влијаат лошо на вас

Следно

Американскиот долар на највисоко ниво во изминатите пет години

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian