Голманот на Еурофарм Пелистер Секељи: Се надевам дека ќе создадеме историја во Битола

4 mins read

Голманот има големи надежи дека заедно со соиграчите од Еурофарм Пелистер ќе ги израдуваат битолските навивачи. Битолчани ја почнаа сезоната со освојување на Суперкупот, а имаат реални шанси да дојдат и до титулите од Суперлигата и од Купот на Македонија

Унгарецот Мартон Секељи, голманот на РК Еурофарм Пелистер, верува дека тимот на битолчани има сила да оствари историско достигнување и до крајот на сезонава да донесе уште две титули во „градот на конзулите“. Битолчани добро ја започнаа сезоната со освојувањето на Суперкупот, а имаат реални шанси да дојдат и до титулите во првенството и во Купот.

Општо мислење е дека титулата во првенството ќе се решава во Битола, кога в недела Еурофарм Пелистер ќе се сретне со Вардар. Резултатот од овој меч треба да биде клучен за тоа кој на крајот на сезоната ќе се радува на титулата. Во Битола која одамна не видела титула од првенството, веќе „врие“ во исчекување на мечот.

Уште од почетокот на сезоната сите во градот не храбреа дека можеме да дојдеме до титулата. Сега имаме една и единствена шанса, една можност да го освоиме шампионатот. Секако, подготвени сме да дадеме сто отсто. Вардар е многу добар тим, има играчи со подобар квалитет. Изгледа дека се ќе зависи од тој меѓусебен дуел. Ќе видиме што ќе биде. Секој сака да ја освои титулата – вели Секељи, кој има и лични причини да ја посакува титулата во првенството на Македонија.

– За мене лично тоа ќе значи многу. Сезоната ја почнавме добро, го освоивме Суперкупот. Лигата е друга работа. Цела година треба да играте добро. За мене секако, многу значи да имам титула од едно првенство. Тоа влегува во моето „си-ви“. Ќе бидам многу горд ако ја донесеме титулата во Битола. Имаме добри настапи цела сезона. Уште недостига да го донесеме „златото“ – вели Унгарецот. За него Вардар е фаворит, иако битолчани во меѓусебната средба од плејофот во Скопје славеа победа и со тоа избија на чело на табелата со два бода предност пред скопјани.

– Вардар е подобар тим. Ако некој мисли дека ние сме фаворити, се лаже. Но ние сме тим кој нема што да изгуби. Не сме фаворити и затоа поголемиот притисок е на Вардар. А тој меѓусебен меч ќе го играме дома ќе имаме поддршка од фановите. Знам, атмосферата ќе биде фантастична. Ќе има и видео-пренос надвор од салата за оние без билети. И тие ќе можат да го следат мечот. Подготвени сме организациски добро за овој голем настан – вели Унгарецот за претстојниот првенствен меч во Битола в недела.

Тој по крајот на сезонава си заминува дома, следната сезона ќе игра за Татабања.

Ќе одам дома, сакам да бидам со семејството. Се враќам во Татабања за да бидам со сопругата и со детето. Во Битола сум сам и тоа е главната причина за моето напуштање на клубот ова лето – вели Секељи, кому Битола засекогаш ќе му остане во сеќавање.

– Целата атмосфера е неверојатна во Битола. Не сум видел такво нешто во животот. Играв за Порто, за Веспрем, Татабања, за националниот тим на Унгарија… Во Македонија е нешто посебно, како навивачите го поддржуваат својот тим. Тоа е на некое друго ниво. Ќе го носам во срцето мојот престој во Битола и во Еурофарм Пелистер и ќе го имам за цел живот. Со моите соиграчи се надевма дека ќе создадеме историја. Веќе го освоивме Суперкупот, имаме реални шанси за освојување на првенството и на Купот. Ќе биде полесно да се зборува за ова по завршувањето на сезоната. Засега ова се само желби. Но верувам дека ќе успееме – вели Секељи.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Исчистени 450 тони линдан од малата депонија во „ОХИС“

Следно

ВИДЕО | ТикТок пресуди, а милион жени се вљубија: Најмодерната боја за коса за ова лето треба да содржи три нијанси

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian