Едно патување променило сè: Мила Величковска ни ја доближува егзотиката на Бали преку еко производи

5 mins read

Мила Величковска е млада претприемачка од Куманово, која веќе неколку години живее и работи во Скопје. Дека е човек со авантуристички дух зборува и фактот дека претходно живеела и студирала во Франција и Австралија.

Иако е магистер по превод и толкување, денес работи како регрутер во ИТ компании и води сопствен приватен бизнис.

Нашата соговорничка ни откри дел од нејзината инспиративна приказна и остварувањето на еден голем сон.

Мила Величковска
Мила Величковска / Фото: Приватна архива

Што сте по професија и како дојдовте до идејата за еколошките чинии изработени од кокосова кора? Од каде идејата за нешто вакво?

– Јас сум магистер по превод и толкување, меѓутоа последните четири години работам како регрутер во ИТ компании. По речиси 10 години живеење надвор од Македонија (во Франција и во Австралија), имав прилика да видам како луѓето секојдневно бараат начини да ја заштитат животната средина, кревајќи ја свеста за користење еколошки производи. А, идејата за рачно изработени чинии од рециклирана кокосова кора се роди после нашето патување на островот Бали во 2019 година.

Мила Величковска
Рачно изработени чинии од рециклирана кокосова кора / Фото: Приватна архива

Вие сте доказ дека едно патување може да промени нечиј живот. Колку Бали влијаеше на вашиот живот и што најмногу ве воодушеви од тој далечен свет?

– За време на ова двонеделно патување, ние имавме прилика да престојуваме на различни места на островот. Нешто што остана непроменето се, дефинитивно, локалците, кои важат за многу дружељубив, смирен и пријатен народ. Нè воодушевија и долгите песочни плажи, флората и фауната, убавите зајдисонца, архитектурата и, секако, храната која најчесто беше сервирана во чинии изработени од кокосова кора – нешто што за нас беше сосема ново и невообичаено.

Мила Величковска
Мила Величковска / Фото: Приватна архива

Што мора да се посети на Бали? Што не смееме да пропуштиме доколку некогаш патот нѐ однесе натаму?

– Бали им овозможува убав престој со релаксирачки ритам на посетителите. Би ги издвоила Убуд – едно од најпрометните и најпосетените места на Бали, епицентарот на културата и уметноста, долината од оризови полиња, локалните пазари за уметнички дела, локални кафулиња и ресторани како „Лејзи кетс кафе“, „Јелоу флауер кафе“, „Балик“, „Сингл фин бич клуб“, „Ла Панча“, „Рок бар Бали“, храмот Улувату, плажите Кута, Џимбаран, Семињак… Дегустирање на кафето лувак, традиционалните палачинки од кокос и десертот од пржени банани.

Мила Величковска
Бали / Фото: Приватна архива

Процесот на реализација на една визија знае да биде брановит. Каков беше вашиот? Со какви предизвици се соочивте?

– Идејата за „Кокобуко“ се роди со желба и амбиција да ги донесеме кокосовите чиниите кај нас, меѓутоа реализацијата на истата траеше малку подолго од планираното, особено за време на светската пандемија. Првиот предизвик беше потрагата по компанија која изработува еколошки и реупотребливи производи, како и остварување долгогодишна соработка во иднина. Откако склучивме соработка со компанија од Виетнам, како најпредизвикувачки процес би ја издовила подготовката на целата документација потребна за увоз на производи и координацијата со различни институции во Македонија.

Мила Величковска
Мила Величковска / Фото: Приватна архива

Како го одржувате производството, имајќи предвид дека кокосот е тропско овошје кое не е толку застапено во нашата земја?

– Соработуваме со локална компанија од Виетнам, чија примарна дејност е рачна изработка на производи од реупотребливи материјали. За нас е најважно да го искоординираме времето на производство, а воедно и транспортот од Виетнам до Македонија, затоа што се работи за уникатни и рачно изработени кокосови чинии, кои се разликуваат по својата боја, големина и форма.

Мила Величковска
Мила Величковска / Фото: Приватна архива

Колку е развиена свеста за биоразградливи, еко-пријателски и реупотребливи производи кај нас? Дали мислите дека е тренд или начин на живот?

– Еко-свеста во Македонија е сѐ уште помалку присутна за разлика од другите земји, но во последниот период сме сведоци на позитивни промени и резултати. Сметам дека грижата за околината во којашто живееме, треба сите да ја имаат како лична обврска и дека секој треба да тргне од самиот себеси. Ние сакаме, колку што можеме, да придонесеме во процесот на менување на навиките со нашите производи, односно бирање еколошки производи секогаш кога тоа е возможно, со надеж дека еден ден сето тоа ќе прерасне во начин на живот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

„Љубовта“ меѓу Клоп и Ливерпул продолжува до 2026: Вљубен сум во ова место, во овој клуб

Следно

Во Куманово ќе се гради споменик за бранителите од 2001-ва и полицајците загинати во Диво насеље

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian