Министерските препораки одекнаа во празна училница

4 mins read

За жал, ниту едно дете не дојде на настава. Сите наставници штрајкуваат, што значи дека се наоѓаме во генерален штрајк, рече Наталија Делева, директорка на ОУ „Невена Георгиева Дуња“.

Родителите ниту денеска не ги однесоа децата во училиште, и покрај повикот на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, тоа да го сторат. Шаќири и на директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, им порача да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование.

Сепак, како и претходните денови, училиштата останаа празни, дознавме од неколку  наставнички и директорки на училишта.

Во градинките згрижуваа деца

– За жал, ниту едно дете не дојде на настава. Сите наставници штрајкуваат, што значи дека се наоѓаме во генерален штрајк – рече Наталија Делева, директорка на ОУ „Невена Георгиева Дуња“.

За разлика од нив, вработените во градинките го прекинаа штрајкот и повторно згрижуваат деца.

Вчеравечер, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) не го прифати понуденото зголемување на платите за 12 отсто.

Министерот Шаќири се огласи по оваа одлука и рече дека директорите имаат надлежности и одговараат за непостапување.

– Ги повикуваме и родителите и старателите на учениците од утре да продолжат да ги носат своите деца на училиште. Тие се најмалку виновни што губат настава поради несериозноста на една организација, но можат многу да помогнат во нормализирањето на состојбите. Да го завршиме ова лошо поглавје од тековната учебна година и да им овозможиме иднина на децата. Многумина од нив ги чекаат уписи во средни училишта или факултети. Многумина одлучиле да се вработат по завршување на средното образование, но неизвесно е доделувањето на дипломите во предвидениот рок. Да не ги уништуваме нивните планови и очекувања – рече министерот.

Шаќири во интервју за Макфакс денеска најави дека се разгледува и можноста за продолжување на наставата по 10 јуни со цел да се надомести изгубеното.

Двете партии се повикуваат на уставни права

Штрајкот во образованието продолжува да биде тема за меѓупартиски обвинувања. Од СДСМ тврдат дека поради политичка агенда на раководството на СОНК, децата се држат надвор од образовниот процес.

– Уцените и политичкото дејствување на раководството на СОНК се на штета на учениците и наставниот процес. Учениците мора да се вратат на настава. Правото на децата за образование е уставно загарантирано и не смее да се дозволи некој поради политичка агенда да им го загрозува – велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат власта да излезе во пресрет на барањата на наставниот кадар.

– Шаќири и Ковачевски треба да знаат дека правото на протест е со Устав загарантирано, и тоа е посилно од кој било закон кој погрешно ќе го интерпретира оваа неспособна влада. Пари за повисоки плати има, но Владата треба да се откаже од удобноста. Наместо закани, треба да се произведат решенија – велат од ВМРО ДПМНЕ.

Како организација која се залага за остварување и унапредување на универзалните човекови права, вклучително и правата на детето, ЦИВИЛ предупредува на кршење на детските права во остварувањето на правото на образование, како и на штетните последици по децата кои произлегуваат од долготрајниот прекин на наставата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Принова во семејството: Се породи водителката Анастасија Богдановска

Следно

Фон дер Лајен: Со одлуката на Гаспром, Русија се повредува себеси

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian