Формула 1: Трката во Мајами ќе му конкурира на Супербоул мечот

2 mins read

Трката е закажана на 8 мај, а ќе се вози на патека околу стадионот „Хард рок“, домот на Мајами долфинс, тим од НФЛ-лигата. Побарувачката на билети веќе далеку ја надминала понудата

Шефот на Мекларен, Зак Браун, изјави дека инаугуралната трка за Големата награда на Мајами следната недела ќе биде спортски настан што ќе му конкурира на Супербоул мечот, што се однесува до популарноста, гледаноста и посетеноста. Супербоул натпреварот, финалниот меч во првенството во американски фудбал, е најгледаниот и најпопуларниот спортски настан во САД.

Трката е закажана на 8 мај, а ќе се вози на патека околу стадионот „Хард рок“, домот на Мајами долфинс, тим од НФЛ-лигата. Побарувачката на билети веќе далеку ја надминала понудата.

– Ќе биде прекрасно. Јас сум тука шест години и никогаш не сум видел побарувачка или интерес за гран-при како што сум видел за Мајами. Трката му конкурира на Супербоул мечот. Јас сум околу Формула 1 дури 20 години и навикнат сум да одам на гран-при, но никогаш не сум видел такво нешто – изјавил Браун, а пренесува ЕСПН.

Мајами бил домаќин на Супербоул 11 пати, повеќе од било кое друго место, а шест пати тој спектакл се одржувал на стадионот „Хард рок“, последниот во 2020 година.

Трката е петта сезонава и заедно со трката во Остин, Тексас, е една од двете во САД оваа година. Во 2023 година ќе има три Ф1 трки во САД, заедно со онаа во Лас Вегас.

Трката во Остин ја привлече најбројната публика во Ф1 минатата година, со вкупно тридневна посетеност од 400.000 гледачи, а Браун рече дека патеката во Тексас одиграла голема улога во градењето на популарноста на овој спорт во регион што е од клучно значење за Формула 1.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Стефковски: Отворена нова работилница на ЈКП Гази Баба

Следно

Принова во семејството: Се породи водителката Анастасија Богдановска

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian