Дали кафето со лимон навистина ги топи мастите, ја штити кожата и ја ублажува главоболката?

7 mins read

Луѓето ширум светот се колнат дека шолја свежо подготвено кафе им помага подобро да го започнат денот, додека други тврдат дека за таа цел најмногу им помага чаша вода со лимон. Денешните трендови не ги заобиколуваат ниту оние во исхраната, па во последно време за почеток на денот стана популарна комбинацијата од овие два пијалоци за која се тврди дека ги топи мастите, ја штити кожата од сонцето и ублажува главоболка.

Кафе и лимон

За многумина од нас, шолја кафе е секојдневен ритуал. Секое утро во светот се пијат околу две милијарди шолји кафе, што го прави црниот пијалок најпопуларниот пијалок во светот.

Кафето содржи кофеин (триметилксантин), кој е одговорен за подобрување на различните аспекти на функцијата на мозокот, вклучувајќи ја меморијата, концентрацијата и нивото на енергија.

Кафето има свои добри страни, но само ако се консумира умерено. Има и лоши страни – употребата на кафе ја спречува апсорпцијата на витамини и минерали во организмот, значително го отежнува процесот на варење, но и поттикнува развој на болести поврзани со недостаток на витамини и минерали.

Од друга страна, лимонот е едно од најпродаваните цитруси во светот. Се користи со векови поради неговите лековити својства. Познато е дека и кафето и лимонот содржат многу антиоксиданси, кои го штитат организмот од штетните ефекти и прекумерните количини на слободни радикали. При нивно комбинирање се препорачува на 250 мл кафе да додадете сок од еден лимон.

За да разберете дали кафето со додаток на лимон може да донесе дополнителни здравствени придобивки, корисно е да ги земете предвид овие две работи независно една од друга.

Здравствени придобивки од кафето

Постојат многу студии кои зборуваат за многуте здравствени придобивки од кафето, од тоа дека го штити црниот дроб до тоа дека спречува депресија.

Во една од најголемите студии за кафе досега, Националниот институт за рак и Националниот институт за здравје открија дека пиењето до три шолји кафе дневно може да го намали ризикот од смрт за 16 проценти.

Позитивниот ефект на кофеинот врз бронходилатацијата е докажан во две студии во САД и Италија, каде што резултатите покажале дека три шолји дневно доведуваат и до значително намалување на нападите на астма. Исто така, треба да се спомене и диуретичкото дејство на кофеинот.

Кофеинот ги зголемува и лошиот и добриот холестерол, не менувајќи го нивниот меѓусебен однос, што е многу важно во однос на ризикот од коронарна срцева болест, па затоа не може да се смета за штетно.

И тоа, всушност, не е сè. Кога станува збор за зголемување на менталните и физичките перформанси, кофеинот е еден од најефективните суплементи.

Придобивките вклучуваат потенцијално зголемување на силата, мускулна издржливост, будност, намалени стапки на воочен напор, што значи дека тренингот полесно ќе го одработите во споредба со правење на истите вежби без доза на кофеин – велат нутриционистите.

Здравствени придобивки од лимонот

Лимонот е одличен извор на витамин Ц и флаваноиди, два моќни антиоксиданси кои се поврзани со помал ризик од рак, вклучувајќи рак на желудникот, панкреасот и дојката.

Еден лимон со средна големина обезбедува 25мг витамин Ц. Конзумирањето овошје и зеленчук богати со витамин Ц го намалува ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар, го штити имунолошкиот систем и помага во борбата против инфекции.

Постојат неколку здравствени тврдења за придобивките од консумирањето кафе со лимон, но треба да се одвојат фактите од митовите.

Кафето со лимон помага да се губат мастите – факт или мит?

Ова тврдење не е целосно неосновано. Некои студии покажуваат дека кофеинот може да помогне во забрзување на метаболизмот, што резултира со дополнително согорување на маснотии во мирување. Исто така, го стимулира нервниот систем, кој испраќа директни сигнали до масните клетки, кои ги разградуваат мастите. Сепак, ова нема да влијае на губењето маснотии, освен ако не сте во калориски дефицит или ако не согорувате повеќе калории отколку што внесувате.

Овде кафето би можело да влијае само на начинот на кој го намалува апетитот по конзумација, што може да доведе до помал внес на калории. Кога станува збор за лимонот, како и повеќето видови овошје, тој е здрав, но нема посебни, докажани придобивки кога станува збор за слабеење.

Значи, нема потврдени докази дека комбинирањето на кафе и лимон ќе обезбеди дополнителни придобивки во губењето на маснотиите.

Кафето со лимон ја ублажува главоболката – факт или мит?

Ова тврдење е речиси целосно неосновано. Додека некои студии покажаа дека високата конзумација на кофеин може да ја зголеми појавата на главоболки, други студии го покажаа токму спротивното.

Ако имате главоболка на дневна основа, може да биде корисно да експериментирате со внесот на кофеин и сами да дознаете дали и колку најмногу ви одговара. Но, нема докази дека додавањето лимон во кафето ќе ја ублажи главоболката.

Кафето со лимон помага за здравјето на кожата – факт или мит?

Докажано е дека здравата и убава кожа е поврзана со зголемен внес на овошје и зеленчук. Сепак, не е позната точната компонента во овошјето и зеленчукот која е одговорна за воочената придобивка.

Количината на микронутриенти кои се добиваат од сокот од лимон е минимална, па ако сакате да работите на здравјето на кожата, најдобро е да се фокусирате на зголемување на вкупниот внес на овошје и зеленчук.

Несакани ефекти од кафе со лимон

Иако нема докази дека комбинирањето на кафе и лимон ќе предизвика некои специфични несакани ефекти, има неколку работи што треба да ги имате на ум.

Сокот од лимон е кисел и може да предизвика оштетување на забната глеѓ или надворешната обвивка на забот, доколку се користи подолго време, па затоа е пожелно да се измие устата со вода веднаш по консумирањето. Не треба да заборавиме дека дејството на кофеинот трае околу пет часа, што значи дека долго време ќе остане во нашиот организам откако ќе испиеме шолја кафе. Нутриционистите советуваат да се консумира кофеин најдоцна до 15 часот бидејќи може негативно да влијае на сонот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Израел го менува составот на девизните резерви, за првпат дел од богатството ќе го чува во јуани

Следно

Ќе штрајкуваат вработените во Управата за матични книги: Нема вадење документи

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian