Надал доби достоен наследник, Карлос Алкараз е иднината на тенисот

6 mins read

Тенискиот свет годинава доби нова ѕвезда во Карлос Алкараз кој со прикажаните игри покажа дека иднината на „белиот спорт“ има блескава иднина по заминување во пензија на големата тројка: Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Рожер Федерер.

Одличните игри во 2022 година му овозможија денеска за прв пат да се најде меѓу најдобрите 10 тенисери на АТП ранг-листата.

Младиот 18-годишен Шпанец вчера триумфира на турнирот во Барселона во полуфиналето беше подобар од Алекс де Минор во три сета (6:7,7:6,6:4) и во меч кој траеше 3 часа и 43 минути. Но, само три часа подоцна мораше да го игра финалниот меч против Пабло Карења-Буста бидејќи организаторот одлучи да го помести терминот поради дожд и лоши временски услови.

Но, тоа не му пречеше на Алкараз во финалето да му препушти на Карењо-Буста само пет гема и со 6:3,6:2 да триумфира. На патот до титулата, Алкараз славеше над Стефанос Циципас и токму тој меч му го обезбеди влезот во топ 10 на АТП ранг-листата и тој од денеска е деветти тенисер на светот.

Одличните игри во послените две години ги натера тениските експерти да го споредуваат со неговиот идол Рафаел Надал и досегашните резултати го потврдуваат неговиот прекар кој засега тивко се шепоти „новиот Надал“, но доколку продолжи со одличните игри, сигурно е дека се погласно ќе се зборува за тој прекар.

Неверојатно е што Алкараз влезе во топ 10 на АТП ранг-листата на ист дека, на иста возраст и на исто место со Рафаел Надал, само 17 години подоцна.

Надал победи на турнирот во Барселона во 2005 година како 18-годишен суперталентиран тенисер, а денеска се смета за еден од најдобрите тенисери на сите времиња со рекордна 21 гренд слем титула во своите витрини.

Алкараз или „новиот Надал“ во 2022 година има импресивен скор од 22 победи и само 3 порази и се наоѓа на добар пат да обезбеди учество на завршниот мастерс турнир во Торино бидејќи се наоѓа на третото место со освоени 2.460 бодови и пред него се само Надал и Циципас.

Алкараз досега годинава освои три титули колку што и Надал, младиот Шпанец победи на турнирите во Рио де Жанеиро, на мастерсот во Мајами и во Барселона.

На првиот годинешен гренд слем, Австралија Опен дојде до третото коло каде во пет сета загуби од Матео Беретини, додека на мастерсот во Индијан Велс беше запрен во полуфиналето и тоа од идолот Надал. Единствен кикс на младиот Алкараз е мастерсот во Монте Карло каде загуби во својот прв меч од Себастијан Корда.

Алкараз по победата на турнирот во Рио де Жанеиро стана најмладиот играч кој се проби во топ 20 со само 18 години и девет месеци, а само два месеци подоцна, на воодушевување на целиот тениски свет, тој влезе во топ 10.

Рио де Жанеиро има посебно место во кариерата на Алкараз бидејќи токму таму ја забележа првата победа како професионалец и тоа на 16 години.

Карлос Алкараз/ фото: EPA-EFE/Alejandro Garcia

Карлос Алкараз со триумфот на мастерсот во Мајами стана најмладиот победник на овој турнир, надминувајќи го рекордот на Новак Ѓоковиќ кој првиот пехар во Мајами го освои 2007 година кога имаше неполни 20 години.

И покрај метеорскиот успех и големата самодоверба, Карлос Алкаразе е свесен дека не смее да лета во облаци и да остане цврсто на земја доколку сака биде идната голема ѕвезда.

– Нема граници за мене и не сакам да ги поставувам. Сакам да продолжам да играм на ова ниво и ако продолжам вака имам многу начини како да напредувам. Прво, сакам да продолжам да уживам на теренот, не сакам уште сега да го достигнам врвот. Отсекогаш сум бил нормално момче, но славата не ме плаши, секогаш ќе бидам истиот и нема да се менувам. Среќен сум што знам дека сум во Топ 10 на 18 години и дека тоа го направив на ист датум со мојот идол Рафа Надал и тоа е навистина импресивно – вели Алкараз кој признава дека неговиот стил е поблизок до тој на Федерер отколку до неговиот идол Надал.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Турскиот активист Осман Кавала осуден на доживотен затвор за финансирање на протестите во паркот „Гези“

Следно

ВИДЕО | Доналд Трамп „удри“ по принцот Хари: Меган го влече за нос

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian