Велигден во светот: Традиција и обичаи во Германија, Русија, Грција и други европски земји

6 mins read

За Велигден, најголемиот христијански празник, поврзани се различни обичаи, но во целиот христијански свет, застапено е фарбањето и дарувањето на јајца. Јајцето е симбол на обновување на природата и животот, а велигденското црвено јајце значи радост и за тие кои го даруваат и за тие кои го примаат. Заеднички обичај е празничната и богата вечера околу која се собира целото семејство.

Русија

Домаќинките во Русија однапред ја подготвуваат велигденската трпеза, со задолжителен симбол „кулич“ – велигденски колач од тесто и јајца, осветен на Голема Сабота. Осветена е и „пасха“, специјално јадење од младо сирење, павлака и јајца, со облик на пирамида, украсена со зашеќерено овошје, кое според традицијата го претставува симболот на гробот на Исус. Исто така „пасха“ е симбол на „полна куќа” и со неа се почестуваат гостите во знак на добредојде. И во Русија вообичаено е варење и фарбање јајца. Со векови најомилена детска игра е „кршење со јајца“, во која од противникот со победа се освојува неговата играчка или друго велигденско јајце кое го донеле со себе.

Фото: Pexels

Грција

Во Грција, Велигден не може да помине без црвени јајца, велигденски супи од јагнешки внатрешни органи, сладок колач и јадења од јагнешко месо. Јагнешката супа и јајцата обично се јадат во недела наутро по полноќната служба. Во недела наутро обичај е да се пече јагне на ражен, а луѓето во тек на повеќечасовното печење јадат мезе и пијат узо. Сепак, најзначаен обичај е фарбањето на јајца во црвена боја и поставување на првото офарбано јајце пред икона во куќата.

 

Еден од обичаите кој се практикува на островот Крф е и фрлање на „ботиседа“, керамички садови наполнети со вода од прозорците на улицата, додека во подрачјата кон Бугарија традиционално се одржува „борба со јајца“.

Фото: Profimedia

Бугарија

Велигденските обичаи во Бугарија се како и во другите православни земји кои се формирале со векови, а главно место на велигденската трпеза во Бугарија е „козињак” (домашна штрудла) и јајца исфарбани во црвена боја. Јајцата се завиткуваат во зелен трпезариски чаршаф (зелената е национална боја во Бугарија) и се носат во црква за осветување. Во Бугарија популарни се и велигденските фигури од чоколадо и шеќер во форма на зајак. На Велики Четврток се фарба првото јајце и се подготвува тесто за велигденскиот леб, кој има многу имиња во Бугарија – Велигденско кравајче, господова пита, корпа, харман, квасник, јајченик, плетенка или кукла. Бугарите го подготвуваат велигденскиот леб со црвени јајца во средината кои се подаруваат на првиот гостин што ќе ги посети.

Во неделата Бугарите одат во црква на света литургија и со свеќа во рака се враќаат во домовите. Исто така, во Бугарија обичај е за Велигден да се носи нова облека која го симболизира Исусовото воскреснување и раѓањето на нов живот на пролетта.

Италија

Во Италија традиционално се подготвува посебна велигденска „торта ди паскета”, солен колач со варени јајца и спанаќ, а празникот го дочекуваат со „коломбо”, колач во облик на гулабица која е симбол на добри вести. Сличен златножолт велигденски колач, кој се нарекува „мона”, се пече и во Шпанија, некаде и со јајца кои се редат на површината пред да се пече.

Во Швајцарија се подарува велигденска гулабица, „палома ди пасква”, колач со сушено овошје.

Франција

За Велигден во Франција, по традиционалната миса и барање на скриеното јајце во градината, семејството се собира на трпезата на печено јагне, а другиот ден обично е предвиден за семеен излет, додека на југозападниот дел на земјата за Велигденски Понеделник се прави џиновски омлет.

Фото: Profimedia

Англија

Во Англија на празничната маса наместо јагнешко, вообичаено служат шунка, и таму велигденските јајца се задолжителен дел од празникот.

Полска

Интересно е дека во Полска крајот на постите завршува кога на велигденската утринска миса ќе се благослови и испразни корпата наполнета со храна. За велигденскиот ручек се служи јагне направено на путер, кое ја симболизира пролетта. Децата заземаат посебно место за време на прославата на Велигден.

Германија

Во Германија за најмладите во градините се кријат корпи со јајца и чоколадни фигури, а дрвјата ги украсуваат со шарени украсни јајца.

Во Франција децата стојат во круг и во воздух фрлаат и фаќаат шарени јајца, додека во Америка ги кријат јајцата во куќата, дворот или градината, а потоа децата ги бараат, уверени дека во текот на ноќта ги скрил велигденскиот зајак, оставајќи слатки и други подароци.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Загорка Аврамовска со синот создава свет на фантазија од оброците

Следно

Мицкоски: Владата да ги исполни барањата на СОНК и учениците во вторник да се вратат на настава

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian