Марија Чапе, психолог: На анксиозноста не се случува ненадејно, ја канат нашите мисли!

10 mins read

Анксиозноста не е новост, новост е што почнавме да зборуваме за неа, смета психологот Марија Чапе, пишува порталот „Еспресо.мк“.

Анксиозноста е често последица, последица на промена или период во кој предолго сме биле премногу силни. Речиси секогаш на анксиозноста и претходи храброста. Во период на храброст трпиме и натрупуваме емоции, свесно или несвесно. Во тоа натрупување, нешто канализираме успешно, но нешто се акумулира. Акумулираниот стрес избива на површина како гејзер во моментот кога стивнала бурата и тогаш се појавуваат симптомите. Освен некои универзални симптоми како демотивација, безволност во извршување на секојдневни обврски, вознемиреност, несоница, промена на апетит, се појавуваат и промени на емотивно ниво. Тоа чувство е како да сме заробени во кафез, клучот го држиме во раце, а упорно бараме помош. Првиот аларм дека се случува нешто различно во нас, некогаш не го разбираме, но имаме желба да разбереме што е со нас. Тоа до некаде е и разликата меѓу анксиозност и депресија, анксиозноста те тера да бараш одговори од типот „што се случува со мене?“, додека депресијата не поставува прашања, вака го започнува разговорот психологот Марија Чапе од психолошкото советувалиште „Клуч“.

Кои се причините што доведуваат до анксиозност?

– Анксиозноста стана многу актуелна деновиве, иако постои долго колку и човештвото, но дури сега стана тема која можеби конечно го доби потребното внимание. Имено, анксиозноста вклучува спектар на причини поради кои се појавува. Зошто велам спектар? Затоа што има различни извори во кои постои сличност и се слеани и поврзани една со друга. Развојниот процес, генетески предиспозиции, родителски стилови на воспитување, животна средина, сите овие различни извори може да бидат потенцијални креатори на анксиозност кај личноста. А сличноста меѓу сите нив е во тоа што во нив е проткаена една основна гранка на која може да работиме и со тоа значително да креираме посакуван живот, а тоа е – емоционалната интелигенција. Кој и да е изворот на анксиозноста, ние не можеме да влијаеме врз него, но можеме да влијаеме врз процесот и преземањето на одговорност за нашата состојба и како да ја подобриме истата. Секогаш кога се соочуваме со предизвик на психичко ниво, треба да утврдиме што е наша работа, туѓа работа и божја работа или работа на универзумот, така успеваме да останеме во она што и е наша работа.

Марија Чапе
Марија Чапе / Фото: Приватна архива

Какви техники за помош постојат?

– Најдобрата техника е да се обратиме на психолог или стручно лице кое прво соодветно ќе процени што ни се случува, а потоа ќе ни препорача соодветни техники со кои би ја подобриле нашата состојба. Повеќе се тоа насоки и вежби со кои можеме да дојдеме до некое основно сознание околу нашата состојба и вежби со кои би ги следеле промените на мисловно и емоционално ниво.Во однос на насоките тргнете од 3 клучни прашања: „Дали сум среќна и исполнета со мир?“ – ова е суштинско прашање на кое нема секогаш да си дадете позитивен одговор, но секогаш ќе ве насочи да ги преиспитате двете важни емоции кои не и годат на анксиозноста, среќа и мир. „Каква порака ми носи ова што ми се случува?“ – ова ќе ви помогне да не се самосожалувате, да немате чувство дека ви се случува само вам, туку ќе го активира вашиот аналитички ум, оној кој е задолжен за разумни одговори и ќе ве поттикне да не бегате и да не се борите, туку да научите. „Дали можам да плачам?“ – ова прашање ќе ви открие дали плачете поради беспомошност или за да ви олесни. А доколку одговорот е негативен, ќе ви даде до знаење дека негде имате закочени емоции, кои ви го одземаат чувството на мир.

Вежбата која би ви ја предложила која се покажала како многу ефикасна во процесот на моето работење со клиенти е Дневник на емоции. Во овој дневник секоја вечер запишувајте ретроспектива на денот на емоционално ниво, која ќе ве учи да ги препознавате вашите емоции и да реагирате соодветно на истите или да научите како соодветно да го правите тоа. Водич нека ви бидат трите прашања: Што почувствував денес?, дали изреагирав соодветно на мојата емоција?, како би сакала да изреагирам?

Кои се начините за справување со анксиозноста и да ја победиме?

– Начини со кои можеме да се справиме и да ја победиме анксиозноста, е всушност да не ја доживуваме како борба или натпревар и да не бараме победник. Анксиозноста не е наш непријател и не мора така да ја гледаме. Сè што е во нас е дел од нас, и сè се појавило со некоја причина. Анксиозноста може да биде тешка, но многу добра лекција за нас доколку сме подготвени да ја сослушаме, односно да се сослушаме себе. Таа не е надвор од нас, туку во нас. Не се случува ненадејно и непокането, ја канат нашите мисли. Мисли исполнети со самокритичност, мисли исполнети со „не сум доволно добра”, ниска самодоверба, страв од успех или неуспех, промени посакувани или непосакувани, стресни ситуации. Таа е надворешна рефлексија на нашата внатрешност. Мојата порака до сите кои се соочуваат со оваа состојба е да знаат дека не се сами, туку се дел од толпата, да знаат дека има решение и дека е сосема во ред да се побара помош, дека не сте одбрале свесно да бидете во таа состојба, но потсвеста има свои патишта. Добрата вест е што преку работа со вистинскиот психолог за вас, можете свесно да одберете да бидете добро. Секој заслужува среќен живот, но пред да го добие мора да го побара.

Марија Чапе
Марија Чапе / Фото: Приватна архива

Зошто е сè поголем бројот на луѓе кои се среќаваат со оваа состојба?

– Не би можела да кажам дека е поголем. Мислам дека е поголем бројот на луѓето кои ја осознале оваа состојба и собрале храброст да зборуваат за неа. Всушност, не знам дали познавам некој кој никогаш не се соочил со оваа состојба во некој период од животот. Можеби разликата е што сега околностите се такви што некако дојде да е во ред и очекувано да имаш анксиозност, чудно е ако немаш, па затоа и луѓето си дозволуваат да ја искажат таа состојба бидејќи не се до тој степен осудувани и се развива една меѓучовечка емпатија во која се буди потреба да си помагаме. Сепак, тешките времиња имаат и добра страна ако ја побараме, ги сплотуваат луѓето.

Какво е влијанието на пандемијата и војната?

– Како да не беше доволна пандемијата! Пандемијата во нас пробуди емотивни „ѕверови“ кои не знаевме ни дека постојат. Не растури, па не состави, но траги ни остави. Но, ни покажа и колку сме силни, ни покажа колку може да веруваме и колку сме прилагодливи во позитивна смисла. Тест кој на овој или оној начин го истеравме. Згора на тоа, сега војната, тоа е веќе премногу, некогаш човек се уморува и од стравот. Сакам да верувам дека војната дојде кога сме поподготвени емотивно, во смисла да веруваме и да посакуваме да биде сè во ред, сепак, колку е посилна енергијата и вербата на секој од нас, толку го јакнеме и универзумот да ни возврати со таква енергија.

Помага ли тоа што сè повеќе луѓе одлучуваат да зборуваат за своите лични искуства со анксиозноста?

– Тоа што луѓето сè повеќе се отвораат и зборуваат гласно за анксиозноста доведува до многу позитивни реакции од оние кои никогаш тоа не би се осмелиле да го искажат, до оние кои не ни биле свесни што им се случува. Секако дека влијае врз сите. Убаво е да зборуваме, убаво е да се поддржуваме, а најубаво е да веруваме. Сè додека сите кои гласно зборуваат за тоа, а имаат влијание врз другите, ги упатуваат на соодветен начин да работат на себе, со стручно лице, сето тоа влијание не може да биде поинакво, освен позитивно.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Светскиот шампион Квартараро до првата победа сезонава во Мото ГП

Следно

Руските сили гранатирале украинска фабрика за експлозиви

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian