Возачот во редовите на „Ред Бул“, Макс Ферстапен е победник на трката за Големата награда на Емилија Ромања возена во Имола, Италија.
Холанѓанецот ја задржа пол позицијата, беше лидер во текот на целата трка и на крајот рутински славеше. Воедно освои и дополнителен бод за најбрз круг на трката.
Актуелниот светски шампион во Формула 1 од минатата година, на патеката „Енцо и Дино Ферари“ го запиша вториот триумф сезонава, а 22 во кариерата.
На втората позиција се најде неговиот тимски колега, Мексиканецот Серхио Перес, а третопласиран е членот на „Мекларен“, Британецот Ландо Норис.
Стартот на дожд ни донесе многу возбудувања и откажувањето на возачот на „Ферари“ Карлос Саинц по инцидентот со Даниел Рикардо.
Набргу дождот престана, а со тоа и возбудата на трката. Ферстапен ја држеше водечката позиција и постојано ја зголемуваше предноста пред Перес и третопласираниот Шарл Леклер.
Тежок момент во трката го доживеа седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, кога водечкиот Ферстапен го претекнуваше за цел круг.
RACE CLASSIFICATION
Career win #22 for @Max33Verstappen 👏#ImolaGP #F1 pic.twitter.com/TWCMJ00cxT
— Formula 1 (@F1) April 24, 2022
Лидерот во шампионатот, Леклер од Ферари, беше сигурен на третата позиција до девет круга пред крајот, кога ја загуби концентрацијата и се сврте на патеката во намерата да го престигне Перес, па го загуби местото на подиумот и неколку златни бодови во борбата за шампионската титула, па трката ја заврши само на шестото место.
Леклер останува прв во генералниот пласман со 86 бодови, пред Ферстапен (59) и Перес (54). Следната трка во Ф1 шампионатот ќе се вози на 8 мај во Мајами, САД.