НСДП: Резултатите од меѓународните тестови на учениците да бидат основа за идниот раст на платите на наставниците

2 mins read

Имајќи го предвид севкупниот економски и социјален амбиент кој произлегува од инфлаторните притисоци, НСДП има разбирање за барањата на СОНК за зголемување на платите, но цени дека понудените 10% од Владата треба да бидат прифатени од нивна страна и учениците веднаш да продолжат со редовна настава. Секое друго постапување на СОНК во однос на понуденото, ќе отвори сомнеж во јавноста, не за социјални, туку за политички мотиви за нивните ставови во однос на штрајкот во образованието, реагираат од НСДП.

„Како социјалдемократска партија го подржуваме социјалниот дијалог и зголемувањето на платите, но воедно цениме дека треба да се уважат и реалните околности.
НСДП е на ставот дека во овие моменти не треба да се третираат само социјалните аспекти на проблемот со платите во основното и средното образование, туку треба да се оди чекор напред, да се отпочне да се бараат и резултати и да се решаваат суштинските проблеми. Образованието е од фундаментално значење за целокупното општество, за сите негови сегменти, овде лежи темелот на севкупниот развој на државата.

Затоа, НСДП смета дека Владата на Република Северна Македонија во нејзините намери за воспоставување на методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор, во делот на основното и средното образование, како референтна точка да ги вклучи и резултатите кои ученици ги постигнуваат на некој од меѓународните тестови за проценки на образовни достигнувања, како што се ПИСА, ПИРЛС и ТИМСС тестовите. На овој начин, воспоставувајќи методологија на раст на платите втемелена и на објективни мерења на испорачани резултати  ќе се зголеми и отпорноста на образованието кон политичките манипулации и инструментализации во делот на тоа што е прифатливо, а што неприфатливо ниво на раст на платите на наставниците.

Стихијното решавање на социјалните проблеми во образованието не претставува суштинско третирање и на проблемот кој со години наназад го разјадува македонското општество. Веднаш е потребен системски одговор и на суштинското прашање: Зошто нашите ученици кога ќе подлежат на меѓународни стандарди на проверка на нивните способности, знаења и вештини кои ги стекнале во училиштата, подучувани од наставниот кадар кој деновиве штрајкува, секогаш имаат под просечни резултати?“, се наведува во соопштението на НСДП.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Од роденден, до свадба: Драган Спасов Дац и неговата сакана Весна стапија во брак

Следно

Кулеба: Оние кои не ја поддржуваат Украина со оружје, де факто ја поддржуваат руската агресија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian