Нема причина да се промени долгорочната политика на Бугарија, која има интерес С. Македонија да не остане долго надвор од ЕУ, што значи и под влијание на Белград и Москва, изјави копретседателот на партијата „Демократска Бугарија“ и и поранешен бугарски министер за правда, Христо Иванов, пренесуваат тамошните медиуми.
Прашањето за членството на С. Македонија во ЕУ е една од главните линии на поделба во владината коалиција. Во бугарската јавност се појавија гласини дека бугарскиот премиер Кирил Петков се подготвува за компромис и Бугарија во јуни да го укине ветото за преговарачката рамка за членство во ЕУ, додаваат бугарските медуми.
Според Иванов, има многу луѓе кои се заинтересирани односите меѓу Бугарија и С. Македонија да не се развиваат, па поради тоа политичарите мора да бидат многу внимателни и претпазливи со она што го изјавуваат.
„Негативните емоции лесно се палат, многу тешко се контролираат. Мораме пред се да се грижиме за националниот интерес на Бугарија, а не само изборно да се надеваме дека ќе се грееме на огнот на разгорените емоции“, потенцираше Иванов.
Во меѓувреме, бугарската ултранационалистичка партија “Преродба“ најави жестоки протести доколку премиерот Петков и дозволи на С. Македонија да ги започне преговорите со ЕУ.
“Петков дури си дозволи да води поинаква политика од онаа што е официјално усвоена и воспоставена за Македонија што поскоро да влезе во Европската Унија. Доколку тоа се случи, ќе организираме протести од големи размери за рушење на власта, бидејќи таквата измама со нашата историја е тотално неприфатлива.“ изјави пратеникот од редовите на “Преродба“, Ангел Георгиев, додавајќи дека политичките елити во Бугарија само “немо стојат и ја гледаат антибугарската хистерија во Македонија“.