Крунскиот доказ што ќе расчисти дали на Веапоска поради лекарска грешка ѝ беа извадени органи, седи во фиока?!

4 mins read

Два ипол месеци обвинителството во Струга во фиока го чува медицинското вештачење извршено од страна на Институтот за судска медицина за родилката од Дебар Јалдз Веапоска на која во струшката болница и беа извадени матката, јајникот и бубрегот откако отиде да се породи со царски рез.

Ова судско медицинско вештачење е крунски доказ во постапката и треба да придонесе да се донесе јавнообвинителска одлука дали постоела или не лекарска грешка од тимот докатори што го извеле пораѓањето, но од непознати причини, два ипол месеци се чека.

Од Обвинителството за „Слободен печат“ во повеќе наврати во кои се интересиравме за прогресот во постапката, го даваат истиот одговор дека „се анализираат сите прибрани докази и се преземаат дополнителни дејствија за утврдување на фактите по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“ и дека „во интерес на постапката не се во можност да споделат повеќе детали“.

Содржината на вештачењето е тајна, затоа што истрагата е тајна, меѓутоа е побарано од страна на самото обвинителство.

Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев за „Слободен печат“ вели дека по нивната кривична пријава до Обвинителството, предметот бил даден на судска медицина, која направила и наод и мислење.

-Тој наод и мислење се доставени до Јавното обвинителство во Струга и се чека одлука. Вештачењето инаку е изработено на 31 јануари 2022 година, а стигнато во обвинителството е на 1 февруари 2022 година, еден ден подоцна, ни изјави Јанев.

Случајот со Јалдз Веапоска ја разбранува јавноста затоа што жената отишла да се породи во болницата во Струга по регуларна бременост која ја водел тогашниот директор на струшката болница доктор Мухамед Асани. До царскиот рез на 27 август 2020 година, бременоста била без компликации, но по царскиот рез таа се разбудила со огромни болки во стомакот. И кажале да не паничи, дека не е ништо и ѝ дале инјекции против болка. Четири дена Веапоска била во струшката болница во агонија по што сакале да ја пуштат да си оди дома.

– Одбив да одам дома, освен ако не сакаат со крвет да ме извадат од болница. Дојде Асани и ми рече да си одам дома, да јадам топли супи и дека ќе ми помине. Не сакав. Анализите на крвта ми беа катастрофа. Сепак, ме отпуштија по што му реков на сопругот да ме носи некаде во Скопје и дека не можам да стојам на нозе. Дојде да ме земе маж ми, сестрите ми рекоа да го спремам бебето а јас не можев да стојам на нозе. Ми велат, зошто глумиш. Во тој момент се покажа дека не глумам зашто паднав во шок, се тресев целата, врискав и плачев. Му реков на сопругот, барај доктор, јас умирам, изјави Веапоска за настаните кои му следувале на пораѓањето.

Откако паднала во шок, повторно била внесена во операциона сала, а од неа излегла без матката, јајникот и бубрегот.

-Не знаев ништо. Подоцна разбрав на приватен преглед во „Систина“ во Скопје дека имам еден јајник.

После ова, Веапоска решава да ја бара правдата во судските лавиринти. Во меѓувреме, Државниот здравствен и санитарен инспекторат на директорот на струшката болница, гинекологот Мухамед Асани, му најде дома гинеколошка ординација за која немал регистрација и му ја затвори. После неколкумесечни притисоци од јавноста, Асани беше сменет од директорското место.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Апсолутно симпатично: Адријана Лима го откри полот на бебето

Следно

Руските воздухопловни сили уништиле два ракетни силоси „Точка-У“ во Украина

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian