Има ли Македонија капацитет да учествува во обновата на Украина?

4 mins read

Повеќе од јасно е дека војната во Украина ќе продолжи. Во овој момент се уште е нејасно колку истата ќе трае, какви ќе бидат контурите на евентуалниот мировен договор кој ќе следи меѓу двете страни и кој се ќе биде вклучен во обновата на земјата од рушевините.

Токму во тој контекст, а во однос на брзо обновување на државата по евентуалното завршување на конфликтот, деновиве европските челници се поотворено дискутираат дека на Украина ѝ е потребен план за обнова сличен на оној кој САД ѝ го понудија на Европа по завршувањето на Втората светска војна.

Еврокомесарот за буџет Јоханес Хан истакна дека Европа првенствено, но и земјите од меѓународната заедница, ќе биде неопходно да се вклучат во обновата на Украина. Иако тој не прецизираше колку пари ќе бидат потребни, кој ќе го сноси најголемиот товар за помошта и како ќе се одвива сето тоа, Хан кратко истакна дека во него треба да учествуваат сите, членките на Г20 но и самата Русија.

– Она што треба да го направиме за Украина е модерен Маршалов план – изјави Јоханес Хан за новинарите, пренесе Ројтерс.

Во меѓувреме, домашните познавачи на состојбите во изјава за „Слободен печат“ велат дека светот треба да се солидализира со Украина. Според нив, Македонија треба да се вклучи во процесот на обнова на земјата со оние капацитети со кои располага, независно дали тоа ќе биде преку градежни активности, хуманитарни или мировни.

Благоја Марковски, доктор на воено-политички науки

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски за „Слободен печат“ вели дека модерен „Маршалов план“ е неопходен за Украина. Според него, во овој момент не може да се претпостави колку време ќе трае војната во земјата, но планови за помош секогаш се добредојдени.

– Никој со сигурност не може да тврди коку ќе трае војната таму. Тоа е така бидејќи целите што беа поставени таму сега се менуваат од страна на Руската федерадија, тие не успеја да ја освојат цела Украина и сега ќе се посветат на регионот Донбас – посочува Марковски.

Според него, земјава од минатото има искуство во давање помош и солидарност кон државите низ светот кои биле зафатени од воени конфликти, а таа практика треба да се задржи и сега.

– Засега е тешко да се прогнозира обновата на земјата. Веројатно оваа улога ќе ја превземе ОН и во рамките на таквите активности, иако никој не може да наложи колку да помогне, се претпоставува дека секоја земја самостојно ќе дава свој придонес, дали финансиски, со градежна инфраструктира или сл. Убеден сум дека во една таква ситуација Македонија ќе ги понуди своите капацитети и ќе се вклучиме во обновата на Украина, независно дали нашата помош ќе доаѓа преку НАТО сојузот, индивидуално или со вклучување на домашниот градежен сектор  во обнова на земјата – вели Марковски.

Проф. Михаил Вит

Универзитетскиот професор од Чешка, Михаил Вит објаснува дека обновата на земјата ќе биде долготраен процес и во мирнодопски услови, а војната која беснее во Украина во моментов го прави тоа практично невозможно.

– Политичката, социјалната и економската катастрофа можат да бидат запрени само со помош на меѓународната заедница, поточно со учество на економските супер-сили. Воените случувања во моментов не говорат за една посветла иднина за која треба да се дискутира уште сега. Земјите во светот меѓу кои и Македонија треба да се вклучат час поскоро во креирањето на структирите и плановите за обнова на Украина – кратко посочува Вит.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | 20-годишен јутјубер им купил куќа на родителите: Погледнете ги реакциите

Следно

САД го забранува тестирањето противсателитски ракети

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian