Уште една снимка која ја покажува мирољубивата коегзистенција меѓу луѓето и домашните животни на тетовските улици беше објавена вечерва на социјалните мрежи – на неа се гледа како коњи во галоп се движат по еден од главните градски булевари, во строгиот центар на Тетово.
Двата коња, се чини, успешно ја заобиколуваат сообраќајната гужва, додека возачите во долгата редица на семафорот можат само да ги испратат со поглед.
Снимката ја објави еко-активистот Аријанит Џафери. Слични снимки имаше и во изминатите месеци, кога повозрасните жители на Тетово коментираа дека во околината на градот, особено на Шара и блиските планини Сува Гора и Жеден, коњите и денес се многу одгледувано домашно животно, но тие одамна не можеле олку често да се гледаат симнати во градот.