Ручек за денеска од Стефанија Несторовска: Пица од хелда

4 mins read

Едно од најомилените јадења е пицата, a познато е дека тајната на пицата е во доброто тесто. Толку е едноставно што, всушност, не може да биде покомплицирано.

За сите љубители на овој италијански специјалитет, за сите оние што сакаат да пробуваат нови комбинации, како и за оние што се нетолерантни на глутен, пицата од брашно од хелда е вистинскиот избор. Брашното од хелда нутритивно ќе го збогати тестото, а вкусот ќе биде поинтересен. Ако сè уште не сте ја вклучиле хелдата во вашата исхрана, сега е вистинското време.

Рецептот на инвентивната Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, може да биде одличен почеток за ова, бидејќи хелдата нема да преовладува со вкусот, а сепак, ќе придонесе за подобро и повкусно тесто.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 300 г (2+1/2 шолји) брашно од хелда
– 1 пакетче прашок за печиво
– 2 лажички сол
– 1 лажичка ориганo
– 1 лажичка ким
– 40 г (¼ шолја) чија семе
– 240 мл (1 шолја) вода
– 160 мл (2/3 шолја) вода (одделно)
– 60 мл (1/4 шолја) маслиново масло (или масло по желба)

Топинзи:

– доматно пире
– говедска пршута
– печурки
– рукола
– сусам
* слободно може да си ги адаптирате топинзите и да си додадете нешто по желба.

Начин на подготовка:

Во мал длабок сад се мешаат чија семето и 240 мл вода и се остава настрана, околу 15-ина минути, сѐ додека не се претвори во гел текстура. Ова ќе ни биде замена за јајца во понатамошниот рецепт.

Се загрева рерната на 180 степени и се поставува хартија за печење на тава за печење.
Во голем длабок сад се додаваат брашното, сол, оригано, ким и прашок за печиво. Се промешува.На истата смеса се додаваат и остатокот (160 мл) вода, маслиновото масло и чија јајцето.

Се промешува сѐ убаво сѐ додека не се соедини. Смесата треба да биде доста густа и малку леплива.

Добиената смеса се формира во голема топка и се дели на три еднакви делчиња. Се додава едно топче на тавата за печење и се растегнува тестото, за да добие форма на пица. Зошто смесата е доста леплива, најубаво ова да го правите со намрсени раце или, пак, со шпатула претходно натопена во масло.
Ако немате место на тавата, печете засебно.

Се пече 20 минути. Се вади од рерната, се додаваат сите топинзи и повторно се враќа на печење уште дополнителни 5-8 минути.

Пицата најубаво е да се јаде додека е топла, меѓутоа, може да ја чувате и во ладилник неколку дена. Пред консумирање, само стоплете ја малку во рерна и ќе биде повторно вкусна.
Може и тестото да го замрзнете во замрзнувач и да стои 1-2 месеца. Само оставете да се одмрзне неколку часа претходно и печете исто според инструкциите погоре.

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ Брашно од хелда може да си направите и сами со зрно од хелда. Доволно е да го измелете во блендер сѐ додека не добиете брашнеста текстура и потоа мерете според насоките во рецептот.

→ Од овој рецепт ми излегоа 3 мали пици. Со истата смеса може да направите и две поголеми пици или повеќе малечки (пита) лепчиња.

→ Чија можете да ја замените со 1-2 јајца. Сум пробала и така, само јас лично преферирам кога е со чија. На овој начин, дава малку поубава текстура.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Јокиќ немоќен против „воините“, Филаделфија го растури Торонто

Следно

Излезноста до 9 часот во Центар Жупа е 2,17 отсто

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian