Заев: Во време на војна на европскиот континент, видливо е колку е драгоцен Договорот од Преспа

8 mins read

Само се запрашувам како беше пред 2018 година, а како е сега и дали вредеше? Секако дека вредеше, истакнува поранешниот премиер Зоран Заев во разговор со дописничката на МИА од Атина веднаш по неговото обраќање на Конгресот на СИРИЗА, оценувајќи ги придобивките од Преспанскиот договор. Тој посочува дека наишол на позитивни реакции, не само од симпатизерите и членовите на грчката партија, туку и општо, за време на неговиот неколкудневен престој во Атина.

Според Заев, Договорот од Преспа им донел добро и на Северна Македонија и на Грција, а „посебно е видливо за време на војна, која се случува на европскиот континент, колку е драгоцен договорот и истовремено ја испраќа пораката дека се решаваат дури и тешките прашања, ако двете страни навистина сакаат да постигнат мир, да постигнат соработка, да постигнат секако подобра иднина, за идните генерации кои што доаѓаат после нас”.

Со оглед на тоа дека веќе има поинакво секојдневие далеку од премиерската функција и одговорностите што ги носи, Заев коментира дали гледано од овој временски аспект, би сменил нешто во преговорите.

Го постигнавме она што го сакавме, наше беше да го заштитиме нашиот македонски идентитет, македонскиот јазик и тоа го имаме, вели Заев.

Тој изрази надеж дека неговиот наследник, премиерот Димитар Ковачевски ќе ја исполни и последната од двете стратешки цели, „а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија и секако унапредување на економскиот стандард на целиот наш народ”.

Двајцата поранешни премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас освен Договорот од Преспа, ги врзува и пријателство, кое е очигледно и за време на нивните јавни настапи, а се покажа и за време на Конгресот.

Поранешниот премиер, со овации и аплаузи, беше пречекан на третиот Конгрес на СИРИЗА, како на првиот ден за време на говорот на лидерот на партијата Алексис Ципрас, така и синоќа за време на неговото обраќање пред делегатите и членовите на СИРИЗА, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, ги пренесува впечатоците.

Гостин сте на третиот Конгрес на СИРИЗА, кои се Вашите впечатоци од учеството? Судејќи според реакциите на присутните, одлично сте прифатен, се чини дека доста Ве ценат.

-Навистина сум почестен и од реакциите на претседателот на СИРИЗА, мојот пријател Алексис Ципрас, но и на сите овие 5.700 делегати, а присутни некаде повеќе од 7.000 луѓе на овој стадион овде во Атина.

Реакциите се позитивни, луѓето реагираат веројатно заради тоа што знаат што значат договорите. Дека прво нема зијан од нив, дека носат добро на сите што договараат било што. Така и овој нашиот, Преспанскиот договор, донесе добро на Северна Македонија, донесе добро и на Грција, посебно е видлив за време на војна, која се случува на европскиот континент, колку е драгоцен договорот, а истовремено ја испраќа пораката дека се решаваат дури и тешките прашања, ако двете страни навистина сакаат да постигнат мир, да постигнат соработка, да постигнат секако подобра иднина, за идните генерации кои што доаѓаат после нас.

Мене ми е драго што овие два три дена овде во Атина, целокупното однесување на грчкиот народ е позитивно. Ај да кажеме како двајца левичари, јас и Алексис или две политички партии со лева ориентација, па така и нашите членови и делегати на конгрес поддржуваат е една работа, но задоволен сум и среќен што навистина луѓето по улица, додека пиевме кафе некаде, во хотелот каде што сме сместени..

Ве препознаваат?

-Ме препознаваат сите и сите се пријатни. И само се запрашувам како беше пред 2018 година, а како е сега и дали вредеше? Секако дека вредеше. Прво луѓето се пријателски настроени, јас знам дека и Алексис има почитување во Северна Македонија, кај целиот наш македонски народ, а како што и јас еве се чувствувам навистина убаво овде во Атина, па и во Солун и во другите градови во Грција кога одиме. Така да, нема зијан од пријателството, нека го има што повеќе и на Балканот, но и во Европа.

Велите дека вредеше, гледајќи од овој временски аспект, речиси четири години по Договорот од Преспа, сега кога не сте повеќе премиер, сигурно имате и повеќе слободно време за размислување, би промениле нешто? Во преговорите? Во самиот договор?

-Во преговорите го постигнавме ние тоа што сакавме, веројатно и грчката страна го постигна, па така бидна и договорот. Неколку пати кажувам, водев грижа за Алексис и неговите позиции пред неговиот народ, пред Владата, пред Парламентот, како што водеше и тој, за моите позиции пред македонскиот народ, пред Парламентот, пред Владата. Наше беше да го заштитиме нашиот македонски идентитет, македонскиот јазик и тоа го имаме. Тие побараа име со географска одредница и ерга омнес. Зошто ерга омнес? За да нема повторно кавги, затоа што тешко се разграничува што е за дома што е за надвор.

На крајот имаме одржливо решение, кое што денеска претставува една база за иднината кое што треба да донесе уште поголеми соработки од тие што денеска ги имаме. Затоа што овој договор, навистина може да биде основа или една фондација на унапредување на соработката на секое можно ниво, која што секако и сега ја има. Има огромен број на економски унапредувања, инвестиции грчки, соработка во областа на спортот, на образованието, на културата итн. Но, можностите се огромни, дури не можеме да ги замислиме точно кои се можностите што стојат пред нас.

Така што, секако сум среќен и еве денеска гледајќи од ваква ретроспектива затоа што договорот пред сè беше решавање на билатерално прашање помеѓу два соседа. Секако после него, веднаш дојде НАТО, нашата огромна афирмација во демократскиот свет и во Европската унија поточно, но и во целокупниот демократски свет, која што за жал до крај не беше исполнета, тоа што значи наше очекување, а тоа е и почеток на преговорите со Европската Унија.

Искрено, се надевам дека тоа ќе го заврши нашиот нов премиер господинот Ковачевски, кој што одлично ја стартуваше својата мисија за целиот овој наш народ и за целата држава, а тоа е да ја исполниме уште едната од двете преостанати стратешки цели, а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија и секако унапредување на економскиот стандард на целиот наш народ.

 

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Петар Грашо проговори за разделбата со Данијела: Сè е чисто и јасно

Следно

Неколку пријави за каснување од куче, во Аеродром и Драчево

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian