Петков пристигна во Битола, пречекан со транспаренти: „Гоце е Македонија“, „Фашисти пресоблечени во администратори“.

2 mins read

Бугарскиот премиер Кирил Петков заедно со потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева пристигнаа во Битола, на отворање на клуб во состав на културниот центар „Ванчо Михаилов“.

Како што пренесуваат локалните медиуми, градот е под засилено полициско обезбедување.

По повод доаѓањето на бугарската делегација, во Битола се најавени повеќе протести.

Протест најавија од Сојузот на борците од Битола кои обвинија дека со отворање на клубот „Ванчо Михаилов“, се рехабилитира фашистичката идеологија. Тие реагираа и што владата толерира промоција на културен центар, кој, според нив, директно и индиректно ја помага рехабилитацијата на фашизмот и антимакедонизмот.

„Преку името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III, се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна, се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на Националноослободителната војна на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмација на македонскиот нациоинален индивидуалитет и македонската национална држава и се врши навреда на македонското национално достоинство“, се вели меѓу другото во повикот на Сојузот на борците од Битола и граѓани поддржувачи.

Протест најави и политичката партија Левица, поради „отворањето на клуб под името на еден од промоторите на фашизмот, империјализмот и антимакедонските политики“.

Бугарската делегација предводена од премиерот Петков, жители на битолското село Кравари ја пречекаа со транспаренти на кои пишуваше „Гоце е Македонија“, „Кога ќе признаете дека има Македонци во Бугарија?“, „Фашисти пресоблечени во администратори“.

Фотографиите од герила-акцијата се објавени на фејсбук страницата „Македонски Непокор“.

По свеченоста во Битола, бугарскиот премиер Петков и министерката Генчовска заедно со своите домаќини, македонските министри за надворешни работи Бујар Османи и за транспорт и врски Благој Бочварски ќе го посетат и извршат увид на електро-енергетскиот проект „Битола 2“ кој е во рамки на Коридор-8 и е наменет за реализација на интерконекција меѓу Северна Македонија и Албанија.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Протекоа детали од средбата во Лондон: Принцот Чарлс одвоил само 15 минути за Хари и Меган

Следно

Авганистански цивили загинале во напади на пакистанските сили во близина на границата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian