ОН: Пет милиони луѓе досега избегаа од војната во Украина

2 mins read

Повеќе од пет милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, покажаа последните податоци на ОН.

Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) соопшти дека 4.796.245 милиони Украинци побегнале преку граница, а Меѓународната организација за миграција на Обединетите нации (ИОМ) соопшти дека речиси 215.000 државјани на трети земји, исто така, побегнале во соседните земји.

Според проценките на експертите, ова е најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна. Податоците на УНХЦР денеска се за 59.774 повеќе отколку во четвртокот.

Повеќе од 2,7 милиони украински бегалци – речиси шест од десет кои ја напуштиле земјата од почетокот на војната – побегнале во Полска. Повеќе од 725.000 луѓе стигнале до Романија.

Податоците на УНХЦР покажуваат дека речиси 645.000 Украинци избегале во февруари, речиси 3,4 милиони во март и повеќе од 760.000 во април.

Вкупно 90 проценти од луѓето што ја напуштаат Украина се жени и деца, додека мажите на возраст од 18 до 60 години не можат да ја напуштат земјата. Речиси две третини од сите украински деца биле принудени да ги напуштат своите домови, вклучително и оние кои сè уште се во земјата. Речиси 215.000 државјани на трети земји кои избегале преку граница се главно студенти и работници мигранти.

Покрај бегалците, ИОМ проценува дека 7,1 милион луѓе ги напуштиле своите домови, но сè уште се во Украина.

Пред инвазијата, населението на Украина во регионите контролирани од владата, со исклучок на анектираниот Крим од Русија и регионите под контрола на проруските сепаратисти на исток, изнесуваше 37 милиони. (МИА)

kurir.mk

Претходно

СОНК викендов ќе одлучува дали штрајкот ќе го стави во мирување

Следно

Скопските пожарникари завршија обука за атомска, биолошка и хемиска одбрана

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian