Корупцијата во Македонија се гледа дури и од Вашингтон

4 mins read

Стејт департментот истакнува дека Владата презема чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција.

Случаи на несоодветно однесување и лоши услови во затворите, закани кон новинари, корупција и родово и семејно насилство, нотира американскиот Стејт департамент во извештајот за човековите права во Македонија за 2021 година. Стејт департментот истакнува дека Владата презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција.

Во Извештајот се оценува дека полициската неказнивост и понатаму е проблем, но во помала мера отколку во минатото. Наведено е како пример приведувањето на поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски за измама при набавка на софтвер за следење на сообраќајот за МВР. Извештајот констатира дека и судството и Јавното обвинителство немаат доволно финансии и вработени.

Во однос на парламентарните избори кои се одржаа во 2020, Извештајот ги окарактеризира изборите како „вистински конкурентни” и покрај, како што се наведува, ограничената способност на политичарите да спроведат достапност за време на пандемијата.

Извештајот пренесува изјава од претседателката на ДКСК Билјана Ивановска со која се истакнува дека и покрај зголемената перцепција за корупција во судството, само 20 отсто од претставките поднесени до ДКСК се однесуваат на судството, што укажува на јаз меѓу перцепцијата и искуството.

– Нема сериозни стратегии и волја за борба против корупцијата во владата и во другите пониски органи. Едноставно се е премолчено одобрено и последните случаи покажуваат дека општеството во Северна Македонија и политиката се крајно корумпирани. Државата  е во шок и нема излез. На некој начин оваа корупција беше толерирана и од меѓународната заедница и сега ситуацијата е крајно срамна за сите, особено за владата -вели за „Слободен печат“ Селим Ибраими од Институтот за безбедносни студии .

Новинарката Гордана Дуњак вели дека извештајот на Стејт департменот повеќе пати предупредува на состојбата во затворите.

– Јас во последниве неколку години неколку пати одев и правев репортажи во затворите. Не дека нешто не се менува, но тоа што се прави е премногу бавно. Состојбата на затворите е лошо оценета. Она што е направено е на база на донации а не од страна на државата што исто така е забележано во извештајот –  вели Дувњак.

Бугарија ги крши правата на етничките Македонци

Американскиот Стејт департмент во извештајот за состојбата човековите права во светот во 2021 година, во делот за Бугарија не само што наведува дека таму постојат етнички Македонци, туку и дека се нарушуваат нивните права за слобода на здружување.

„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите. Во еден пример на 31 мај, апелацискиот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се одбива регистрацијата на Здружението на угнетените Македонци“ – се наведува во извештајот на Стејт Департментот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Онколозите го даваат наједноставниот совет: Како да го спречите настанувањето на карцином

Следно

ФБИ тврди дека Северна Кореја стои зад големата кражба на криптовалути од минатиот месец

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian