Попис 2021: Просечното домаќинство за 20 години намалено за половина член

3 mins read

Просечното домаќинство во државата во последните 20 години има загубено по половина член и бележи намалување од 3,6 членови во 2002 година, на 3,06 членови во 2021 година.

Ова е тренд во сите општини освен во Чаир, Шуто Оризари и Чашка во кои има раст и во Сарај, Градско и Пехчево, каде има стагнација.

Општина со најмалку членови по домаќинство е Македонска Каменица – 2,43, а со најмногу се Арачиново и Желино по – 4,45.

Сепак, иако Арачиново и Желино во просек имаат најголеми домаќинства, и тие бележат пад во последните 20 години, и тоа Арачиново од 0,66, а Желино за 0,22.

Дебар и Македонска Каменица се општини кои имаат најголем пад и имаат загубено по околу еден член од семејството и тоа Дебар –  1,28, а Македонска Каменица – 0,90.

Просечното домаќинство е најголемо во Полошкиот регион и брои 3,48 членови, додека е најмало во Источниот регион со 2,69 членови. Најголемо намалување во бројот на членови по домаќинство има во Југозападниот регион – 1,32 членови, од 4,41 во 2002 на 3,09 во 2021 година.

Од вкупно 80 општини во над половина просечното домаќинство има меѓу 2,5 и 3 члена, 23 проценти бројат од 3 до 3,5 члена, 15 проценти од 3,5 до 4 члена, 7,5 проценти над 4 члена и 2,5 проценти под 2,5 члена.

Трендот на намалување е присутен од осамостојувањето досега, кога во 1994 година на првиот попис од независноста просечниот број на членови во едно домаќинство бил 3,85.

Интересно е дека додека бројот на население по Втората светска војна бележи постојан раст, исто како и вкупната бројка на домаќинства, сепак бројот на членови по домаќинство се намалува. Така, на пописот во 1953 имало вкупно 1 304 514 жители, просечното семејство броело 5,30 членови. Од тогаш па навака, на сите пописи бројот на членови по домаќинства е во пад 1961 – 5,02; 1971 – 4,68; 1981 – 4,38; 1994 – 3,85; 2002 – 3,58 и 2021 – 3,06.

Според податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 – вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица. Со ова земјава се вратила на нивото од пред пописот во 1981 година, кога за прв пат на територијата на нашата земја имало над 1,9 милиони жители, бројот на домаќинства изнесувал – 435 372, а просечното семејство броело 4,38 членови. Според густината на население, тогаш имало 74,2 жители на километар квадратен, а на последниот попис во 2021 – 71,43 жители на километар квадратен.

Најмногу жители имало на пописот во 2002 година, кога сме броеле 2 022 547 луѓе, со густина од 78,65 жители на километар квадратен.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 е прв попис на кој се попишуваше и нерезидентното население – 260 606 граѓани, кои во време на пописот престојуваат 12 или повеќе месеци надвор од државата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 14 април: Денес ќе ви бидат откриени тајни

Следно

Уапсен напаѓачот кој рани десет луѓе во метро во Њујорк

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian